233/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членот 9 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борко Трајковски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 9 од Законот за државјанството на Република Македонија, во која наведува дека оспорената одредба, според која странец кој ќе стапи во брак со државјанин на Република Македонија и во бракот ќе проведе три години, може да се стекне со државјанство на Република Македонија, ако една година до поднесувањето на барањето законски престојувал на територијата на Република Македонија, не била во согласност со членот 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите се еднакви, бидејќи ги ставала во нерамноправна положба останатите граѓани кои се стекнуваат со државјанство под условите од членот 7 од Законот за државјанството на Република Македонија и за кои се бара до поднесувањето на барањето законски да престојувале на територијата на Република Македонија непрекинато најмалку 15 години. Исто така, предлагачот смета дека со оспорената одредба се дискриминирал брачниот другар со македонско државјанство бидејќи не се барала негова согласност за давање на ваква привилегија на неговиот брачен другар кој не е македонски државјанин. Предлага Судот да ја поништи оспорената одредба како неуставна.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 7 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој поднесол барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следните услови:

1. Да наполнил 18 години живот;
2. До поднесувањето на барањето законски да престојувал на територијата на Република Македонија непрекинато најмалку 15 години;
3. Да е психофизички здрав;
4. Да има обезбедено стан и постојан извор на средства;
5. Против него да не се води кривична постапка во државата чиј државјанин е или во Република Македонија;
6. Да го владее македонскиот јазик;
7. Неговото примање во државјанство на Република Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и
8. Да има отпуст од странско државјанство, односно доказ дека ќе добие отпуст ако биде примен во државјанство на Република Македонија.

Според оспорената одредба од членот 9 од Законот, странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку три години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонија, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија, иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 8 од истиот закон.

Понатаму Судот утврди дека со решение У.бр.168/93 од 9 септември 1993 година се изјаснил дека членот 9 од Законот за државјанството на Република Македонија не е во несогласност со Уставот, од причини што оценил дека, согласно член 29 од Уставот, не постои уставна пречка со закон да се утврдат посебни услови под кои странец може да се стекне со државјанство на Република Македонија, а во тие рамки може да ја предвиди само брачната заедница со државјанин на Република Македонија како основ за стекнување на државјанство. Притоа, Судот оценил дека членот 9 од Уставот се однесува само на граѓаните на Република Македонија, а не и на странците, кои слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија ги уживаат под посебни услови утврдени со закон и со меѓународни договори.

Со решение У.бр.101/95 од 12 април 1995 година, Уставниот суд ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на членовите 9 и 11 од Законот за државјанството на Република Македонија, со која членот 9 од Законот бил оспорен од аспект на нееднаквиот третман на брачната и вонбрачната заедница како услов за стекнување на државјанство, од причини што веќе ја оценувал уставноста на членовите 9 и 11 од Законот, а по повод оваа иницијатива не нашол основ за поинакво одлучување.

4. Согласно член 4 став 3 од Уставот на Република Македонија, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, се уредени со Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92). Според Законот, државјанството на Република Македонија се стекнува со потекло, со раѓање на територијата на Република Македонија, со природување и со меѓународни договори.

Правното регулирање на условите и начините за стекнување и губење на државјанството, како правна и политичка врска помеѓу поединецот и државата, е во исклучива надлежност на државата. Во оваа смисла, државата има право, при утврдувањето на условите за стекнување на државјанство со природување, за определена категорија на лица кои не се нејзини државјани, да предвиди олеснети услови или помалку услови, доколку оцени дека е тоа во нејзин интерес, односно во интерес на нејзините државјани.

Од друга страна, членот 9 од Уставот се однесува само на граѓаните на Република Македонија, а не и на странците, кои слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија ги уживаат под посебни услови утврдени со закон и меѓународни договори, согласно членот 29 став 1 од Уставот.

5. Од овие причини, имајќи предвид дека веќе одлучувал за уставноста на оспорената одредба, а по повод оваа иницијатива нема основ за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.233/97)