228/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38-д од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Јоаким Илиев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Кривичниот законик била во спротивност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, од причина што со неа се повредувало уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Имено, според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од Законот се правела разлика меѓу граѓаните по основ на имотната состојба, така што “богатите” сторители на кривични дела на кои им била изречена казна затвор до една година биле ставени во надредена положба во однос на “сиромашните” сторители на кои исто така им била изречена казна затвор до една година.

Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека слободата е нешто најсвето за секој граѓанин без разлика на пол, раса, боја на кожа, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба и во никој случај не смеело да се прави разлика меѓу граѓаните – сторители на кривичните дела кога е во прашање слободата. Имено, според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се вршела дискриминација по основ на имотната положба.

Оспорената законска одредба, исто така не била во согласност ниту со член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (чиј потписник е и Република Македонија).

Истиот подносител до Уставниот суд на Република Македонија на 13 февруари 2006 година, поднесе и дополнување на иницијативата, во кое наведува дека оспорената законска одредба од членот 38-д од Законот не е во согласност ниту со членот 98 став 5 од Уставот на Република Македонија. Истовремено се предлага и изрекување на времена мерка со која ќе се одложи примената на оспорената законска одредба.

Од наведените причини подносителот на иницијативата на Уставниот суд на Република Македонија му предлага да донесе решение со кое ќе поведе постапка за оценување на уставноста на членот 38-д од Кривичниот законик, а потоа и да донесе Одлука за поништување на истиот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 38-д од Кривичниот законик повисокиот суд може на барање на сторителот на кривичното дело ако му е изречена казна затвор до една година, да ја замени со парична казна, имајќи ги предвид неговите лични прилики и неговото однесување по стореното кривично дело, степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, како и имотната состојба на сторителот, водејќи притоа сметка за неговите други приходи, за неговиот имот и за неговите семејни обврски.

Изречената казна затвор од ставот 1 не може да се замени со парична казна, доколку сторителот кривичното дело го сторил во поврат.

При заменувањето на изречената казна затвор со парична казна од ставот 1, судот ќе го замени секој ден затвор со парична казна во висина на дневна глоба, при што бројот на дневните глоби за секој ден затвор што се заменува не може да биде помал од 50 дневни глоби.

Паричната казна со која се заменува изречената казна затвор до една година, не може повеќе да се заменува со друга казна.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Принципот на владеење на правото и правната држава се два носечки постулати на уставниот поредок. Со појавата на пишаните устави се втемелуваат овие два принципа како основни начела на уставниот поредок. Оттука, утврдувањето на владеењето на правото како основна темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија значи прифаќање на принципите на модерниот конституционализам. Владеењето на правото и правната држава не оставаат простор за нивно одделување и на теориски и на практичен план.

Воспоставувањето на правен поредок на државата е цивилизациска вредност така што владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, истовремено значи конституирање на поредок каде што правото ќе биде основ за дејствување на сите и секого, вклучувајќи ја и државата.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, во конкретниов случај основано може да се постави прашањето дали со оспорената законска одредба не се повредува начелото на владеењето на правото. Ова од причина што, според Судот, со оспорената законска одредба се отстапува од целокупниот концепт на казнениот систем регулиран со позитивната законска регулатива.

Имено, во Глава трета на Кривичниот законик, во која е содржана и оспорената законска одредба, во две поглавја со категоријално значење, во една кохерентна целина регулирани се казните и тоа: 1) Целите на казнувањето, видовите казни и услови за нивно изрекување и 2) Одмерување на казната. Со тоа, всушност Кривичниот законик и во делот на систематиката ги разграничил казните различни по својата правна природа и репресивно дејство. Имено, поместувањето на целта на казнувањето на почетокот од регулативата за казните впрочем ја потврдува традицијата на казненото законодавство експлицитно и јасно да изрази што се очекува од казната, што не е цел само за себе, туку е и своевидна правна ориентација на судијата во изборот и одмерувањето на казната.

Не испуштајќи ја од вид природата на казната, кривичноправната наука континуирано поставува бројни услови и барања како неопходни карактеристики на современата казна. Токму, под влијание на овие заложби кривичноправните системи и законодавствата на цивилизираните земји прифатиле казна од јавно-правен карактер, пропишана, изречена и извршлива само од надлежен суд.

Согласно членот 32 од Кривичниот законик, покрај остварување на правдата, цел на казнувањето е: 1) спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и 2) воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

Од цитираната законска одредба, произлегува заклучок дека непроценливо е значењето на изречно определените цели на казнувањето, не само заради консеквентното дејство на начелото на законитост во ова мошне значајно подрачје, туку и како прв елемент на појдовните основи за судска индивидуализација.

Тежината на делото, како појдовна основа за сразмерна казна не се изразува само низ тежината на последицата од кривичното дело, туку низ вкупноста на сите негови објективни и субјективни елементи, од кои особено се значајни начинот на извршување на делото и вината на сторителот, кои јасно и децидно ги утврдува судот во постапка определена со закон.

Согласно член 33 став 1 од Кривичниот законик за кривични дела на кривично одговорните сторители може да им се изречат следниве казни:

1) казна затвор;
2) парична казна;
3) забрана на вршење професија, дејност или должност;
4) забрана на управување со моторно возило, и
5) протерување странец од земјата.

Согласно ставот 2 на членот 33 од истиот законик, казната затвор може да се изрече само како главна казна.

Согласно ставот 3 на членот 33 од Законикот, паричната казна може да се изрече како главна и како споредна казна заедно со казната затвор или со условната осуда со која е утврдена казна затвор.

Согласно член 40 од истиот закон, судот може на сторителот да му одмери казна под границата пропишана со закон или да примени поблаг вид казна кога:

1) законот предвидува дека сторителот може да се казни поблаго или
2) ќе утврди дека постојат особено олеснувачки околности кои укажуваат дека и со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето.

Во членот 41, пак, од Законикот во кој се содржани границите на ублажувањето на казната, се предвидува дека кога постојат услови за ублажување на казната од член 40, судот ќе ја ублажи казната во овие граници ако:

1) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишана затвор во траење од десет или повеќе години, казната може да се ублажи до пет години затвор;
2) за кривичното дело како најмала мерка на казна е пропишан затвор во траење од осум или повеќе години, казната може да се ублажи до четири години затвор;
3) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од пет или повеќе години, казната може да се ублажи до три години затвор;
4) за кривичното дело како најмала мерка на казна е пропишан затвор во траење од четири или повеќе години, казната може да се ублажи до две години затвор;
5) за кривично дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од три години или повеќе, казната може да се ублажи до една година затвор;
6) за кривично дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од една година или повеќе, казната може да се ублажи до три месеци затвор;
7) за кривичното дело е пропишана најмала мера на казна затвор под една година, казната може да се ублажи до 30 дена затвор;
8) за кривичното дело е пропишана казна затвор до три години со назначување на најмалата мера, наместо казна затвор може да се изрече парична казна; и
9) за кривично дело е пропишана парична казна со назначување на најмалата мера, казната може да се ублажи до општиот законски минимум.

Во ставот 2 од цитираниот член 41 на овој закон се предвидува дека при одлучувањето во која мера казната ќе ја ублажи според правилата од став 1, судот посебно ќе ја има предвид најмалата и најголемата мера на казна пропишана за кривичното дело.

Од содржината на цитираната законска одредба, јасно произлегува дека законодавецот јасно и децидно ги предвидува границите на ублажувањето на казната во рамките на предвидениот минимум на казна. Оттука, логичен е заклучокот дека со оспорената законска одредба всушност се дерогира одредбата од членот 41 од Законот, односно се нарушуваат темелите на другите институти, предвидени во Кривичниот законик. Токму поради тоа, според мислењето на Судот, основано може да се постави прашањето дали со оспорената законска одредба не се повредува темелниот принцип на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеењето на правото.

Од анализата на оспорената законска одредба, исто така, според Судот произлегува заклучок дека истата е нејасна и непрецизна и поради тоа што воопшто не е јасно дали во случајов станува збор за замена на казна затвор изречена со правосилна судска одлука, или истата се уште е во фаза на жалбена постапка, односно станува збор за неправосилна пресуда, по која повисокиот суд може да се произнесе во изјавен редовен правен лек (жалба) и во која постапка повисокиот суд во рамките на границите што се пропишани со закон за тоа дело, а имајќи ги притоа во вид кривичната одговорност на сторителот, тежината на делото и целите на казнувањето, ќе му одмери казна на сторителот на кривичното дело. Оттука, неспорен е заклучокот дека тој, судијата, е доминус литис во постапката, и оној кој по законски спроведена постапка врз основа на своето судиско наоѓање и убедување ќе го определи видот на казната, како и висината на истата. Притоа, судот ги има предвид сите околности што влијаат казната да биде омала или поголема, а особено: степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето или повредата на заштитеното добро, околностите под кои е сторено делото, поранешниот живот на сторителот, неговите лични прилики и неговото однесување по стореното кривично дело, а посебно водејќи сметка за вкупното дејство на казната и нејзините последици врз можноста и потребите за ресоцијализација на сторителот. Ова се сите околности кои само судот во контрадикторна постапка во непосреден контакт со сторителот на кривичното дело, може со сигурност да ги провери и утврди и врз основа на нив да го определи видот и висината на казната.

Со Уставот исто така прецизно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот со што истовремено се оневозможува нивно различно толкување.

Во рамките на граѓанските и политички слободи и права Уставот покрај другото, во членот 9 став 1, определува односно утврдува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба, а според ставот 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од означената уставна одредба произлегува дека Уставот не допушта дискриминација, односно нееднаквост на граѓаните во нивните слободи и права по кој било основ предвиден во оваа уставна одредба.

Тргнувајќи од фактот што паричната казна е санкција од имотен карактер, а од аспект на наводите во иницијативата, Судот оцени дека основано во истата се укажува на околноста дека со оспорената законска одредба се прави разлика меѓу граѓаните по основ на имотна состојба.

Имено, од анализата на оспорената одредба всушност произлегува дека до повисокиот суд барање за замена на изречената казна затвор со парична казна може да поднесат оние сторители на кои им е изречена казна затвор до една година кои се во можност истата да ја платат. Меѓутоа, сторителите кои се со добра имотна положба на овој начин се доведуваат во привилегирана состојба за разлика од оние кои се во лоша односно слаба имотна положба, со што всушност се нарушува начелото на еднаквост по основ на имотна положба, предвидено во членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Имено, еднаквоста како вредносен идеал на демократијата, значи еднаквост на граѓаните пред законите, односно уживање еднаква заштита од законите. Во секое граѓанско општество присутна е и неопходна потребата во општеството да постои еднаквост, бидејќи нееднаквоста раѓа незадоволство. За заштита на човековата слобода, неопходно е обезбедување рамноправност односно луѓето да бидат еднакви пред правните норми, што според Судот, со решението во оспорената законска норма не се овозможува еднаквост на сите пред правните норми, односно законот.

Според Амандманот XXV од Уставот, со кој е заменет членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од содржината на цитираната уставна норма јасно произлегува дека видовите, надлежноста, основањето, организацијата, составот на судовите, како и постапката пред судовите се уредуваат само со закон што е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а не и со закон донесен со обично мнозинство, како што е во случајов. Имено, со самото одредување на надлежност на повисок суд, во оспорената законска одредба која е дел од закон кој е донесен со обично мнозинство и кој не ги регулирал прашањата за надлежност на судовите пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Амандманот ЏЏВ точка 4 од Уставот.

Од наведените причини, според Судот основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 1 и Амандман ЏЏВ точка 4 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Судот, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, наоѓајќи дека со извршувањето на поединечните акти и преземените дејствија преземени врз основа на оспорената одредба од Кривичниот законик, може да настапат тешко отстранливи последици, оцени дека се исполнети условите за нивно запирање од извршување, поради што и одлучи како во точката 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.228/2005
22 февруари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова