228/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на потпишувањето на Договорот за уредување на односите меѓу Фондот за здравствено осигурување и здравствените работници кои самостојно со личен труд вршат здравствена дејност, односно со другите здравствени организации кои вршат услуги од примарната здравствена заштита.
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка за забрана на потпишувањето на овој договор со што би се оневозможило понатамошното трошење на средствата на Фондот спротивно на позитивните прописи.
3. Митко Стевков од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на потпишувањето на договорот означен во точката 1 на ова решение, затоа што истиот не бил во согласност со член 131 и 137 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.17/97 – пречистен текст) врз основа на кои е утврдено дека Фондот за здравствено осигурување склучува договор со здравствен работник кој врши здравствена дејност со личен труд во согласност со нормативите и стандардите за потребниот број здравствени работници во однос на бројот на населението на одредено подрачје. Согласно член 59 став 1 алинеја 9 о д Законот за здравствена заштита, овие нормативи и стандарди и други критериуми ги утврдува Министерството за здравство. Со оглед на фактот што вакви нормативи и стандарди Министерството за здравство се уште нема утврдено, според подносителот на иницијативата не постои правен основ за потпишување на овие договори.
4. На седницата Судот утврди дека го оценувал оспорениот договор, при што со Решение У.бр.115/98 од 9 септември 1998 година ја отфрлил иницијативата, затоа што оценил дека не постои договор ка ко пропис или општ акт, туку дека се оспорува бланко формулар на договор кој по својата форма претставува нацрт-текст на двостран облигационен договор.
Имено, согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
5. Со оглед на тоа што по оспорениот договор Уставниот суд веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Што се однесува до барањето Судот, до донесување на конечна одлука, со времена мерка да го спречи потпишувањето на вакви договори во иднина, со што би се оневозможило понатамошно трошење на средствата на Фондот спротивно на позитивните законски прописи, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на ваква мерка.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точ ките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.228/98
20 јануари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков