223/2009-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 31 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 162 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбата означена во точка 1 од ова решение.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Крсте Крајовски и други, преку полномошник адвокат Александар Прчевски од Битола; Петко Бурлиовски од Битола, Славчо Марковски од с. Кравари и Зоран Гичевски од Битола, како и Добривој Тодоровски од Кичево, Шабан Абдиу од с. Зајас и 12 други подносители од Кичево, со Решение У. бр. 223/2009 од 2 декември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точка 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, како и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

4. Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 12 март 2010 година, донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2010 од 12 март 2010 година). Со член 3 од овој закон, членовите 147, 153, 154, 162 и 163 се бришат, а согласно член 6 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Со тоа, оспорениот член 162 од Законот за внатрешни работи, сметано од 20 март 2010 година, престана да важи.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што оспорениот член 162 од Законот за внатрешни работи престана да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката, поради што одлучи како во точка 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.223/2009
31 март 2010 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски