23/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3, член 410-а, член 417-а и член 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008 и 83/2009), целината на Законот за извршување (“Службен весник на РМ” број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008 и 83/2009) и членот 77 став 7 од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија” број 35/2005).

2. “Техно-интерекспорт” Душко ДООЕЛ-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законите и целината на Законот, означени во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот за парничната постапка, граѓаните и правните лица кои немале парични средства да ги авансираат судските трошоци со плаќање на судските такси, биле дискриминирани во правото за слободен пристап пред судовите во однос на граѓаните и правните лица кои можеле да ги плаќаат судските такси и со тоа истите не можеле да се повикаат на заштитата и слободите пред судовите на Република Македонија, со што се повредувле членовите 9 и 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и членот 54 став 3 од Уставот бидејќи тие одредби биле дискриминирачки за граѓаните и правните лица кои немале парични средства за плаќање на судските такси. Со оспорената одредба од Законот за извршување, според подносителот, се повредувал членот 15 став 1 од Уставот бидејќи со оспорената одредба било оневозможено против одлука на претседателот на судот да се поднесе жалба. Крајно, подносителот со иницијативата го оспорува и целиот Закон за извршување со образложение дека со него било оневозможено да се поднесе приговор против стручните помошни органи или организации кои учествувале во извршувањето, со што според подносителот се повредувал членот 24 став 1 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.

Од овие причини подносителот предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да се поништат како противуставни.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 146 ставовите 2 и 3 од Законот за парничната постапка е систематизиран во Делот први од Законот, Глава единаесетта – „Трошоци на постапката“, прва подглава – „Парнични трошоци“.

Според членот 146 став 1 од Законот: „Секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејствие“.

Оспорениот став 2 на истиот член од Законот предвидува: „Судот нема да постапува по тужба ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судската такса“. Содржината на оваа одредба е определена во основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005).

Во оспорениот став 3 на истиот член од Законот се определува: „Ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена“. Содржината на оваа одредба е дополнета со член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008 кој влезе во сила на 2 септември 2008 година).

Оспорените членови 410-а, 417-а и 429-а од Законот се систематизирани во Делот трети – „Посебни постапки“.

Оспорениот член 410-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, Глава дваесет и шеста – „Постапка во споровите поради смеќавање на владение“.

Во член 410 од Законот се определува дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката поради смеќавање на владние ќе се применуваат другите одредби на овој закон“.

Според оспорениот член 410-а од Законот: „Тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Содржината на оваа одредба е дополнета со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).

Оспорениот член 417-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, Глава дваесет и осма – „Издавање платен налог“.

Во член 417 од Законот се предвидува дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката за издавање платен налог ќе се применуваат другите одредби на овој закон“.

Според оспорениот член 417-а од Законот „Судот нема да издаде платен налог ако тужителот не ја плати судската такса. Тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Оваа одредба е, исто така, предвидена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).

Оспорениот член 429-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, Глава дваесет и деветта – „Постапка во спорови од мала вредност“.

Во член 429 од Законот е определено дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката во споровите од мала вредност ќе се применуваат другите одредби од овој закон“.

Според оспорениот член 429-а од Законот: „Тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Содржината и на оваа одредба е определена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).

Според членот 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

Според оспорениот член 77 став 7 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005), против одлуката на претседателот на судот не е дозволена жалба.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорените одредби од Законот за парничната постапка, биле предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нивната согласност со одредби од Уставот, односно со Решение на Уставниот суд на Република Македонија број 188/2008 од 17.12.2008 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 ставовите 2 и 3, членот 410-а, член 417-а и 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008).

Според ставот на Судот, законодавецот имал овластување со закон да ја уреди постапката пред судовите, при што законот мора да биде во согласност со Уставот и да го обезбеди правото на секој граѓанин да се повика на заштита на уставно утврдените слободи и права пред судовите врз начелата на приоритет и итност, независно од, покрај другото, неговото социјално потекло и имотна положба, со што се обезбедува остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како и определбата на Република Македонија за социјална држава.

Според ставот на Судот, неможело да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Уставот наведени во иницијативите, бидејќи покрај законските определби дека судот нема да постапува по тужбата, ако не биде платена судската такса, односно дека тужбата ќе се смета за повлечена ако тужителот во рок од 15 дена, а кај посебните постапки во рок од 8 дена, од денот на поднесувањето на тужбата, не ја плати судската такса, Законот истовремено ја уредил и постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот, кој нема средства, заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како и докази за основаноста на таквото барање (уверение за материјалната состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош, …). На тој начин Законот определил обврска за тужителот, кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна и од друга страна обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедил забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.

Имајќи предвид дека овој суд веќе ја оценувал уставноста на оспорените членови 146 ставови 2 и 3, членот 410-а, член 417-а и 429-а од Законот за парничната постапка и притоа со Решение број 188/2008 од 17.12.2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

Оспорениот член 77 став 7 од Законот за извршување, со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.број 185/2006 година од 17.01.2007 година, е укинат и истиот не е веќе во правниот поредок.
Во конкретниот случај подносителот не водел сметка дека оспорениот став 7 од членот 77 од Законот за извршување, не е веќе во правниот поредок како и околноста што со Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување (“Службен весник на РМ” број 8/08), членот 77 е изменет и дополнет со нови содржини и одредби. Ова дотолку повеќе што со оваа измена Законот за извршување е дополнет со нов член 77-а кој во став 1 пропишува дека против решение на претседателот на судот, странката или учесникот имаат право да поднесат жалба до апелациониот суд, на чие подрачје се наоѓа основниот суд.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на уставноста на дел од законска одредба од Законот за извршување, која повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека во овој случај се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

Со иницијативата, исто така, се оспорува целината на Законот за извршување со образложение дека со него било оневозможено да се поднесе приговор против стручните помошни органи или организации кои учествувале во извршувањето и според подносителот со тој недостаток се повредувал членот 24 став 1 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор, односно со иницијативата се оспорува во целина Законот за извршување од аспект дека не содржи одредба која според подносителот на иницијативата Законот требало да ја содржи.

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за извршување кои се предвидени и содржани во Законот, но овој суд нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а требало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поаѓајќи од иницијативата со која се оспорува уставноста на Законот за извршување од аспект дека не предвидува одредби какви Законот според подносителот на иницијативата требало да ги содржи, па поради тоа тој бил спротивен на Уставот, а имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 23/2009
28 октомври 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски