224/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за процесна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 36/77, 36/80, 69/82, 58/84, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Исидор Трпковски од Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 од актот означен во точката 1 од ова решение бидејки според него со оспорениот член се оштетувале граѓаните поради тоа што премногу се применувал од судиите при донесувањето на пресуди и решенија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 8 од Законот, кои факти ќе ги земе како докажани одлучува Судот по свое уверение врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка.

4. Согласно член 98 став 5 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во оспорената одредба од членот 8 од Законот за процесната постапка, кој е превземен како републички пропис, согласно членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е утврдено едно од основните начела на процесната постапка – начелото на слободното судиско уверување, односно на слободната оцена на доказите. Според ова начело, за тоа кои факти ќе ги земе како докажани судот одлучува по свое слободно уверување, врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка, раководејќи се при одлучувањето според правилата на логиката и психологијата. Според концепцијата на Законот, при одлучувањето кои факти ќе ги земе како докажани, судот не е врзан со доказни правила во поглед на доказната сила на видовите на доказите, освен во неколку случаи кои се експлицитно наведени во Законот.

Меѓутоа, ваквата концепција на Законот за процесна постапка не значи дека судијата може сосема слободно и неодговорно, по свое сопствено наоѓање да одлучува кои факти ќе ги земе како докажани. Напротив, при одлучувањето тој мора совесно и грижливо да го оцени секој доказ посебно и сите докази заедно, како и резултатот на целокупната постапка, а во образложението на пресудата да даде анализа на изведените докази и да ги образложи причините поради кои некој факт го прифатил односно не го прифатил за докажан. На овој начин се овозможува конрола на оцената на доказите од страна на повисокиот суд во постапката по жалбите на странките, односно во постапките по вонредните правни средства.

5. Оттука, имајки ја предвид уставната одредба според која постапката пред судовите се уредува со закон, содржината на оспорената одредба од членот 8 од Законот за процесната постапка и значењето на оваа одредба во поширока смисла – како едно од основните начела на процесната постапка и ценејки ја во контекст со останатите одредби од Законот за процесната постапка, Судот најде дека со истата не се повредуваат правата на граѓаните ниту пак се повредува Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.224/97)