222/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за вработување на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005, 115/2005, 29/2007 и 88/2008).

2. Звонко Шаврески претседател на Здружението на граѓани Полио Плус од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 35 став 3 од Уставот, затоа што во него не биле опфатени сите категории на лица со инвалидност, особено оние кои самостојно вршеле професија или дејност (адвокати, лекари, нотари и други). Имено, законодавецот во Законот за вработување на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 10/2004 и 62/2005) направил пропуст со тоа што една категорија на лица со инвалидност досега не можеле да ги остварат привилегиите што ги дозволувала државата за вработување на лица со инвалидност, на кој начин ги ставал во нееднаква положба лицата со инвалидност кои не вршеле слободна професија (адвокати, нотари, лекари) а ги користеле привилегиите. Конфузијата била уште поголема бидејќи адвокатите,нотарите,лекарите и други се воделе според друг закон, а тоа е Законот за трговските друштва каде што во член 8 изрично било наведено дека споменатите лица не се сметале за трговци, а со тоа не стекнувале својство на работодавци, а Законот за вработување на инвалидни лица барал да се има својство на работодавец.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1 од Законот за вработување на инвалидните лица со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец, кај работодавец или има својство на работодавец во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодности за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво (во натамошниот текст – заштитно друштво).

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорениот член како и наводите во иницијативата произлегува дека со неа се бара оценување на уставноста на член 1 од Законот не затоа што содржи норма која не е во согласност со Уставот, туку затоа што содржината на нормата не е таква каква што според подносителот би требало да биде.

Поаѓајќи од напред наведеното, а имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на неговата наделжност, па согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд утврди дека постојат процесни пречки за постапување по барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.222/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски