22/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за цивилните инвалиди од војната („Службен весник на СРМ“ бр

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот Закон бил донесен во 1976 година, кога Социјалистичка Република Македонија била во составот на СФРЈ и постоеле сосема други општествени услови во однос на Уставот на Република Македонија кој бил донесен во 1991 година, па поради тоа Законот не бил соодветен ниту применлив во денешни услови. Поради тоа, оспорениот закон не бил во согласност со членот 1, членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија и со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за цивилните инвалиди од војната се регулираат правата на цивилните инвалиди од војната, условите за стекнување и постапката за остварување на правата. Имено, со Законот посебно се уредени основните одредби во кои е определен статусот на цивилен инвалид од војната (членови 1 – 4); потоа се уредени правото на цивилна инвалиднина, групите за цивилните инвалиди и основата за определување на цивилната инвалиднина, правото на додатокот за нега и помош од друго лице, правото на здравствена заштита, професионалната рехабилитација и ортопедски помагала, како и условите за остварување на овие права (членови 5 – 19); а со Законот посебно е уредена и постапката за остварување на правата од цивилните инвалиди од војната (членови 20 – 30).

4. Со донесувањето на Уставот на Република Македонија во 1991 година, Република Македонија е определена како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Со Уставот се уредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 133 став 1 од Уставот, за спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон.

Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991) во членот 6 определил дека законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македолнија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Со оглед на тоа што Законот за цивилните инвалиди од војната, кој бил донесен во 1976 година, уште во време пред осамостојувањето на Република Македонија и пред донесувањето на Уставот на Република Македонија, имал повеќе измени и дополнувања во периодот од 1991, 1999 и 2009 година, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 38/1991, 81/1999, 12/2009 и 161/2009, Судот оцени дека Собранието на Република Македонија како законодавен орган вршел усогласување на Законот и ја оценил целисходноста од неговото постоење во правниот поредок на Република Македонија по донесувањето на Уставот на Република Македонија, при што Законот е во примена и важи за односи кои настануваат.

Уставниот суд на Република Македонија во уставно судската практика ја ценел уставноста на една одредба од овој закон при што не било доведено во прашање неговото постоење во правниот поредок на Република Македонија. Имено, Судот го разгледувал Законот за цивилните инвалиди од војната и со своето решение У.бр.238/2007 од 13 март 2008 година извршил уставно судска анализа при што ја ценел одредбата од членот 23 став 1 од овој закон, која била оспорувана со иницијатива на друг подносител и јасно укажал дека оспорениот закон се однесува и на односи кои настануваат како од поранешниот така и од сегашниот период, односно не е правно исцрпен.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот закон не може уставно да се проблематизира од наводите кои се изнесени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2010
2 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски