220/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 50-а од Законот за преземање на акционерски друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2002, 37/2002 и 36/2007).

2. Пантелеј Панев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 50-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со членот 2 од Законот за хартии од вредност, акцијата се дефинирала како сопственичка хартија од вредност, која претставувала неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво. Наспроти сопственичкиот карактер на акцијата, со оспорените одредби од членот 50-а од Законот се уредувала „принудна продажба“ на акциите, под услови и начин пропишани со оспорените одредби од Законот, што било спротивно на повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 во кој правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок; членот 9 според кој граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата, а во случајов доминантниот акционер се здобивал со право да го зголеми имотот со откуп на акциите на другите; и членот 30 со кој се гарантирало правото на сопственост, а сопственоста можела да биде одземена или ограничена само во случај кога се работело за јавен интерес утврден со закон, но со оспорените одредби, одземањето на сопственоста на акциите со принудната продажба, не било заради јавен интерес. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека членот 50-а од Законот за преземање на акционерски друштва предвидува:

„(1) Доколку понудувачот во постапката за преземање откупи најмалку 95% од акциите со право на глас на друштвото на кое се однесува понудата за откуп, тој има право да ги купи и акциите на останатите акционери што не ја прифатиле понудата за откуп. Ова дополнително купување мора да биде извршено според истите услови кои се однесувале на понудата за откуп, односно на нејзината последна корекција.
(2) Понудувачот доколку го искористи правото од ставот (1) на овој член е должен да поднесе до Централниот депозитар за хартии од вредност барање за принудна продажба на акциите на акционерите кои не ја прифатиле понудата со наведување на условите за купување на акциите кои се идентични со оние во јавната понуда, како и да изврши уплата на паричниот износ потребен за откуп на овие акции на посебна сметка на Централниот депозитар за хартии од вредност.
(3) Централниот депозитар за хартии од вредност ги известува сите акционери за поднесеното барање за принудна продажба и ги повикува сите акционери да достават податоци за сметка во банка на која ќе им се изврши уплатата за продадените акции врз основа на принудната продажба.
(4) Барањето од ставот (2) на овој член понудувачот може да го поднесе во рок не подолг од 90 дена од денот на објавувањето на решението на Комисијата за успешност на понудата за откуп објавено во „Службен весник на Република Македонија“.
(5) Барањето од ставот (2) на овој член понудувачот е должен да го објави во „Службен весник на Република Македонија“ и најмалку во еден дневен весник што излегува на целата територија на Република Македонија.
(6) Во барањето за принудна продажба, како една од алтернативите за плаќање на акциите мора да биде понудено плаќање во готово, без оглед на начинот на плаќање што се употребувал при понудата за откуп.
(7) Во врска со пренесувањето на хартиите од вредност и исполнување на паричните обврски по основ на принудната продажба, соодветно се применуваат одредбите од членовите 44, 45 и 46 на овој закон, при што роковите за исполнување на обврските течат по истекот на рокот утврден во ставот (4) на овој член.
(8) Трошоците за реализација на принудната продажба паѓаат на товар на понудувачот“.

4. Според членот 8 алинеи 6 и 7 од Уставот, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005, 25/2007 и 7/2008) предвидел дека за се она што не е уредено со овој закон, ќе се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва, Законот за стечај и Законот за општата управна постапка.

Според членот 2 од овој закон, „акција“ е сопственичка хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Акциите можат да бидат обични и приоритетни.

Законот за трговски друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005 и 25/2007) во членот 3 дефинирал дека „акција“ е хартија од вредност (која што може да ја издаваат акционерското друштво и командитното друштво со акции) во која што е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот кој, како сопственик на акцијата, не е доверител на друштвото ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото.

„Влог во друштвото“ се пари, ствари, права кои што содружникот односно акционерот му ги отстапува и пренесува на трговското друштво во постапката на основање или во постапката на зголемување на основната главнина на друштвото, односно труд и услуги кога тоа со овој закон е допуштено.

Според овој закон, акционерско друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, која што е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. Од одредбите од овој закон со кој што се уредува акционерското друштво, може да се отстапува на начин и според условите пропишани со овој закон и со други закони (член 270).

Во делот V од овој закон, кој се однесува на „Правни односи меѓу друштвото и акционерите“ е определено дека акционерите под еднакви услови имаат еднаква положба во друштвото; акционерот е должен да го плати износот на акцијата; друштвото ќе ги продаде акциите што му ги одзело на „исклучениот“ акционер (кој не ги платил акциите) и исклучениот акционер има обврска да плати и договорна казна ако е утврдена во јавниот повик, а не се исклучува и одговорноста на исклучениот акционер за причинетата штета на друштвото поради пропуштањето на уплатата; акционерите имаат право на учество во добивката, освен ако според одлука на собранието за употреба на добивката донесена врз основа на закон или статут, добивката е изоставена од распределбата меѓу акционерите, а учеството на акционерите во добивката се определува според родот и класа на акциите; друштвото може да стекнува сопствени акции со откуп, самото или преку лице кое дејствува во свое име а за сметка на друштвото, а кога друштвото стекнува сопствени акции пропорционално од сите акционери донесува одлука за тоа и упатува јавен повик со понуда до сите свои акционери и според членот 335 став 7 од овој закон стекнување на сопствени акции на друштвото се врши и по сила на законска обврска или врз основа на одлука на суд.

Согласно членот 532 од овој закон, ако најмалку 90% од уделите, односно акциите во кои што е претставена главнината на друштвото кое што се присоединува или што се дели ги држи друштвото кое што презема, не е потребна согласност на содружниците, собирот на содружниците и собранието на друштвото кое што презема.

Согласно членот 535 од овој закон, на содружник, односно акционер кој се изјаснил дека не сака за неговиот удел, односно акции да преземе удел, односно акции во друштвото што презема, друштвото е должно да му го откупи уделот, односно акциите според цена утврдена во одлуката за присоединување, спојување, односно поделба.

Законот за преземање на акционерските друштва, во членот 1 определил дека со овој закон се уредува начинот и условите за купување на хартии од вредност на акционерското друштво – издавач на хартии од вредност, од страна на правно или физичко лице кое се стекнало или има намера да стекне учество кое обезбедува над 25% од правата на глас кои произлегуваат од хартиите од вредност на тоа акционерско друштво (во понатамошниот текст: преземање).

Според одредбите од овој закон, лицето кое има намера за преземање, задолжително дава јавна понуда за откуп на хартии од вредност, под услови и на начин утврдени со овој закон.

Понудувач е лице кое дало јавна понуда за откуп, понудата за откуп ја дава банка и брокерска куќа, членка на берзата, во име и за сметка на понудувачот, а пред објавувањето на понудата за откуп понудувачот треба за својата намера да ја извести истовремено Комисијата за хартии од вредност, органот на управување на акционерското друштво на кое се однесува понудата за откуп и Монополската управа.

Според членовите 34 и 35 од овој закон, понудата за откуп се прифаќа со писмена изјава на имателите на хартии од вредност и се смета за прифатена со денот на резервирањето на хартиите од вредност на посебна сметка во Централниот депозитар за хартии од вредност при што не може повеќе да се располага со нив.

Комисијата за хартии од вредност, донесува решение за успешност на откупот. Со одредбите од Законот подробно е уредена постапката, начинот и условите за откупот на хартии од вредност од акционерските друштва.

Во овој дел, со измените и дополнувањата на Законот во 2007 година, по членот 50 се дадени нови членови 50-а и 50-б, од кои со иницијативата во овој предмет е оспорен само членот 50-а и покрај фактот што со двете одредби Законот уредил реципрочни права на субјектите во откупот кој е предмет на уредување со Законот. Имено, со ставот 1 од членот 50-а од Законот, е утврдено право, а со останатите одредби од ставовите 2 до 8 од овој член од Законот е детално регулирано остварувањето на тоа право, според кое доколку понудувачот во постапката за преземање откупи најмалку 95% од акциите со право на глас на друштвото на кое се однесува понудата за откуп, тој има право да ги купи и акциите на останатите акционери што не ја прифатиле понудата за откуп. Ова дополнително купување мора да биде извршено според истите услови кои се однесувале за откуп, односно на нејзината последна корекција.

За остварување на наведеното право, понудувачот доставува барање за реализација на принудна продажба на акциите на акционерите кои не ја прифатиле понудата во рок не подолг од 90 дена од денот на објавувањето на решението на Комисијата за успешност на понудата за откуп објавено во „Службен весник на Република Македонија“. Барањето на понудувачот, исто така, се објавувало во „Службен весник на Република Македонија“, и најмалку во еден дневен весник што излегувал на целата територија на Република Македонија. Во барањето за принудна продажба, како начин на плаќање за откупот должно било да понуди плаќање во готови пари, како една од алтернативите за плаќање на акциите со што се обезбедувало износот и начинот на плаќањето да биде фер понуда.

Од друга страна, со членот 50-б од Законот, е уредено правото доколку понудувачот во постапката за преземање се стекнал со најмалку 95% од акциите со право на глас, на друштвото на кое се однесува понудата за преземање, тој имал обврска да ги купи и акциите на останатите акционери што не ја прифатиле понудата за преземање, доколку овие акционери поднесат барање за принудно купување до Централниот регистар за хартии од вредност. Ова дополнително купување морало да биде извршено според истите услови кои се однесувале на понудата за откуп, односно на нејзината корекција.

Со иницијативата подносителот иницира уставно проблематизирање само на правата и обврските од првиот случај, уреден со членот 50-а од Законот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и од анализата на оспорениот член 50-а од Законот, Судот оцени дека за оспорените одредби не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот, особено поради следново:

– Сопственик на право на управување и располагање со имотот со кој работи акционерското друштво е само друштвото. Акционерите се сопственици единствено на акциите (во хартиена или електронска форма). Тие единствено можат да ги продадат акциите (договорно, по сила на законска обврска или одлука на суд) кои што ги поседуваат и на тој начин да стекнат ликвиден имот, кој можат дирекно да го управуваат или користат. Акционерите немаат никакви други материјални права врз кој и да е дел од имотот на акционерското друштво. Акциите се финансиска хартија од вредност која на имателот му дава сопственички права во одредена компанија, но тие права се во рамки кои се движат меѓу нивната волја, управните структури на корпорацијата односно друштвото и законските прописи.

Впрочем, никој не го присилува лицето да биде акционер и да подлежи на односите кои се уредени со закон за оваа материја, но доколку е носител на акции тој ќе треба да го прилагоди своето управување и располагање со акциите на начин и под услови кои се законски детерминирани и кои се однесуваат за сите во исти услови.

– Акциите како и другите хартии од вредност се институти комплексно уредени со повеќе закони и други прописи од финансиската сфера и не може изолирано надвор од тие односи да се разгледува прашањето на акциите како право на сопственост кое било уставно гарантирано и неприкосновено, имајќи предвид дека акцијата дава само права определени со закон, така што сопственоста нема апстрактен карактер како што смета иницијаторот.

– Во мислењето на Владата на Република Македонија по однос на наводите во иницијативата, како и од образложението на Предлог-Законот јасно се истакнува потребата од прилагодувањето на Законот со европското право, упатувајќи на Директивата 2004/25/ЕЗна Европската унија.

Според членот 15 од оваа Директива, земјите членки ќе обезбедат понудувачот кој ја доставил понудата за преземање на акциите може да бара сите иматели на останатите хартии од вредност кои првично не ја прифатиле понудата за откуп да ги продaдат по фер цена, во следниве ситуации: а) кога понудувачот веќе има хартии од вредност со најмалку 90% од капиталот кој носи право на глас и б) кога по прифаќањето на јавната понуда понудувачот допрва ќе стекне не помалку од 90% од капиталот на компанијата со хартии од вредност со право на глас.

Во однос на дополнителниот откуп на акции од малцинските акционери се гарантира фер цена, која треба да биде еднаква на онаа која е понудена во понудата за преземање или онаа цена која им е платена во готово на акционерите.

Според насоките во Директивата и во други земји се уредени со закон и други прописи прашањата за преземање на акционерските друштва, и принудното купување на акциите од малцинските акционери.

Според Судот, постоењето на овој правен режим е во релација со веќе изнесената анализа на акциите и правата на нивните носители па оттука не може да се прифати наводот во иницијативата дека со оспорените одредби од Законот со кој во Република Македонија се воспоставува принудниот пренос на акции биле повредени одредбите од Уставот, туку напротив станува збор за регулирање на овие прашања што подеднакво се однесува на сите во такви услови во слободното пазарно стопанство и претприемништво во Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.220/2008
10 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски