225/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004, 109/2006 и 157/2007).

2. Васко Јаков од с.Сарај, општина Босилово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба за претседателот на Република Македонија се определувале поинакви услови за стекнување на право на пензија и за определување на нејзината висина во однос на останатите граѓани на Република Македонија, при што тој бил ставен во привилегирана позиција, па законската одредба не била во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 9 ставовите 1 и 2 и член 34 од Уставот.
Во врска со разликите околу условите за стекнување на правото на пензија, се наведува дека претседателот на Република Македонија можел да го стекне тоа право со само 45 години старост и само 5 години пензиски стаж имајќи ги предвид условите за кандидирање и времетраењето на мандатот, додека останатите граѓани на Република Македонија правото на пензија го стекнувале со 64 односно 62 години старост и најмалку 15 години пензиски стаж според член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Во врска со разликите околу определувањето на висината на пензијата, се наведува дека претседателот на Република Македонија немал ограничување на висината на пензијата додека кај останатите граѓани на Република Македонија постоело нивно ограничување со највисок и најнизок износ, па непостоењето на ограничување не било општествено оправдано и не било во духот на уставниот поредок. Освен тоа, поранешниот претседател на Република Македонија остварувал еднакви примања како и актуелниот претседател иако актуелниот претседател имал далеку поголеми работни обврски, а поранешниот претседател немал никакви обврски и одговорности, па и поради тоа немало морална оправданост за таква висина на пензијата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 3 од Законот определува дека: „Претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата согласно со членот 2 ставови 1 и 2 од овој закон има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија“.

4. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони. Во Глава III. дел 2. од Уставот се уредува функцијата и положбата на претседателот на Република Македонија.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија има уставно овластување да донесува закони заради уредување на односите во сите области од општествениот живот, па во тие рамки има право да ја уреди и положбата односно правата и обемот на правата на претседателот на Република Македонија по престанувањето на функцијата со оглед на неговата уставна положба. Притоа, утврдувањето на посебното право на пензија е во врска со статусот и дигнитетот на функцијата претседател на Република Македонија, таа функција се заштитува и преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале, како и преку обемот на таквата положба, поради што положбата на личностите кои ја извршувале функцијата претседател на Република Македонија го надминува прашањето на еднаквоста меѓу граѓаните.

Со оглед на тоа, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 3 од Законот со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2009
9 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски