23/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 7 до 20 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање, донесен од Министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина (“Службен весник на РМ” бр.11/97).

2. Димитар Илиевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе инциијатива за оценување законитоста на членовите 7 до 20 од актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со нив Министерот ги пречекорил своите овластувања утврдени во член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и пропишал одредби од материјално правна природа кои треба да бидат уредени со закон, а не со правилник. Така, тој пропишал повеќе видови зони (зона за домување, производна зона, зона за рекреација, посебни зони), потоа пропишал норматив за инсолација, минимално растојание кои одредби треба да се создржани во Законот за просторно и урбанистичко планирање, а не во правилникот. Поради тоа членовите 7 до 20 од Правилникот не биле во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Правилникот е предвидено дека со овој правилник се пропишуваат стандарди, нормативи за планирање, кои ќе се применуват при изработување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината, односно при организирање нови урбанистичко-архитектонски целини и во организирани населби со максимално почитување на постојната состојба односно изградените објекти.

Со членовите 2, 3, 4, 5 и 6 од Правилникот се определени содржините на домување утврдени со урбанистичките планови во кои спаѓаат зона за живеење со градини или со заеднички станбени структури, зона на сервиси во која треба да се предвидат складишта, стоваришта и слични содржини, зона за рекреација, која треба да содржи целини наменети за рекреација, спортски активности, зона за викенд куќи, одморалишта и сл. и во посебната зона во која спаѓаат содржини од јавен интерес како што се зона со јавни намени од интерес за државата, трговски центри, саеми, изложбена и конгресна зона и т.н.

Од изнесените одредби од Правилникот не произлегува дека тие зони ги предвидува Правилникот затоа што зоните се предвидуваат со генералниот план, а правилникот само ја предвидел содржината на зоните.

Понтаму, во членовите 7 до 20 се предвидува: минималните растојанија меѓу станбените објекти (член 7); големината на парцелата за домување, односно минималната широчина на парцелата, (член 8); коефициентот на искористување на земјиштето за станбени објекти или комплекси, станбено-деловни објекти или комплекси, во зони со индустрија и трговија и во централните градски подрачја (член 9); просечната станбена површина по жител (член 10); предвидување на еркери на објектите (член 11); минималното растојание меѓу две регулациони линии и определување сообраќајно-инфраструктурен коридор (член 12); определување на височината на објектите и начинот на утврдувањето (член 13); процентот на изграденост на локацијата (член 14); параметри при планирање на содржини за образование (член 15); параметри за планирање на објекти од областа на културата (член 16), здравството (член 17), како и други јавни објекти (член 18; определување минимален број на паркиралишни места (член 19) и потребата за пристап до објектите и содржините од страна на хендикепираните лица (член 20).

4. Во член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на РМ” бр.4/96) е дадено овластување на Министерот надлежен за работите на урбанизмот да пропише покрај другото и стандарди и нормативи за планирање, а во врска со членовите 10, 11 и 12 од Законот.

Според член 10 од Законот генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и други подрачја предвидени за градба.

Генералниот урбанистички план содржи особено: намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфатот на урбаното подрачје, решенија за генерални водови и објекти на сообраќајната и другата инфраструктура, основни услови за изградба на станбени, стопански, јавни, спортско рекреативни и други објекти, градежни и регулациони линии и максимални висински коти, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното и градителското наследство, урбани санациони мерки и мерки за заштита од воени разурнувања, природни и технолошки непогоди, одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Во членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план содржи особено: план за намена на просторот и објектите, план за градежни парацели и површина за изградба на објекти опредлени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба, план за сообраќајна мрежа со нивелационо решение и мрежа на оски со геодетски податоци, решенија за секундарни водови и објекти на инфраструктура, услови за спречување на архитектонски бариери, урбани санациони мерки и плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното и градителското наследство, заштита од воени разурнувања природни и технолошки непогоди, одредби за спроведување на планот, биланси показатели и соодветни графички прикази.

Според член 12 од Законот урбанистичка документација за населено место во општината, се донесува за населено место од селски карактер.

Урбанистичката документација содржи особено намена на површините со граници на опфатот, основна сообраќајна мрежа и други инфраструктурни услови и режим за градба и соодветни графички прикази.

Плановите од член 10, 11 и 12 од Законот ги донесува општината, градот Скопје го донесува генералниот урбанистички план на град Скопје, а општините на подрачјето на град Скопје ги донесуваат деталните урбанистички планови.

Од цитираните законски одредби произлегува дека Законот точно ја определил содржината на генералните и деталните планови и урбанистичка документација за населено место. Исто така, Законот дал овластување на министерот надлежен за работите на урбанизмот да пропиште стандарди и нормативи за планирање, а кои се однесуваат на генералните планови, деталните планови и урбанистичката документација за населено место.

Притоа, тргнувајќи од фактот дека со просторното и урбанистичкото планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот како и услови за хумано живеење и работа на граѓаните, мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата. законот, определил дека е потребно донесување на еден технички норматив кој ќе определи воедначен стручен пристап при изработка на урбанистичките планови.

Предвидувајќи минимални растојанија меѓу станбените објекти, големина на парцела за домување, коефициент на искористеност на земјиштето за станбени објекти, просечна станбена површина по жител, регулационите линии и определување на сообраќајн инфраструктурен коридор, висина на објектите, степен на застапеност на зелени површини, содржини за образование и култура, паркирни места и пристапи до објектите за хендикепирани лица, што всушност претставуваат содржина на техничкиот норматив донесен од Министерот надлежен за работите на урбанизмот, всушност се елементи на самите урбанистички планови. Поради тоа, Судот оцени дека нормативот не излегува од рамките на Законот за просторно и урбанистичко планирање, туку со него се воведуваат критериуми за уредување на просторот во процесот на планирањето, поради што Судот оцени дека неможе основано да се постави прашањето за согласноста на членовите 7 до 20 од оспорениот правилник, со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.23/98)