221/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за основање на водостопанство “Струмичко Поле” – Струмица, донесена од Владата на Република Македонија, број 19-1688/1 од 15 април 2008 година, објавена во “Службен весник на Република Македонија” број 54/2008.

2. ЈПКД “Комуналец” – Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбите од членовите 4, 5 и 6 на оспорената одлука не биле во согласност со членовите 23, 25, 85, 87 став 2 точка 5, член 91 до член 94 и член 128 од Законот за водостопанствата, од кои причини предлага поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука и нејзино поништување.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука со која во членот 1 е определено дека се основа Водостопанство “Струмичко Поле”-Струмица и се означени називот и седиштето на фирмата, а во членот 2 е определено дека тоа се основа како јавно правно лице кое ќе врши економично стопанисување, користење, функционирање, одржување и контрола на системи на подрачјето на дејствување, заради снабдување со вода за наводнување на земјоделско земјиште, снабдување со вода на комунални претпријатија, за водоснабдување и за консумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) и технолошки потреби, снабдување со вода за индустриски и технолошки (стопански) потреби, вклучувајќи и производство на електрична енергија, одводнување на земјиште и одржување на водостопанските објекти и постројки за заштита од поплави, регулација на реки и заштита на земјиштето од ерозија. Со членот 3 од Одлуката е определено географското подрачје на дејствување на Водостопанството и системите опфатени на подрачјето на дејствување. Со членот 4 од Одлуката, е определено дека одборот на корисници на вода на Водостопанството се состоел од 14 членови, а со членот 5 е определен начинот на распределбата на местата во Одборот наменет за претставниците на водните заедници. Со членот 6 од Одлуката се именувани членовите со име и презиме на лицата, на првиот состав на Одборот на Водостопанството како и претседател од редот на именуваните лица. Со членовите 7, 8, 9 и 10 од Одлуката, се определени мандатот на членовите на Одборот, основните средства за вршење на дејноста и организацијата, како и денот кога Одлуката влегува во сила.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија е одлучувањето за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, се утврди дека во конкретниот случај, оспорената Одлука не е пропис и по својот карактер и содржина претставува поединечен односно конкретен акт со еднократно дејство, со кој се основа конкретен правен субјект.

Со оглед на тоа што, оспорената Одлука нема карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 221/2009
14 април 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски