23/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 и член 120 од Законот за индустриската сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/1993).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 53 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот во иницијативата наведува дека со членовите 10 и 120 од Законот за индустриска сопственост биле определени нови категории на правни застапници пред органите на државната управа и судовите, лица со технички факултет и други кои немаат правен факултет и положен правосуден испит, а кои можеле да даваат правна помош пред органите на државната управа и судовите врз основа на положен стручен испит. Полагањето на овој стручен испит било задолжително и за адвокатите кои што се појавувале како полномошници кои ја обезбедувале оваа правна помош. Поради тоа, подносителот смета дека според овие законски одредби, спротивно на Уставот на Република Македонија (член 53) адво катот за да дава правна помош во такви предмети од областа на индустриската сопственост морал да полага друг, стручен испит, со кој всушност се девалвира положениот правосуден испит. Оттука, подносителот смета дека со оспорените одредби непосредно се загрозува уставната положба на адвокатурата од член 53 од Уставот, која е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
3. Судот на седницата утврди дека во Законот за индустриска сопственост (” Службен весник на Република Македонија” бр.42/93) што е предмет на оспорување во сега поднесената иницијатива, во член 10 е предвидено:
“Во постапката пред Заводот, органите на управата и судовите, странските правни и физички лица ги остваруваат правата од овој Закон преку полномошник кој е домашно правно лице регистрирано за застапување во областа на индустриската сопственост или државјанин на Република Македонија на кој застапувањето во областа на индустриската сопственост му е занимање.
Во Главата ИЏ “Застапување” во членот 120 од Законот за индустриската сопственост е предвидено дека астапување на странките во постапката за заштита на индустриската сопственост можат да вршат физички и правни лица кои се запишани во регистарот на застапници што го води Заводот.
Во регистарот од став 1 на овој член можат да се запишат:
1) Физичко лице кое има завршен правен или еден од техничките факултети и положен специјалистички испит од областа на индустриската сопственост, или посебен стручен испит од областа што се уредува со овој закон, положен во Заводот;
2) Правно лице кое има вработено најмалку едно лице со завршен правен или технички факултет кое ги исполнува условите од точка 1 на овој член.
Функционерот што раководи со органот на управата надлежен за работите на развојот донесува поблиски прописи за регистарот на застапниците од став 1 на овој член и за содржината на стручниот испит од став 2 точка 1 на овој член.
4. Судот исто така утврди дека согласно член 231 од Законот за индустриска сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/2002) со денот на отпочнување на примената на овој закон, престанува да важи Законот за индустриската сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/1993).
Согласно член 232 од Законот за индустриска сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/2002 и 42/2003) овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 јануари 2004 година.
5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Анализирајќи ги горецитираните уставни и законски одредби во корелација со времето на поднесување на предметната иницијатива (17 февруари 2004 година), Судот оцени дека оспорените законски одредби се дел од Закон кој престанал да важи поради што Судот утврди дека во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.23/2004
3 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова