223/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 162 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 163 од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оцена на согласноста на член 45 во однос на член 162 од Законот за внатрешни работи, како и иницијативата за оцена на согласноста на член 162 став 2 од Законот за внатрешни работи со член 104 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

4. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба означена во точка 1 од ова решение.

5. Крсте Крајовски и други, преку полномошник адвокат Александар Прчевски од Битола; Петко Бурлиовски од Битола, Славчо Марковски од с. Кравари и Зоран Гичевски од Битола, како и Добривој Тодоровски од Кичево, Шабан Абдиу од с. Зајас и 12 други подносители од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

– Според наводите во иницијативата поднесена преку адвокатот Александар Прчевски, основано се поставувало прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 9, член 32 ставовите 1, 2 и 5, член 34 и член 51 од Уставот. Имено, недвосмислено произлегувало дека при донесување на оспорените одредби, законодавецот не пропишал еднаква правна положба за граѓаните во однос на начинот на уредување на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот кои произлегувале од работниот однос, неговото засновање и престанок, што била негова уставна обврска.

Според член 45 од Законот за внатрешни работи, правата и обврските од работниот однос, вработените во Министерството за внатрешни работи ги остварувале согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Министерството. Наведената одредба била сместена во Глава 6 од Законот, која носи наслов „Работни односи“, во која биле уредени прашањата за засновање на работен однос, обуката на работниците во Министерството, надоместоците на име плата, распоредувањето, унапредувањето и други прашања од оваа област, за да во точка 11 од истата глава која носи наслов „Прекинување на договор за вработување“, со една одредба искажана во член 129 било регулирано прашањето за прекинување на договорот за вработување на начин што на овластеното службено лице во Министерството му се прекинувал договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдено со овој и посебен закон. Анализирајќи ја оваа одредба, можело да се заклучи дека интенцијата на законодавецот била насочена кон утврдување на прописите со кои ќе се регулира прашањето за стекнување со право на пензија, како право кое произлегува од работниот однос, загарантирано со Уставот и другите прописи што ја регулираат оваа материја. Ако се имала предвид наведената одредба, со сигурност можело да се констатира дека оспорените одредби од Законот иако регулирале иста материја, биле противречни како по однос на нивната содржина, така и по однос на нивната примена во остварувањето на овие права на работниците. Ова дотолку повеќе, што во оваа глава на Законот (Глава 6) останувало нерегулирано прашањето на стекнување со правото на пензија, односно прашањето за прекинување на договорот за работа поради исполнување на услови на пензија, што кажувало дека во врска со ова прашање, како што упатувал и самиот член 45 од Законот, ќе биле применети одредбите од Законот за работните односи, односно член 104 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008). Ова особено затоа што во другите прописи наведени во членот 45 од Законот за внатрешни работи, освен во Законот за работните односи, ова прашање не било регулирано, а оспорените одредби од Законот не претставувале материјални одредби од текстот на Законот и како такви – преодни и завршни одредби, можеле да регулираат само прашања во врска со спроведувањето на материјалните одредби од истиот закон. Впрочем, каде и да биле ставени, оспорените одредби не биле во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните и начелото на достапност на секое работно место, секому под еднакви услови.

Оспорената одредба со која една група на вработени биле ставени во понеповолна положба во однос на другите работници, имала карактер на дискриминаторска одредба, како по однос на правото на вработување, така и по однос на својството на работници во Министерството за внатрешни работи. Не можело да се прифати дека вака утврденото право за стекнување со право на пензија било во корист на групата вработени при Министерството за внатрешни работи на кои би им престанал работниот однос по овој основ, туку напротив ова право можело и било нужно да се прифати само како право кое било на штета на оваа група вработени. Сосема различно било прашањето доколку примената на вака донесените одредби би била по слободен избор на вработените кои би биле засегнати со истите.

Поради напред наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените одредби и да ги поништи.

– Според наводите во второподнесената иницијатива од страна на Петко Бурлиовски од Битола, Славчо Марковски од с. Кравари и Зоран Гичевски од Битола, со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото, се регулирале и условите за остварување на пензија на сите категории граѓани во Република Македонија и овој закон не содржел одредби со кои се дава можност со друг закон, за одредени категории на граѓани, поинаку да се регулираат условите за остварување право на пензија. Според тоа, останатите закони во Република Македонија не смееле да содржат одредби со кои им се намалуваат или скратуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување на вработените во Република Македонија.

Согласно членовите 102, 103, 104 и 107 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, биле утврдени условите за остварување право на пензија на овластените работници во Министерството за внатрешни работи, казнено поправните установи и воспитни домови, која категорија вработени согласно работното место кое го извршува работникот, има право на стаж со зголемено траење 12 месеци да се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување.

Во досегашните закони за внатрешните работи, оваа материја воопшто не била регулирана, туку била регулирана само со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Со новиот Закон за внатрешни работи, кој е предмет на оваа иницијатива, се јавувала нееднаквост на граѓаните, односно на вработените во Министерството за внатрешни работи со останатите овластени лица во претходно наведените установи во смисла на остварување на правото на пензија, затоа што според оспорениот член 162 став 1 од Законот, во периодот од пет години сметано од денот на започнување на примената на овој член, Министерството ги прекинувало договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службен лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж, без оглед на годините на возраст.

Ваквата одредба била во спротивност со членовите 102, 103, 104 и 107 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и се јавувала нееднаквост како помеѓу овластените лица вработени во Министерството за внатрешни работи, така и со останатите граѓани во Република Македонија, останатите лица вработени во Министерството за правда, во казнено поправните установи и во воспитно поправните домови.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да се произнесе за согласноста на член 162 став 1 од Законот со член 9 од Уставот, особено што оваа одредба ( неуставна за подносителите) ќе се применувала пет години, а по истекот на овој период, Законот ќе бил уставен, што било аномалија на нашето законодавство. Исто така, се предлага да се оцени членот 162 став 2 од Законот во однос на член 104 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

– Според наводите во третоподнесената иницијатива од Добривој Тодоровски и други 13 лица, подносителите на оваа иницијатива биле поранешни работници на Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи во Кичево и биле пензионирани според одредбите на член 135 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997 и 24/2000). Пензиската основа за одредување на пензијата им била пресметана согласно членовите 19-32 од овој закон или пресметан им бил просек од 40 години наназад и добиле минимални пензии и 2 отпремнини со кои пензии едвај преживувале во услови на економска криза и енормно зголемување на трошоците за живот.

Претходно, сите припадници на Министерството за внатрешни работи кои ги исполнувале условите биле пензионирани по одредбите на претходниот закон, биле пензионирани со едногодишен просек и добиле многу високи пензии и за разлика од нив, подносителите на иницијативата биле наполно обесправени, бидејќи пред Уставот и пред законите не биле еднакви.

Со новодонесениот Закон за внатрешни работи и оспорените членови 162 и 163 од истиот, тие биле оштетени во секој поглед, бидејќи отишле во пензија со просек од 40 години наназад и со 2 плати отпремнина, а новите пензионери ќе оделе со основица од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните 10 години пензиски стаж и со отпремнина од 5 просечни нето плати. Сите три наброени категории на пензионери плаќале придонеси за пензиско и инвалидско осигурување колку што предвидувал законот, а сега се јавувале три категории на пензии кое нешто подносителите на иницијативата сметаат дека било противуставно и противзаконито.

Оспорените членови 162 и 163 од Законот не биле во согласност со член 8 алинеја 3 од Уставот, затоа што при пензионирањето на работниците на Министерството за внатрешни работи немало владеење на правото, бидејќе се пензионирале со три различни закона и различна висина на отпремнина. Исто така, овој специјално донесен закон бил спротивен на член од 9 Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон и да ги поништи членовите 162 и 163 од истиот. Доколку нивната иницијатива биде отфрлена, напоменуваат дека ќе бидат принудени правдата да ја бараат пред меѓународниот суд во Стразбур.

6. Судот на седницата утврди дека според член 162 став 1 од Законот за внатрешни работи, во преодниот период во траење од пет години, сметано од денот на започнувањето на примената на овој член, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст. Според став 2 на истиот член, старосната пензија од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

Според член 163 од истиот закон, во преодниот период од членот 162 на овој закон на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата.

7. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за внатрешни работи се уредуваат внатрешните работи, организацијата и надлежноста на Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: Министерството), категориите, статусот и посебните должности и овластувања на работниците во Министерството, контролата на вршењетo на работите на Министерството, правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството, должностите на работниците во Министерството, материјалната одговорност, односно надоместокот на штета и дисциплинската одговорност на работниците во Министерството ( член 1).

Според член 2 на овој закон, внатрешни работи, во смисла на овој закон се:
– остварување на системот на јавна и државна безбедност;
– спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија;
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза и
нетрпеливост;
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
– граѓански работи и
– други работи утврдени со овој и посебен закон.

Согласно член 29 став 1 од Законот, во Министерството работниците имаат статус на: овластени службени лица, согласно со овој закон; државни службеници, согласно со Законот за државните службеници и работници, согласно со Законот за работните односи. Според став 2 на овој член, овластени службени лица од ставот 1 алинеја 1 на овој член се: овластени службени лица за вршење стручни или граѓански работи; овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање и полициски службеници.

Според член 31 од Законот, работниците во Министерството кои се со статус на овластени службени лица, имаат посебни должности и овластувања, утврдени со овој и друг закон, поради видот, сложеноста и тежината на работата, како и условите и начинот на нејзиното вршење.

Согласно член 45 од овој закон, правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Министерството.

Според член 129 од истиот закон, на овластено службено лице во Министерството, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и посебен закон.

Од анализата на наведените законски одредби и на Законот во целина, произлегува дека законодавецот го уредил прашањето на посебни должности и овластувања на Министерството за внатрешни работи, како надлежен орган на државната управа кој ги врши внатрешните работи утврдени со овој закон, во која смисла ги утврдил и правата и должностите на овластените службени лица, како работници на Министерството кои имаат посебни должности и овластувања, различни од работните задачи на другите вработени во Министерството.

Понатаму, во преодните и завршните одредби на овој закон, законодавецот пропишал дека во преодниот период во траење од пет години, сметано од денот на започнувањето на примената на овој член, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст (член 162 став 1). Старосна пензија на овие лица се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж ( член 162 став 2).

Со оспореното решение во член 162 од Законот за внатрешни работи, законодавецот определува за определен период од пет години по примената на овој член (од 1 јануари 2010 до 31 декември 2014 година), друг, различен основ за престанок на договорот за вработување на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, кој не е поврзан со возраста на работникот, туку зависи од остварениот пензиски стаж. Според образложението за донесување на Законот за внатрешни работи, ваквото законско решение претставува мерка со која треба да се постигне намалување на бројот на вработените во Министерстворто за внатрешни работи, во духот на реформите и достигнување на препорачаниот сооднос на број на граѓани и број на припадници на полицијата, имајќи прадвид дека заедничките стандарди и принципи на Европската Унија, како и европските препораки во однос на димензионирањето на човечките ресурси, предвидувале достигнување на стандардот 1:300 (еден полицаец на триста жители), при што согласно извршените анализи во Министерстворто за внатрешни работи, утврден бил вкупен број на вработени во Министерството поголем од предвидените стандарди. Во образложението на Законот по однос на оспорените одредби не постои образложение за уставната основа на овие оспорени законски решенија, особено затоа што сосема се различни од системските решенија за конкретните прашања во Законот за работните односи и во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

При наведената ситуација се поставува прашањето – дали со пропишувањето можност за предвремено пензионирање на овластени службени лица на Министерството за внатрешни работи кои навршиле 40 години пензиски стаж, без оглед на нивната возраст, со право да стекнат полна старосна пензија, како реформска мерка која ќе се применува во лимитиран период од пет години, се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Во одговор на ова прашање, Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за работните односи кои ја уредуваат материјата за престанок на работниот однос, како и одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои ја уредуваат материјата за стекнување на пензија како право од работен однос.

Судот утврди дека Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008 и 114/2009) нема одредби според кои договорот за вработување престанува поради исполнување на услови за пензија, туку содржи одредби за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, односно одредба според која работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж (член 104 став 1) и одредба според која работодавачот, на барање на работникот од ставот 1 на овој член може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено (член 104 став 2).

Според одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 , 70/2006, 153/07, 152/2008, 161/2008 и 81/2009), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж (член 17 став 1). Притоа, Законот за пензиското и инвалидското осигурување има отстапувања од овие општи принципи за стекнување на правата од пензиското и инвалидското осигурување за одредени категории на работници и тоа осигуреници во одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови (Глава IV. Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови , членови 94 – 109). Имено, истите можат под поповолни, односно различни услови од општите да остваруваат право на пензија и тоа поради специфичноста, тежината на работното место и условите под кои ги извршуваат работите и работните задачи и обврски. Така, работник на Министерството за внатрешни работи кој има најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години (маж), односно 50 години живот (жена), може да оствари право на старосна пензија, ако работниот однос му престане по потреба на службата (член 100). На работниците од членовите 100, 102 и 104 на овој закон им се определува старосна пензија која за 25 години пензиски стаж изнесува 62,0% од пензиската основа за маж, односно 65,6% од пензиската основа за жена и се зголемува за по 1,2% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 40 години пензиски стаж (маж), односно за по 1,44% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 35 години пензиски стаж (жена), така што старосната пензија не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа (член 105).

Од наведената законска регулатива произлегува дека работодавачот ќе го прекине договорот за работа во ситуација кога работникот ќе постигне возраст од 64 години, која пак возраст е услов истиот да може да оствари старосна пензија, доколку има најмалку 15 години пензиски стаж. Тоа всушност значи дека работодавачот има законско право, но и обврска да го прекине работниот однос на лицата кога ќе исполнат услови за остварување на старосна пензија, а најдоцна до наполнување 65 години возраст на работникот, доколку со закон не е поинаку утврдено.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот констатира дека содржината на оспорената одредба од членот 162 од Законот за внатрешните работи отстапува од општо утврдените принципи за престанок на работниот однос согласно Законот за работните односи и за стекнување старосна пензија согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Постоењето на Законот за работните односи и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како lex generalis, со кои се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, во која смисла се уредува прекинувањето на договорот за вработување поради возраст и стекнувањето на старосна пензија како едно од правата во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, според Судот, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со други закони да доуреди одредени прашања од оваа област, и тоа, само по себе, не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост (член 9 од Уставот) и на принципот на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот). Сепак, посебното, различно уредување, односно доуредување на овие прашања, според Судот, мора да се заснова на оправдани причини и да биде во прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на тие прашања во соодветната област, односно без оправдан основ да не ги издвојува осигурениците од групацијата на која и припаѓаат, за да не би се довела во прашање одредбата од член 1 од Уставот на Република Македонија со која Република Македонија е дефинирана како демократска и социјална држава што индиректно може да се рефлектира врз останатите уставни принципи што се однесуваат на еднаквоста, владеењето на правото и социјалната праведност.

Во оваа смисла, Судот ја имаше предвид потребата да се спроведат реформи во Министерството за внатрешни работи, кои подразбираат намалување на постојниот број вработени со статус на овластени службени лица, меѓутоа, смета дека избраниот начин тоа да се спроведе преку предвременото пензионирање на овластените службени лица, по сила на закон, без оглед на возраста, може основано да го доведе во прашање принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот.

Стекнувањето на право на старосна пензија во системот на пензиското и инвалидското осигурување во Република Македонија е условено со возраста на осигуреникот, а законодавецот посебноста на работата на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи веќе ја има вградено во постојниот систем за пензиско и инвалидско осигурување, на начин кој овозможува поповолни услови за нивно стекнување со право на старосна пензија, и тоа и во однос на возраста и во однос на пензискиот стаж. Тоа значи дека со правото на предвремено пензионирање според Законот за внатрешни работи, независно што истото е предвидено како мерка од времен карактер, законодавецот пропишува нови, различни услови за стекнување право на пензија на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи на кои се однесува ова решение, со што истите ги става во нерамноправна положба во однос на другите овластени службени лица во Министерството, кои ќе продолжат со работа по истекот на преодниот период од член 162 став 1 од Законот, во однос на овластените службени лица во Армијата на Република Македонија, во Министерството за правда, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, за кои исто така, поради спецификата на работата која ја вршат, во системот за пензиско и инвалидско осигурување се пропишани различни, поповолни услови за остварување на правото на старосна пензија, како и во однос на сите останати осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување.

Решението во Законот за внатрешни работи според кое пензиската основа за лицата на кои ќе им престане работниот однос по сила на овој закон и кои ќе остварат право на старосна пензија, претставува просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, битно отстапува од решението за утврдување на пензиската основа утврдено во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кое, пензиската основа се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (член 19 став 1), со што лицата на кои би се однесувало ова право ги става во привилегирана положба во однос на сите останати осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување.

Правото на еднаквост е еден од темелните правни принципи утврдени во Уставот на Република Македонија. Ова право опфаќа два елементи, и тоа прво, дека сите граѓани имаат право да бидат еднакво третирани пред законите и второ, дека законот еднакво се применува кон сите граѓани од страна на државните органи. Со други зборови, правото на еднаквост пред законот значи заштита на граѓанинот од секаков вид на дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на обврските.

Од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека уставното начело на еднаквост го обврзува законодавецот во уредувањето на односите начелото на еднаквост да го согледа на конкретен, а не на апстрактен начин преку правилото дека со еднаквите еднакво треба да се постапува, а со нееднаквите нееднакво.

Тргнувајќи од изнесеното, според Судот, со оспорениот член 162 од Законот за внатрешни работи, законодавецот утврдил нови услови за стекнување право на старосна пензија и за утврдување на висината на ваквата пензија, различни од условите кои важат за сите други осигуреници во системот на пензиското и инавалидското осигурување, кои значат стекнување на права под привилегирани услови само за одредена категорија овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи, а не за сите овластени службени лица кои се во иста општествена положба или за сите граѓани, без за тоа да постојат оправдани основи, со што постои основано сомнение дека законодавецот ги ставил граѓаните во нееднаква положба, што води до повреда на начелото на владеењето на правото и претставува повреда на членот 9 од Уставот на Република Македонија, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 162 од Законот со Уставот.

8. Со оглед на тоа што член 163 од Законот е врзан за член 162 од Законот и не може самостојно да се применува, Судот оцени дека поради тоа не постојат основи за поставување прашање за неговата согласност со Уставот.

9. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Наводите во првоподнесената иницијатива за меѓусебна противречност на одредби од истиот закон (член 45 во однос на член 162 од Законот за внатрешни работи), претставува барање за меѓусебна оцена на усогласеноста на одредби од ист закон, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд утврдени со член 110 од Уставот.
Наводите во второподнесената иницијатива за конкретно барање на согласноста на член 162 став 2 од Законот за внатрешни работи со член 104 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, претставува барање за меѓусебна согласност на два закона, што исто така не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативите во овие делови.

10. Според Судот, со извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот член 162 од Законот, можат да настанат тешко отстранливи последици, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оваа одредба.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2, 3 и 4 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Игор Спировски, а во однос на точките 1 и 4, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.223/2009
2 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски