226/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 219 став 1 во делот “и прописите донесени врз основа на закон” од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90, 63/94 и 63/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 221 став 4 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според иницијаторот оспорените одредби не биле во согласност со членовите 8 став 1 точка 3 и 32 став 5 од Уставот, бидејќи остварувањето на правата на вработените и нивната положба можеле да се уредуваат само со закон и со колективен договор, а не и со прописи донесени врз основа на закон или со општ акт на функционерот кој раководи со органот на управата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 219 став 1 од Законот, во рамките на средствата за работа на органот на управата во зависност од видот, обемот и квалитетот на извршените задачи и работи утврдени со програмата за работа на органот на управата и од условите за нивно извршување, работниците во органот на управата стекнуваат лични доходи и средства за заедничка потрошувачка во согласност со закон, колективен договор и прописите донесени врз основа на закон.

Според член 221 став 4 од Законот врз основа на оцената за вредноста, сложеноста, одговорноста и обемот на одделните видови работи и задачи, како и квалитетот на нивното извршување, функционерот кој раководи со органот на управата со општ акт го определува конкретниот коефициент што ќе служи како основа за пресметување на личниот доход на работникот, во рамките на коефициентите определени со ставовите 2 и 3 на овој член.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Членот 96 од Уставот утврдува дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за органите на управата, се уредуваат правата, должностите и одговорностите на органите на управата на Република Македонија, како и нивните односи со граѓаните и спрема други органи, организации, заедници, здруженија, претпријатија, установи и други субјекти. Со овој закон се уредуваат и прашањата што се однесуваат на организацијата, видовите и делокругот на органите на управата, нивните меѓусебни односи, средствата за работа на овие органи, како и правата, должностите и одговорностите на работниците во органите на управата.

Согласно член 138 од овој закон, министерот или другиот функционер кој раководи со органот на управата, меѓу другото одлучува во согласност со закон за правата, должностите и одговорностите на работниците во вршењето на службата доколку со закон не е поинаку определено.

Во Законот за органите на управата постои посебна глава II ЛИЧНИ ДОХОДИ И СРЕДСТВА ЗА ЗАЕДНИЧКА ПОТРОШУВАЧКА НА РАБОТНИЦИТЕ, во која се сместени и оспорените членови 219 став 1 и 221 став 4.

Исто така, платата и надоместоците на плата како и другите примања на вработените во органите на управата се уредени и со Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Имајќи ја предвид одредбата од член 32 став 5 од Уставот според која остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, произлегува дека оспорениот член 219 став 1 од Законот за органите на управата во делот “и прописите донесени врз основа на закон” не кореспондира со уставната одредба со оглед на тоа што во него платата се одредува со посебен пропис донесен врз основа на закон како што се актите и прописите што ги донесува Владата односно функционерот што раководи со органот на управата во функција на спроведување на законите согласно нивните уставни односно законски овластувања.

Поради тоа Судот оцени дека основано се поставува прашањето за согласноста на членот 219 став 1 од Законот во делот “и прописите донесени врз основа на закон” со одредбите на Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Од друга страна, колкав е придонесот на секој работник одделно, одлучува работодавецот или друго од него овластено лице врз основа на критериуми кои се содржани во посебен интерен акт на секој орган на управа во зависност од видот, обемот и квалитетот на извршените задачи, како и во зависност од специфичностите на секој орган посебно.

Битно е да се напомене дека платата односно коефициентите за утврдување на платата на работниците во органите на управата се утврдени со закон и со колективен договор. Тоа значи дека платата рамковно е определена со закон и колективен договор, меѓутоа висината на платата за секој конкретен работник се утврдува со акт на министерот во зависност од видот на работата, сложеноста и квалитетот на извршените задачи, образованието на работникот и т.н.

Оттука, неспорно произлегува дека работниците во органите на управата платите ги стекнуваат во согласност со закон и колективен договор, а со акт на функционерот кој раководи со органот на управата само се определува висината на конкретната плата односно коефициентот што служи како основа за пресметување на платата на работникот во рамките на коефициентите определени со закон.

Според тоа, во конкретниот случај актот на функционерот кој раководи со органот на управата, претставува всушност операционализација на законските одредби, односно одредбите од колективниот договор кои се однесуваат на утврдувањето на платата на вработените во органите на управата, поради што Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на членот 221 став 4 од Законот со Уставот и одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение, под точката 1, Судот го донесе со мнозинство гласови, а под точката 2 во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.226/99
23 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков