У.бр.223/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 438 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 100/2008, 83/2009 и 116/2010) и член 8 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот на Одделот за граѓански дела на Врховен суд на Република Македонија, донесен на 23 февруари 2010 година и Правното мислење за присилна наплата на затезна камата, донесено од Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија на 2 февруари 1996 година.

3. Петар Баришиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста, односно законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 438 став 1 од Законот за парничната постапка за предмети од мала вредност, пропишувал право на жалба само поради материјална повреда на прописите и поголема примена на одредбите од член 343 став 2 од истиот закон, а ги исклучувал суштествените повреди на одредбите од член 343 став 1 од Законот за парничната постапка и погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, со што на странките им се ускратувало загарантираното право на жалба и по тие основи, што било во спротивност со член 15, односно Амандман XXI од Уставот на Република Македонија.

Членот 266 од Законот за облигационите односи пропишувал дека должникот кој ќе задоцнел со исполнување парична обврска должи камата по стапка утврдена со закон. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009) се менувале членовите 266, 266-а, 266-б и се додавал членот 266-в, кои се однесувале на казнена камата. Оспорениот член 8 став 2 од истиот закон бил во спротивност со начелото на владеење на правото и уредувањето на повратното дејство на законите. Ова од причина што врз еден ист облигационен однос во два различни временски периоди се применувале две различни законски одредби што, според подносителот на иницијативата, упатувало на повратно дејство на Законот, а со што се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните и принципот на владеењето на правото.

Според иницијативата, член 8 став 2 од Законот и Заклучокот на Врховниот суд претставувале правен удар врз извршните исправи. Врховниот суд со Заклучокот во точка 2 налага дека досудената затезна камата во извршните исправи ќе се пресметува според Законот за изменување на Законот за облигационите односи од 30.12.2009 година, а не според изреката на пресудата што претставувало негирање на правото и правната сигурност. Со ваквото постапување на Врховниот суд се доведувало во прашање гарантираното право на извршување на правосилна судска одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според член 438 став 1 од Законот за парничната постапка пресудата или решението со кое се завршува спорот во постапката во споровите од мала вредност може да се побива само поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од членот 343 став 2 на овој закон и поради погрешна примена на материјалното право.

Според член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, кај облигационите односи засновани пред започнувањето со примена на овој закон на правата и обврските по основ на договорна и казнена камата настанати заклучно со 31 јануари 2010 година се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Макекдонија“ бр.18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 5/2003, 84/2008 и 81/2009).

Кај облигационите односи од ставот 1 на овој член, на правата и обврските по основ на договорна и казнена камата кои ќе настанат по 31 јануари 2010 година се применуваат одредбите од овој закон.

5. Според Амандман XXI од Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Законот за парничната постапка, кој е системски закон и се донесува со двотретинско мнозинство, во Глава XIX ја уредува постапката во споровите од мала ввредност.

Според член 429 од Законот за парничната постапка, ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката во споровите од мала вредност ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Поради малата вредност, постапката во овие спорови е сумарна, скратена и некои факти од редовната постапка се изоставени, а за други е пропишано дека се преземаат во скратена форма, а една од нив е и побивањето на одлуките да не може да се врши од сите причини како во редовната постапка.

Оспорениот член 438 е поместен во оваа глава, за која важат одредбите од член 429 – 433 од Законот. Постапката во спорови од мала вредност е една од повеќето предвидени во Законот посебни постапки и со оглед на нејзината специфичност, во оваа постапка се применуваат одредбите кои се предвидени за регулирање на оваа постапка, а по кои се разликува од редовната парнична постапка.

Околноста, на која сега се укажува во иницијативата дека пресудата во споровите од мала вредност не може да се побива поради релативни суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 1 и поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, според Судот, не е во спротивност со Амандман XXI од Уставот. Ова од причина што, со оспорената одредба на член 438 став 1 од Законот за парничната постапка не се повредува гарантираното со Устав право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, затоа што со оспорената одредба е дозволено правото на жалба на пресуда или решение донесено во спорот во постапката во споровите од мала вредност. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 438 став 1 од Законот, е во спротивност со Амандман XXI од Уставот.

По однос на основите во жалбата со кои може да се побива пресуда или решението, Судот оцени дека право е на законодавецот истите да ги утврдува. Ова дотолку повеќе што, ако пресудата има недостатоци поради кои не може да се испита, особено ако не содржи причини за решителните факти или тие причини се нејасни или противречни ќе се укине поради апсолутни суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 2 точка 13 и предметот ќе се врати на повторно судење на првостепениот суд. Оттука, произлегува и должноста на првостепениот суд да ја утврди целосно и правилно фактичката состојба, иако жалба по тој основ не може да се изјави, бидејќи не ќе може да даде причини за решителните факти, што значи дека преку суштествените повреди, второстепениот суд внимава и на правилно и целосно утврдена фактичка состојба.

6. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, е владеењето на правото.

Во член 51 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Член 266 од Законот за облигационите односи, чиј наслов и текст се изменети со Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009) гласи:

(1) Должникоте кој ќе задоцни со исполнувањето на парична обврска долгува, покрај главнината и казнена камата.
(2) Стасаноста на обврската за плаќање на казнена камата се определува согласно со правилата на овој закон што се однесуваат на определувањето на времето на исполнување на обврските.
(3) Доколку стасаноста не може да се определи на овој начин, а станува збор за побарување од прометот на стоки и услуги меѓу трговци или трговци и лица на јавното право, обврската за плаќање на казнената камата стасува во еден од следниве денови, без потреба од доставување опомена:
– 30 дена од денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата или
– ако денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата не може да се определи со сигурност, 30 дена по приемот на стоките или услугите или

– ако должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред приемот на стоките и услугите, 30 дена од приемот на стоките или услугите или
– ако со закон или договор е предвидена постапка за прием или потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките или услугите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на приемот или потврдувањето, 30 дена од денот на приемот, односно потврдувањето“.

Според член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009) кај облигационите односи засновани пред започнувањето со примена на овој закон, на правата и обврските по основ на договорна и казнена камата настаната заклучно со 31 јануари 2010 година, се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 5/2003, 84/2008 и 81/2009).

Според оспорениот став 2 од членот 8 од истиот закон, кај облигационите односи од ставот 1 на овој член, на правата и обврските по основ на договорна и казнена камата кои ќе настанат по 31 јануари 2010 година се применуваат одредбите од овој закон.

Членот 9 од овој закон, предвидува дека истиот влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 февруари 2010 година.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во контекст на наводите содржани во иницијативата, сметаме дека оспорениот член 8 став 2 од Законот е во согласност со Уставот на Република Македонија, а од следниве причини:

Паричната обврска е онаа обврска која има за свој предмет предавање на определена сума на пари кои се во законски оптек во државата, а каматата претставува цена која се плаќа за употребата на пари или за други заменливи предмети. Обврската за плаќање на казнена камата и нејзината висина, за разлика од договорната камата, се определува со закон, како санкција за ненавремено исполнување на обврските што е со закон предвидено. Имено, должникот кој ќе задоцни со исполнување на парична обврска плаќа казнена камата на износот на долгот до моментот на исплатата во висина на каматната сметка на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), кој е резимиран во член 266-а од Законот.

Во член 266-а од Законот е предвидено дека:

(1) Стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугоди, зголемена за десет проценти поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(3) Во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право може да се договори и повисока стапка од стапката на законската казнена камата што важела на денот на склучување на договорот (договорна казнена камата), но најмногу до 50 проценти повисока од утврдената законска казнена камата.
(4) Целосно или делумно е ништовна одредбата со која се договара стапка повисока од стапката на законската казнена камата ако од околностите на случајот, трговските обичаи или природата на предметот на обврската произлегува дека со вака договорената стапка на казнена камата, спротивно на начелата на совесност и чесност, еднаква вредност на заемните давања и спроведливоста, како и на одредбите за лихварските договори, е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни.
(5) При оценувањето дали одредбата за определување на висината на стапката на договорната казнена камата е ништовна, предвид ќе се земе и дали постоеле оправдани причини за отстапување од висината на стапката на законската казнена камата.
(6) Народната банка на Република Макекдонија е должна на секој 2 јануари и на секој 1 јули да ја објави референтната стапка на својата веб страница и истата се применува за тековните шест месеца (до крајот на полугодието).
(7) Како лица на јавното право, во смисла на овој закон, се сметаат лицата кои се обврзани да постапуваат според постапката за јавни набавки, освен трговците“.

Правото на казнената камата не е зависно од околноста дали со задоцнувањето со исплатата, доверителот претрпел некоја штета и тоа кога штетата е поголема за доверителот од износот што би го примил на име исплата на казнена камата, истиот може да ја бара разликата до целосен надомест на штетата.

Имајќи го во вид фактот што во членот 9 од овој закон е предвидено дека истиот се применува од 1 февруари 2010 година, според Судот, оспорениот став 2 на членот 8 од Законот, нема повратно дејство, од причина што истиот се однесува на правата и обврските по основ на договорна и казнена камата кои ќе настапат по 31 јануари 2010 година, односно од денот на примената на овој закон – 1 февруари 2010 година, што упатува на констатација дека овој закон се применува само на оние односи настанати по неговата примена.

Од овие причини, Судот оцени дека оспорениот член 8 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи не е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот.

7. Што се однесува до наводите истакнати по однос на Заклучокот и Правното мислење донесен од Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија треба и понатаму да го следи ставот изразен во својата одлука – Решение У.бр.53/2010 од 26 мај 2010 година, каде Судот утврдил дека начелен став на Врховниот суд на Република Македонија не е пропис од општ карактер во смисла на член 110 од Уставот.

Имајќи го во вид фактот дека со иницијативата не се бара оценување на уставноста и законитоста на пропис, за што, согласно член 110 од Уставот е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, туку се бара оценување на уставноста на заклучок и правно мислење на Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, со кои се зазема правен став по однос на определено правно прашање и е во функција на единствена примена на законите и ги обврзуваат само советите на одделот, истите немаат карактер на пропис, односно акт бидејќи немаат дејство erga omnes.

Со оглед на тоа што оспорените акти не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку со нив се обезбедува единство во примената на законот од страна на советите во одделот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на членот 438 став 1 од Законот за парничната постапка е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.223/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски