222/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90 и 62/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Веселиновски-Бате му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не содржел одредби кои го регулираат начинот на продавање на становите на воените лица, што овозможувало тие да се продаваат под поинакви услови од оние утврдени според прописите за поранешната ЈНА преземени како републички, со што воените лица се доведени во нееднаква положба во однос на другите граѓани, со што било повредено уставното начело на еднаквоста.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон се уредени условите, начинот и постапката за продажба на становите во општествена сопственост. Притоа, со законот не се уредуваат односите во врска со продажбата на становите во сопственост на поранешната ЈНА, како категорија станови што се доделува, користеа и продаваа под посебен режим утврден со посебни прописи.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според мислењето на Судот, прашање е на законодавната политика дали односите во врска со продажбата на општествените станови ќе се уредат целосно со еден закон, или во зависност од карактерот на средствата издвојувани за станбената изградба односно начинот на настанувањето на станбениот фонд на Армијата ќе се уредат со посебен закон. При ова, Судот оцени дека уставното начело на еднаквост не го обврзува законодавецот да пропише истоветен режим за продавање на овој вид станбен фонд.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец