2/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 71 став 5 од Законот за Кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 и 100/2012).

2. Адвокатот Павлина Зефиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба, според која за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит, не била во согласност со членовите 8, 9, 51, 53, 55 и 118 од Уставот на Република Македонија.

Во однос за несогласноста на оспорената законска одредба со член 8 алинеја 11 од Уставот, во иницијативата се наведува:

Со ратификација на Европската конвенција за човековите права, Република Македонија се обврзала да ги почитува и се грижи за правилна примена на нејзините одредби. Со членот 6 од Конвенцијата се гарантирало правото на правично судење, а во ставот 3 на овој член таксативно се набројувале правата на секое лице кое кривично е обвинето, па во точката (в) стоело: „да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор…“. Со ограничувањето дадено во член 71 став 5 од Законот за кривичната постапка, на обвинетиот му се повредувало неговото право на избор на адвокат.

Во однос за несогласноста со член 9 став 1 од Уставот, се наведува:

Начелото на забрана од дискриминација и начелото на еднаков третман предвидени со член 9 од Уставот на Република Македонија, претставувале забрана за законодавецот да внесува одредби во законите кои ги ставаат во нерамноправна положба граѓаните, од една страна, и обврска примената на законите и другите прописи да се врши еднакво спрема сите, од друга страна. Со оспорената законска одредба во нерамноправна положба се ставале адвокатите за кои се наметнувала обврска да имаат петгодишно работно искуство за да може да застапуваат обвинет на кого може да му се изрече казна затвор од најмалку десет години и јавниот обвинител кој го презема гонењето. Јасно било дека за едно лице да стане адвокат согласно одредбите на Законот за адвокатура, потребно било да поседува повеќегодишно работно искуство. Нејасно било зошто законодавецот предвидел ваква обврска само за адвокатите, но не и за јавните обвинители.
Доколку целта на законодавецот била на обвинетиот да му се пружи соодветна правна помош и застапување, тогаш таква обврска требало да наметне и за другиот учесник во постапката – јавниот обвинител кој ги гони сторителите на кривични дела.

Оспорената одредба била дискриминаторска бидејќи од една страна вклучувала исклучување на помладите адвокати и наклонетост кон адвокатите со повеќе од петгодишно искуство, со што се создавале нееднакви можности во професијата.

Од друга страна, со ваквото ограничување кое се однесува исклучиво на бранителите, а не и на јавните обвинители, се вршела разлика помеѓу учесниците во кривичната постапка, кои биле еднакви странки. Со ваквата одредба јавниот обвинител се ставал во поповолна положба од адвокатот и очигледно било дека законодавецот претпоставувал дека секој јавен обвинител без разлика на годините на неговото работно искуство, бил покомпетентен од бранителот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член 71 став 5 од Законот за кривичната постапка не бил во согласност со член 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Оспорената одредба била во спротивност и со Законот за адвокатура, каде во член 53 се пропишувало дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Адвокатурата била уставна категорија и истата се регулирала со посебен Закон за адвокатура, кој не ги делел адвокатите според работното искуство, ниту ги ограничувал истите. Секое лице кое ги исполнувало законските услови, се стекнувало со лиценца за адвокат и се запишувало во Именикот на адвокати при Адвокатската комора на Република Македонија.

Ниту еден закон не предвидувал градација на адвокатите и нивно ограничување во врска со работното искуство. Сите адвокати требало да бидат еднакви на пазарот и да им се обезбеди еднаква положба, како што пропишувал член 55 став 2 од Уставот.

Правото на слободен избор на бранител, кое се гарантирало со Европската конвенција за човекови права, било прекршено со ограничувањето кое се давало со оспорената законска одредба, а со тоа се повредувал член 118 од Уставот. Државата можела да го ограничува ова право и да му назначи на обвинетиот бранител по сопствен избор само во случај на сиромашко право, односно кога на обвинетиот му се доделувал бранител по службена должност, а не и во случај кога истиот си го плаќа бранителот – тогаш правото да одлучува кој ќе го застапува во кривичната постапка било негово апсолутно право.

Поради наведеното, се бара од Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот законски член и истиот да го поништи со своја одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка, за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Врз основа на членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во согласност со ставот 3 на истиот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со Европската конвенција за заштита на човековите права (ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997), се пропишува дека секој обвинет, како минимално право, има право да се брани самиот или со помош на бранител по свој избор, а доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата (член 6 став 3 точка в).

Според членот 2 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015), адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).

Во согласност со член 10 став 1 од истиот закон, правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија. Според ставот 2 на истиот член, по уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија на впишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Според член 12 од овој закон, во Именикот на адвокатите може да се запише лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење адвокатска дејност.

Законот за кривичната постапка ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка (член 1).

Правото на бранител во кривичната постапка се уредува со членот 71 од овој закон. Така, според ставот 1 од овој член, секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него. Според ставот 4 на истиот член, бранител може да биде само адвокат, а според ставот 5 на овој член, за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.

При постоење на наведената уставна и законска регулатива, со иницијативата се оспорува уставноста на законската определба од членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка, според која за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит, како несогласна со членовите 8, 9, 51, 53, 55 и 118 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Од наведената уставна и законска регулатива произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош во согласност со закон. Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатура и други закони.

Адвокат е лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење адвокатска дејност. Адвокатот се запишува во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на впишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Со Законот за кривичната постапка се пропишува дека како бранител во кривична постапка може да се јави само адвокат, но за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.

Оттука, произлегува дека правото на бранител во кривичната постапка е резервирано само за адвокат, а за одредени кривични дела, односно за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.

Според мислењето на Владата на Република Македонија, доставено до Уставниот суд по однос на наводите во иницијативата (акт бр. 42-386/4 од 27.01.2016 година), со оспорената одредба не се повредувало правото на одбрана на обвинетиот загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, туку со членот 71 од Законот за кривичната постапка ова право било целосно гарантирано и биле уредени модалитетите на неговото остварување. Оспорената одредба не била дискриминаторска, туку напротив, обезбедувала дополнителна заштита за граѓаните. Причината за воведување на ваквата одредба била да се подигнат стандардите и квалитетот на одбраната на обвинетите за посериозни кривични дела, со што се заштитувале интересите на обвинетите и им се обезбедувала поквалитетна одбрана.

Според Судот, наведеното образложение за целисходноста на оспорената одредба, не може да биде оправдување за неуставноста на истата. Имено, со наведената одредба несомнено се прави дискриминација помеѓу адвокатите, во зависност од нивното искуство по положувањето на правосудниот испит, од причини што, се занемарува фактот дека со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, секој адвокат во Република Македонија добива лиценца за работа со која стекнува право да дава правна помош на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи и други правни лица, на територијата на целата Република. Оттука, правото на избор на бранител од редот на адвокатите не може да биде условувано од страна на законодавецот со пропишување на дополнителни, посебни услови различни од условите за добивање на лиценца за работа, како што е случај со оспорената одредба, туку тоа е единствено право на избор на странката за тоа кој адвокат ќе ја застапува во конкретна судска постапка. Обезбедување на стандардите и квалитет на одбраната се остварува токму со пропишувањето дека во кривичната постапка бранители можат да бидат само адвокати, но според Судот, дополнително пропишување на други услови за адвокатите во одредени процесни постапки, различни од условите за добивање лиценца за работа, ги става во нееднаква положба адвокатите и води кон нарушување на еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, спротивно на уставните одредби.

Пропишаниот услов е недоволно јасен и е неоснован и ги става адвокатите во нееднаква положба, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Поради наведеното, Судот оцени дека за членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка основано може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 2 од Уставот.

5. Наводите во иницијативата според кои со ограничувањето кое се однесувало само на бранителите, а не и на јавните обвинители, се правела разлика помеѓу учесниците во кривичната постапка, кои биле еднакви странки, односно јавниот обвинител се ставал во поповолна положба од адвокатот затоа што законодавецот претпоставувал дека секој јавен обвинител без разлика на годините на неговото работно искуство бил покомпетентен од бранителот, водат кон барање за оценка на меѓусебната согласност на Законот за кривичната постапка и Законот за Јавното обвинителство, за што, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност за одлучување.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.2/2016
31 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева