229/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија донесени од Управниот одбор на ЕВН „Електростопанство на Македонија“ Акционерско друштво на 7 јули 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2008).

2. Васко Костески и Живко Крстески од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 42 ставовите 1, 4 и 7, член 45 ставовите 2 и 3, член 47 дел II став 1 и член 51 (а во врска со член 48 став 1 алинеја 8 и член 50) од Мрежните правила означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата одредбите од членовите 42, 45 и 47 од Мрежните правила не биле во согласност со член 55 од Уставот, затоа што со нив се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото и најголем дел од субјектите на пазарот биле доведени во нееднаква правна положба.

Имено, корисникот на дистрибутивниот систем кој всушност ги финансирал сите трошоци за своето поврзување на дистрибутивниот систем немал можност за избор на најповолен изведувач и набавувач.

Понатаму, подносителите сметаат дека одредбата од член 51, а во врска со член 48 став 1 алинеја 8 и член 50 од Мрежните правила не биле во согласност со член 30 од Уставот. Ова затоа што оспорените одредби упатувале на преземање,управување и конфискување на приватната сопственост финансирана од корисникот на дистрибутивниот систем, во случајов во рок од 7 (седум) години без надоместок спротивно на член 30 став 3 од Уставот кој гарантира дека никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членовите 80, 114 и 115 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) Управниот одбор на ЕВН „Електростопанство на Македонија“ АД, по претходно добиено одобрение од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 7 јули 2008 година ги донел Мрежните правила и истите биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2008.

Според член 1 од наведените Мрежни правила се уредуваат прашања, кои се однесуваат на техничко-технолошките и економските услови за приклучок на потрошувачите и дистрибуирани производители на електрична енергија на дистрибутвниот систем и методологијата за начин и одредување на трошоците за приклучување на дистрибутивниот систем, технички и други услови за сигурно и безбедно функционирање на дистрбутивниот систем, мерките, активностите и постапките во случај на нарушување и хаварии … и други прашања.

Во делот 3.2. „Услови за приклучување на дистрибутивниот систем“ односно во член 37 од Мрежните правила е предвидено дека објектите на корисниците на дистрибутивниот систем се приклучуваат на дистрибутивниот систем преку приклучок.

Приклучувањето на дистрибутивниот систем претставува целина од дејствија и постапки кои се состојат од проектирање и изградба на приклучок заради воспоставување на физичка врска меѓу дистрибутвната мрежа и објектот на корисникот, како и создавање на технички услови во дистрибутивниот систем.

Под приклучок се подразбира функционална врска на трансформаторски станици, водови, опрема и уреди за дистрибуција на електрична енергија со кои електроенергетските објекти и инсталации на корисникот се поврзуваат на дистрибутивниот систем од мерното место до најблиската точка од дистрибутивниот систем каде тоа е технички можно.

Приклучокот на корисникот на дистрибутивниот систем се состои од надворешен и внатрешен приклучок.

Во членот 38 од Мрежните правила е предвидено дека во зависност од местоположбата и оддалеченоста на местото на приклучување на објектот на корисникот како и во зависност од напонското ниво и максималната едновремена моќност на приклучокот постојат стандардни и нестандардни приклучоци.

Во оспорениот член 42 ставотите 1, 4 и 7 од Мрежните правила е уредено дека проектирањето и изведувањето на надворешен приклучок може да го врши Дистрибутерот или правно и физичко лице определено од Дистрбутерот од листата на член 44 став 5 од Мрежните правила.

Во членот 44, пак, од Мрежните правила е предвидено дека дистрибутерот во постапка по пат на јавен конкурс во кој треба да бидат наведени условите кои треба да ги исполнат учесниците на конкурсот, објавува листа на правни и физички лица со кои корисникот може да склучи договор за проектирање и изведување на надворешен приклучок. Дистрибутерот јавниот конкурс за утврдување на листа го организира и спроведува на секои три години.

Во членот 45 став 1 од Мрежните правила е предвидено дека по добивање на решение за согласност за приклучување на дистрибутивниот систем корисникот е должен да склучи договор за проектирање или изведување на надворешниот приклучок.

Во оспорениот член 45 став 2 е предвидено дека корисникот е должен да склучи договор со дистрибутерот за проектирање и изведба на стандарден приклучок од член 38 став 2 и да ги надомести трошоците согласно Ценовникот и Методологијата и истовремено да склучи договор за приклучување со Дистрибутерот.

Во оспорениот член 45 став 3 е предвидено дека за проектирање и/или изведување на нестандарден надворешен приклучок, од член 38 став 3 корисникот треба да склучи договор со Дистрибутерот или со правно или физичко лице и да склучи договор за приклучување на дистрибутивниот систем со Дистрибутерот и да ги надомести трошоците врз основа на посебен договор.

Во оспорениот член 47 дел II став 1 е предвидено дека мерниот ормар се изработува и монтира во согласност со техничките решенија и спецификации одобрени од дистрибутерот, од правно или физичко лице од листата од член 44 став 5 ангажирано од страна на корисникот на дистрибутивниот систем.

Судот, понатаму, утврди дека во оспорениот член 51 од Мрежните правила „Надоместок на делот од трошоците за изградба на приклучок во случај на приклучување на нови корисници на постоечки нестандарден приклучок“ е предвидено дека во случај кога нов корисник се приклучува на веќе постоечки нестандарден приклучок кој е изграден од средства на веќе постоечки корисници, а приклучувањето е во рок од седум (7) години од ставањето под напон на постоечкиот нестандарден приклучок, новиот корисник е должен на дистрибутерот да му плати дел од трошоците за изградба на приклучокот, а Дистрибутерот во рок од триесет (30) дена, делот од трошоците ги распределува на постоечките корисници кои ги платиле трошоците за приклучување на дистрибутивниот систем врз основа на договор и тоа сразмерно на одобрената едновремена максимална моќност утврдена во поединечните решенија (став 1 и 2).

Во случај кога нов корисник се приклучува на веќе постоечки нестандарден приклучок подоцна од седум (7) години од пуштањето под напон на постоечкиот нестандарден приклучок, трошоците за изградба на постоечкиот нестандарден приклучок не се составен дел на трошоците за приклучување на дистрибутивниот систем на корисникот и во тој случај корисниците чии објекти се приклучени и ги имаат платено трошоците за истиот немаат право на надоместување (став 3).

Во оспорениот став 4 на член 51 од Мрежните правила се утврдени и други случаи кога нов корисник се приклучува на постоечки нестандарден приклучок, корисниците чии објекти се приклучени на приклучокот немаат право на надоместок на трошоци за изградениот приклучок (член 42 ставовите 3, 4, 5 и 6).

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека со Мрежните правила се уредуваат прашањата на техничко-технолошките и економските услови за приклучување на потрошувачите на дистрибутивниот систем, техничките и другите услови за сигурно и безбедно функцонирање на дистрибутивниот систем, а со оспорените одредби се уредуваат прашањата на можност во кои случаи Дистрибутерот, а во кои случаи Дистрибутерот или други физички и правни лица можат да проектираат и изведуваат стандарден или нестандарден надворешен приклучок или да го изработуваат и монтираат мерниот ормар согласно со техничките решенија и спецификација одобрени од Дистрибутерот, како и прашањата кои се однесуваат на трошоците за приклучување на дистрибутивниот систем и надомест на дел од трошоците за изградба на приклучокот во случај на приклучување на нови корисници на постоечкиот нестандарден приклучок.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ги предвид правните елементи за тоа што треба да содржи еден пропис, а тоа е: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека Мрежните правила не ги содржат елементите на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.

Според мислењето на Судот, оспорените Мрежни правила не се пропис затоа што тие се донесени од акционерско друштво како приватно правен субјект, а актите на акционерските друштва според Судот не се прописи туку се акти на деловното работење што овие друштва кои ги донесуваат во врска и во рамките на дејноста која е предмет на нивното работење.

Судот, смета дека додадената претходна согласност на Мрежните правила, од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија како независно регулаторно тело формирано согласно Законот за енергетика со цел да го регулира енергетскиот сектор, не го менува карактерот на Мрежните правила односно не им дава значење на пропис подобен за уставно судска оцена.

5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.229/2008
25 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски