223/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11, 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 1, член 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот за верските заедници и религиозните групи (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 и член 8 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 9, 29 и 35 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Христијанската Баптистичка Црква “Радосна Вест” од Скопје, кон која се придружуваат и: Евангелската Црква, Евангелско-Конгрешанската Црква и Христијанска Пентекостната Црква, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 1 и 3, член 8 став 2, членовите 9 и 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14, член 22 став 2, член 29 и член 35 став 1 од Законот за верските заедници и религиозните групи, затоа што овој закон за разлика од поранешниот закон бил подискриминаторски, порестриктивен и побирократски, а со оспорените одредби се вршело дискриминација меѓу верниците и помеѓу верските заедници и религиозните групи, се нагласувала улогата на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи и била пренагласена примената на казнените одредби, што не било во согласност со одредбите на членовите 9, 19, 20 и 54 став 3 и 4 од Уставот.

Одделно укажувајќи на оспорените одредби од Законот, подносителот на иницијативата смета дека со одредбата на член 1 од Законот, започнува дискриминацијата, бидејќи како облик на остварување на слободата на вероисповеста и на изразување на верата посебно ги третира верските заедници за разлика од религиозните групи. Имено, за верските заедници се уредувала положбата, а за религиозните групи се уредувало нивното основање и работа, што не било во согласност со член 19 став 3 од Уставот.

Понатаму, одредбата на член 3 од Законот, содржела можност од казнување на вероисповедување на група верници помала од 50 лица, што било во несогласност со член 19 ставовите 1 и 2 од Уставот и член 9 од Европската конвенција за човекови права, а одредбата на член 8 став 2 од Законот, создавала нерамноправност и не била во согласност со Уставот.

Според подносителот на иницијативата, одредбата на член 9 од Законот не содржела можност односно не го уредувала прашањето за основање на верска заедница, а во членот 29 од Законот не било пропишано казна ако се врши принуда да не се станува член на верска заедница или религиозна група.

Исто така, подносителот на иницијативата смета дека цензусот од 50 лица во член 10 од Законот, се барал само за основање на религиозна група, а не и за верска заедница, а преку барањето на личните податоци како содржина во пријавата утврдена во член 11 став 2 од Законот се создавало основа за заплашување на граѓаните и досиеја врз верска основа, што не било во согласност со Уставот.

Конечно, со одредбите на членовите 13 и 14, член 22 став 2 и член 35 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека е пренагласена улогата на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи, особено што на тој орган му се давало право да доделува својство на правно лице и не била отстранета можноста од самоволно постапување на овој орган.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот со овој закон се уредува положбата на верските заедници, основањето и работата на религиозните групи, верската поука и верските училишта, како облик на остварување на слободата на вероисповеста и на изразување на верата.

Со член 3 став 1 од Законот се уредува дека верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група, а со став 2 од овој член дека тие својата дејност ја вршат во согласност со Уставот, законите и другите прописи.

Со член 8 став 1 од Законот се определува дека верската заедница е доброволно организирана, непрофитна заедница на верници од иста вероисповест, а според оспорениот став 2 на овој член, за една вероисповест може да постои само една верска заедница.

Според член 9 од Законот, религиозна група е доброволно непрофитно здружување на верници со исто верско убедување кои не припаѓаат на регистрирана верска заедница, а во согласност со Законот, граѓаните можат слободно и јавно да основаат религиозни групи. Според член 10 од Законот, религиозна група со седиште во Република Македонија можат да основат најмалку 50 полнолетни лица, државјани на Република Македонија, со постојано живеалиште во Република Македонија. Основачите на религиозна група одлука за основање и правила, односно друг акт со кој се уредува организацијата и работењето, донесуваат на собир на основачите. Според член 11 став 2 од Законот, пријавата за основање на религиозна група содржи: назив, податоци за основачите, седиште, предмет на дејствување, означување на просториите во кои се вршат верските работи и верските обреди и податоци за лицата одговорни за работата и за застапувањето и претставувањето на религиозната група.

Со член 13 од Законот се уредува дека религиозната група за која е утврдено дека е основана во согласност со овој закон, се запишува во регистерот што се води кај органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи и дека овој орган пропишува поблиски прописи во врска со водењето и содржината на регистерот.

Според член 14 став 1 од Законот, верските заедници и религиозните групи имаат својство на правни лица, според ставот 2 од овој член, религиозната група својството на правно лице го стекнува од денот на уписот во регистерот, според ставот 3 од овој член, верските заедници, односно религиозните групи можат да основаат социјални и доботворни установи во постапка утрдена со закон, а според ставот 4 од овој член на Законот, одлуките на органите на верските заедници, односно на религиозните групи немаат дејство надвор од нив, а исправите на овие органи немаат својство на јавни исправи.

Со член 22 став 2 од Законот се уредува дека за изградба или стекнување на објект наменет за вршење на верски работи и верски обреди, покрај условите утврдени со овој закон, верската заедница, односно религиозната група е должна да обезбеди позитивно мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Според член 29 од Законот, со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок: лице кое на било кој начин принудува граѓанин да стане член на верска заедница или религиозна група; лице кое принудува граѓанин да учествува или да не учествува во верски обреди или други видови изразување на верата, и странски државјанин кој врши верски работи и верски обреди или изведува настава во верско училиште без претходно одобрение од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Конечно, со оспорениот член 35 став 1 од Законот, се уредува дека органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи, во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон (а тоа е 1 јули 1997 година), ќе ги пренесе во својот регистар верските заедници и религиозните групи што се пријавени во Министерството за внатрешни работи до влегувањето во сила на овој закон.

6. Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 од овој член на Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 19 став 1 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста, а со ставот 2 од овој член, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Според став 3 од овој член, Македонската Православна Црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот, а според став 4 од овој член на Уставот, Македонската Православна Црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верските училишта и на други социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, според став 2 од овој член, граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, а според став 3 од овој член на Уставот, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.

Со член 54 став 3 од Уставот се уредува дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба, а според став 4 од овој член на Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и за слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со член 18 од Универзалната декларација за човековите права се декларира дека секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата. Ова право ја вклучува и слободата – човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата – човекот, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или уверување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди. Според член 29 став 2 од оваа декларација, при користењето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите.

Според член 9 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој човек има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, сам или заедно со други, јавно или приватно, преку обред, проповеди, вршење верски должности и ритуали. Според став 2 од овој член на Конвенцијата, слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на јавната безбедност, здравјето и моралот или заштита на правата и слободите во демократското општество.

Тргнувајќи од содржината на напред наведените одредби од Уставот, јасно произлегува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно, покрај другото и од верското уверување, дека се гарантира слободата на вероисповеста, односно дека секому му се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразува верата, дека Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот и дека тие се слободни во основањето на верските училишта и на другите социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон. Всушност, слободата на вероисповеста и правото на слободно изразување на верата е потврда на уставно утврдената еднаквост на граѓаните без оглед на нивното верско уверување, да се определи граѓанинот да припаѓа на која и да е вера и да го исповедува нејзиното учење, но и правото да не припаѓа на ниедна религија.Одвоеноста на верските заедници и религиозните групи од државата е со цел државата да не се меша и интервенира во црковните и верските работи, а црквата и верата да не се вклучуваат и ангажираат во политичкиот живот и вршењето на државните функции. Еднаквоста, пак, на верските заедници и религиозните групи пред законот значи дека не постои државна религија која би била повластена и дека не се признаваат никакви привилегии на било која вера по било кој основ.

Понатаму, од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, слободно да основаат здруженија на граѓаните, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, дека нивните програми и дејствувања не можат да бидат насочени, покрај другото и кон верска омраза и нетрпеливост, дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско и по основ на верата и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

а) Тргнувајќи од напред наведените уставни и меѓународни основи за остварување на слободата на вероисповеста, а имајќи ја предвид содржината на член 3 став 1 од Законот според која верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група, според мислењето на Судот, со ограничувањето содржано во оваа одредба верските работи да може да ги врши само верска заедница односно религиозна група, како да се ограничува и навлегува во личните и интимни чувства и верски определби на поединецот како негова уставна гаранција за слободата на вероисповеста, со што всушност се повредува слободата на вероисповеста и се создава можност за казнување на лица при остварување на нивната слобода на вероисповест и изразување на верата, кога верските работи и верските обреди ги вршат надвор од регистрирана верска заедница, односно религиозна група.

Исто така, тргнувајќи од напред наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 10 и член 11 став 2 од Законот според кои за основање на религиозна група се бара цензус од најмалку 50 полнолетни лица државјани на Република Македонија за кои во содржината на пријавата за основање на религиозната група се запишуваат повеќе податоци, според мислењето на Судот, барањето на таков висок цензус на основачи на религиозна група и внесување на бројни податоци за основачите на таквата група, што не е случај со другите здруженија на граѓаните, како да претставува ограничување на слободата на вероисповеста и слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на одделни нивни права и уверувања.

Понатаму, тргнувајќи од содржината на уставните одредби во однос на слободата на вероисповеста и на работата на органите на државната управа, а имајќи ги предвид конкретните овластувања на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи, содржани во членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот, според мислењето на Судот, преку таквите овластувања на органот како да се ограничува слободата на вероисповеста и се нарушува уставно востановениот однос за одвоеност на верските заедници и религиозните групи од државата со што всушност содржаните овластувања на органот надлежен за таквите заедници и групи излегува од рамките на уставните и законските овластувања на органите на државната управа.

Врз основа на изнесеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на одредбите на член 3 став 1, член 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот со одредбите на Уставот.

б) Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 1 од Законот и причините за нејзиното успорување, според мислењето на Судот, посебниот третман на верските заедници за кои со оспорената одредба од Законот се уредува нивната положба, а за религиозните групи нивното основање и работа, произлегува од член 19 став 3 од Уставот. Имено, посебното именување на верските заедници и религиозните групи со Уставот дава основа и за различен третман на овие два посебни облика на остварување на слободата на вероисповеста и на изразување на верата. Со основањето на религиозната група, таа, како и верската заедница, во се е рамноправна и еднаква пред Законот. Според тоа, Судот оцени дека со оваа оспорена одредба не се создава дискриминација меѓу верниците и нееднаквост помеѓу верските заедници и религиозните групи.

Понатаму, со определбата за една вероисповест да може да постои само една верска заедница, содржана во одредбата на член 8 став 2 од Законот, според мислењето на Судот, не се создава нееднаквост во остварување на слободата на вероисповеста. Со оваа одредба, всушност се заштитуваат граѓаните од манипулирање со нив преку поделба на верниците од иста вероисповест на повеќе верски заедници што води кон легализирање на раскол во црквата. Притоа, се има предвид и можноста дека верниците кои имаат исто верско убедување, а не припаѓаат (по нивна волја) во регистрирана верска заедница, тие можат да се здружат во религиозна група и организирано да ги вршат верските работи и верските обреди, како и верските заедници. Според тоа, Судот оцени дека определбата за една вероисповест да постои една верска заедница не создава нерамноправност и не е во несогласност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 1 и член 8 став 2 од Законот со одредбите на членовите 9, 19, 20 и 54 став 3 и 4 од Уставот.

в) Тргнувајќи од содржината на членовите 9 и 29 од Законот, а имајќи ги предвид причините за нивното оспорување, според кои член 9 од Законот се оспорува затоа што не содржел можност односно не го уредувал прашањето за основање на верска заедница, а во член 29 од Законот не било пропишано казна ако се врши принуда да не се станува член на верска заедница или религиозна група, според мислењето на Судот, на овие две одредби им се приговара за содржина која не ја содржат, односно се предлага нивно дополнување, што не е во надлежност на Уставниот суд.

Во однос на оспорената одредба на член 35 став 1 од Законот, Судот оцени дека таа одредба по својот карактер е од преоден режим, ја извршила својата улога и со истекот на времето на нејзиното важење престанала да постои.

Врз основа на наведеното, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата во тој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.223/97)