229/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 11 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за 5 урбана единица во Битола, донесена од Собранието на Општината Битола на 12 јуни 1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Одлуката за утврдување поблиски услови за градба во Општината Битола на подрачја на кои постојат детални урбанистички планови, донесена од Собранието на Општината Битола на 24 јули 1991 година и за оценување законитоста на Решението за локација УП.бр.12/332 од 14 март 1991 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи за оценување на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што нацртот на планот бил ставен на јавен увид и јавната расправа била одржана само во просториите на МЗ “Васко Карангелевски”, а не и во други месни заедници, посебно МЗ “Кочо Десано” за чие подрачје се донесувал планот и затоа што урбанистичкиот план не бил донесен во согласност со урбанистичките, еколошките и други стандарди, кои биле утврдени со одлука на Собранието на Општината. Решението за локацијата се оспорува затоа што било издадено без почитување на урбанистичките и еколошките мерки.
4. Судот на седницата утврди дека со Решение на Собранието на Општината Битола Нацртот на планот е ставен на јавен увид и на јавна расправа во просториите на МЗ “Васко Карангелевски” од 15 февруари до 1 март 1990 година. Судот, исто така, утврди дека на 1 март 1990 година е одржана јавна расправа, а за одржувањето на увидот и расправата граѓаните се известени преку Радио-Битола. За време на јавниот увид и јавната расправа е отворена книга на забелешки во која граѓаните од сите месни заедници за кои се однесува планот ги запишувале своите барања, од кои некои се усвоени, а некои не, што се гледа од изводот на книгата за забелешки изготвен од Заводот за урбанизам и проектирање.
5. Согласно член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), кој важел во времето на донесувањето на Планот, просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фаза на нацрт-план на јавен увид и јавна расправа, а според член 33 од означениот закон, собранието на општината ги разгледува мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и за неприфатените забелешки дава образложение, што е составен дел на документацијата на планот.
Според измените на член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, а според став 4 на истиот член, јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани лица се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма, во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
Со оглед на тоа што Планот во фазата на нацрт бил ставен на јавен увид и јавна расправа во соодветна просторија на Месна заедница во градот, за чие подрачје се донесува планот, а на граѓаните им е овозможено непосредно учество во јавната расправа по нацртот на планот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените одредби од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
6. Во однос на наводите во иницијативата дека урбанистичкиот план не бил донесен во согласност со урбанистичките, еколошките и други стандарди утврдени со одлука на Собранието на Општина Битола, како и во однос на Решението за локација, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.