22/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 2 и 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што во Уставот на Република Македонија, било препуштено со закон да се уреди остварувањето на правото и должноста за одбрана на Република Македонија, но не биле утврдени случаите кога со закон можело да се предвидуваат одредени исклучоци во однос на женскиот пол, туку согласно член 9 и член 54 став 3 од Уставот ограничувањето на слободите и права не можело да биде дискриминаторско по основ на пол.

Со оглед на тоа што во оспорените законски одредби било предвидено на воена обврска да подлежат само граѓаните од машки пол, а по исклучок жените можат да служат само во резервниот состав, тие не биле во согласност со наведените уставни одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот за одбрана во одбраната на Републиката граѓаните имаат право и должност: да извршуваат воена обврска; да учествуваат во цивилната заштита; да извршуваат работна обврска; да извршуваат материјална обврска.

Во член 3 од Законот е уредено прашањето за извршување на воената обврска како едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Во став 1 на овој член од Законот е предвидено дека воената обврска на граѓаните е општа.

Во оспорениот став 2 од овој член од Законот е предвидено дека на воена обврска подлежат сите граѓани на Републиката од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот.

Во оспорениот став 3 е предвидено дека по исклучок од став 2 на овој член жените можат да служат во резервен состав.

Според член 8 од Законот обврската за служење на воен рок и за служење во резервен состав се извршува во армијата.

Во членовите 9, 10, 11 и 12 од Законот се утврдени должностите на граѓаните за учество во цивилната заштита, извршувањето на работна обврска и извршување на материјална обврска, при што овие должности рамноправно ги имаат и мажите и жените.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 28 од Уставот одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Во член 122 од Уставот е предвидено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 42 од Уставот Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Од изнесените уставни одредби произелгува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно, меѓу другото, и од полот, меѓутоа жените како мајки посебно се заштитени и имаат посебни права врз основа на мајчинството.

Што се однесува до правото на одбрана на Република Македонија, видно е од Уставот дека тоа не е само право туку е и должност, при што ако се имаат предвид одредбите од Законот за одбрана поголема тежина добиваат обврските за сметка на правата, а Уставот прокламира еднаквост меѓу граѓаните во слободите и правата, независно од полот, а не и во обврските предвидени со Уставот.

Со Уставот на Република Македонија е утврдено само тоа дека одбраната на Република Македонија е право и должност на сите граѓани, што значи и мажи и жени, при што не се утврдени формите и начините за остварување на одбраната на Републиката, туку е препуштено целосно ова прашање да се уреди со закон.

Притоа, смислата и целта на уставната одредба може да биде постигната само доколку положбата на граѓаните во системот на одбраната кореспондира со целината на корпусот на неговите слободи и права утврдени и загарантирани со Уставот. Положбата на граѓаните во рамките на системот на одбрана мора да произлегува и да претставува сегмент на нивната позиција и положба во општеството.

Со Уставот не е утврдена воената обврска како посебно право и должност на сите граѓани во одбраната на Републиката, туку таа е утврдена со Законот, и тоа само како една од формите низ кои се операционализира учеството на граѓаните во одбраната на Републиката.

Други облици низ кои се операционализира учеството на граѓаните во одбраната е служење во резервниот состав, во цивилната заштита во работни обврски, во материјални обврски и друго, при што учесници во остварувањето на овие обврски се и мажите и жените.

Според тоа, гледано од аспект на целината на одбранбениот систем постојат различни начини на вклучување на жената во вршењето на одбраната на Републиката.

Со оглед на тоа што во Уставот не е предвидено како посебно право и должност служењето на воената обврска, туку најопшто се утврдува одбраната како систем од повеќе форми и начини на нејзино остварување и тоа како право и должност кое се уредува со закон,Судот оцени дека е право на законодавецот да ги утврди формите и начинот на операционализација на одбраната на Републиката, па во тие рамки да ги определи и субјектите кои ќе учествуваат во нејзиното остварување и да ги утврди посебните права и должности на секој од учесниците во одбраната.

Притоа, со оглед на тоа што со Законот за одбрана жената не е сосема исклучена од правата и должностите за одбрана на Републиката, туку се исклучува само од една од формите на остварување на одбраната и тоа поради нејзините физички и биолошки својства, Судот смета дека не се врши ограничување на слободите и правата и не се создава нееднаквост меѓу мажот и жената, туку всушност со Законот само се врши поделба на обврските во остварувањето на одбраната меѓу различните субјекти, учесници во одбраната.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.22/97)