2/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 и 13 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 145 и членот 146 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на РМ” бр.15/1997 и 44/2002).

2. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 145 и членот 146 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби се повредувале темелните вредности на уставниот поредок инкорпорирани во член 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот содржани во член 9, член 12 и член 13 од Уставот, и се повредувале членовите 50, 51 и 54 од Уставот.

Имено, со оспорените одредби по теркот на некои казнени системи на запад, се воспоставува нов институт во кривичната постапка – одлагање на кривичното гонење, а со тоа индиректно се создавал простор за невладеење на правото. Дискреционото право кое законот го дава на јавните обвинители значело воведување на принципот на опортунитет но под одредени услови. Тоа значи дека лицето сторител на кривично дело ќе треба да постапува и да исполни одредени поставени обврски не врз основа на закон, туку врз основа на упатство на јавниот обвинител.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека институтот одлагање на кривичното гонење е главниот генератор за злоупотреба на службената положба, подкуп и корупција на јавните обвинители, а со тоа индиректно се создава простор за невладеење на правото. Од друга страна, со овој член е дадено дискреционо право на јавниот обвинител сам да ја определува цената на пазарење, поради што кај народот владее максимата “ако имаш пари за тебе нема закон”.

Воведувањето на институтот откажување од кривично гонење значи суспендирање на принципот на легалитет во кривичната постапка и давање на дискреционо право на јавниот обвинител да цени дали обвинетиот добро се однесува или не и од неговото однесување зависи дали јавниот обвинител ќе се откаже или не од кривичното гонење. Институцијата “златен мост” како што ја нарекуваат кривичарите има за цел да ги одврати сторителите од извршување на започнато дело, меѓутоа и овој институт како и одлагањето на кривичното гонење во изминатиот период не ги даде очекуваните резултати, туку напротив со нивна злоупотреба од страна на јавниот обвинител сторителот на кривичното дело кој има пари, врски и пријател успева да се извлече од кривично гонење што водело до енормно зголемување на криминалот во државата.

3. Судот на седницата утврди дека во член 145 од Законот за кривичната постапка е предвидено: “Јавниот обвинител со согласност на оштетениот може да го одложи кривичното гонење за кривично дело за кое е пропишана парична казна или казна затвор до три години ако осомничениот е подготвен да се однесува според упатствата на јавниот обвинител и да ги исполни определените обврски со кои се намалуваат или отстрануваат штетните последици на кривичното дело. Такви обврски можат да бидат:

1. отстранување или надоместување на штетата;
2. плаќање на определен придонес во полза на буџетот или друга институција што врши јавни овластувања или во хуманитарни цели;
3. исполнување на обврските во однос на издржувањето

Ако сторителот во рок кој не може да биде подолг од шест месеци ја исполни обврската, јавниот обвинител ќе ја отфрли кривичната пријава против сторителот на кривичното дел од став 1 на овој член”.

Во член 146 од наведениот закон е предвидено: “Јавниот обвинител не е должен да превземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето ако:

1) Во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна;

2) Во Кривичниот законик за кривичното дело е пропишана парична казна или казна затвор до три години, а осомничениот поради вистинско каење го спречил настанувањето на штетните последици или ја надоместил сета штета, и јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот оцени дека кривичната санкција не би била основана”.

4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите, како темелни вредности на уставниот поредок утврдени се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеење на правото.

Според член 106 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Своите функции јавниот обвинител ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Имајќи ја предвид наведената уставна одредба, а во насока на почитувањето и заштита на човековите права, јавниот обвинител има посебна улога во казне ното гонење воопшто, а посебно како иницијатор и субјект на казнената постапка. Ефикасното гонење на извршителите на казнивите дела е еден од основните услови за остварување на заштитната функција на казненото право.

Во остварувањето на таа функција, јавниот обвинител се раководи од на челото на легалитет во кривичното процесно право, според кое тој е должен да преземе кривично гонење за кривично дело за кое се гони по службена должност секогаш кога се исполнети определени законски услови, без оглед на тоа дали лично е уверен во целесообразноста и корисноста на кривичното гонење во определен случај. Тоа значи, дека секогаш кога постои веројатност за примена на некоја кривична санкција врз сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, ако не постојат законски пречки, јавниот обвинител е должен да го презема кривичното гонење.

Примената на овој принцип во кривичното процесно право овозможува еднаквост на граѓаните во поглед на кривичното гонење и претставува гаранција од арбитрерност што доведува до зацврстување на правната сигурност на граѓаните.

5. Меѓутоа иако нашето кривичнопроцесно право се темели врз принципот на легалитет во кривичното гонење, тоа сепак не го прифатило овој принцип во неговиот чист апсолутен облик. Имено, во Законот за кривичната постапка се предвидува и примена на принципот на опортунитет.

Според принципот на опортунитет јавниот обвинител не мора да преземе кривично гонење ако смета дека кривичната постапка и казнувањето на престапниците односно примената на кривичноправните санкции во конкретниот случај не би било целисходно, при што се раководи од интересот што гонењето ќе го предизвика во јавноста, значајноста на кривичното дело, висината на сторената штета, фактот што штетата е надоместена и друго.

Во прилог на ова начело може да се наведе дека со неговата примена се овозможува водење сметка како за индивидуални така и за општествениот интерес. Тоа се потпира на дискреционата власт на јавниот обвинител што дозволува поеластичен став и земање во вид на барањето на современата правна филозофија и криминална политика, се овозможува за одреден број на кривични дела со помало општествено значење сторителот да не се гони, и слично.

Имајќи го предвид наведеното во однос на начелото на опортунитет, во Законот за кривичната постапка се предвидени случаи на примена на принципот на опортунитет и тоа во постапката спрема малолетници, во постапката за екстрадиција, при трансформирање на кривичното дело во дисциплински деликт, кај примената на институтот одобрение за кривично гонење, како и кај други кривичноправни институти како што се аболицијата и застареноста.

6. Меѓу случаите на примена на принципот на опортунитет е случајот утврден во член 145 од Законот за кривичната постапка според кој јавниот обвинител како овластен тужител за кривични дела за кои се гони по службена должност и за кои е предвидена парична казна или казна затвор до три години, може да го одложи кривичното гонење раководејќи се од оправданоста на гонењето и тоа во секој конкретен случај имајќи ги предвид сите околности кои го оправдуваат одложувањето на гонењето. Оценката за оправданоста од понатамошно водење на кривичната постапка јавниот обвинител ја врши имајќи го во вид, пред сй, видот на кривичното дело и висината на казната, како и постоењето на согласност на оштетениот осомничениот да исполни одредени обврски согласно упатството на јавниот обвинител.

Оправданоста на примената на овој институт според мислењето на Судот произлегува од фактот што се работи за кривични дела кои според видот и висината на заканетата казна не се од таква природа јавниот обвинител да не може да се откаже од гонење. Тоа особено оттаму што се работи за кривични дела за кои е предвидено да се води скратена кривична постапка во која не се спроведува истрага.

Од друга страна, Судот смета дека со воведувањето на овој институт се оди кон востановување на алтернативи на казната лишување од слобода. Имено, станува збор за прифаќање на такви мерки што водат кон делумно или целосно супституирање на казната лишување од слобода како едно од најприфатливите решенија за надминување на последиците што ги создава примената на претераната ретрибуција и отсуството на очекуваните ефекти од ресоцијализацијата.

Воведувањето на алтернативите на казната лишување од слобода во нашето кривичнопроцесно право е резултат на донесувањето на стандардните минимални правила на ОН за вонзаводски мерки усвоени од Генералното собрание на ОН на 14 декември 1990 година и Европските правила за алтернативни санкции и мерки применувани во заедницата донесени со Препорака Р /92 на Советот на Европа од 19 октомври 1992 година, а прифатена од Министерскиот комитет на заменици министри. Наведените правила содржат широк спектар на незатворски мерки кои треба да овозможат имплементација на алтернативни мерки на казната лишување од слобода.

7. Отстапување од принципот на легалитет и примената на принципот на опортунитет е утврдено и во член 146 точка 1 од Законот за кривичната постапка. Според оваа одредба јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење ако во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривичното дело да го ослободи од казна, а со оглед на конкретните околности на случајот се оцени дека самата пресуда без санкции не е потребна.

Во контекст на оваа одредба значајно е да се истакне дека ослободувањето од казна е посебен институт во врка со одмерување на казната и значи давање најшироки овластувања на Судот со цел за што подобро остварување на индивидуализација на казната. Кривичниот законик со одредбата од член 42 дозволува ослободување од казна како посебен вид на индивидуализација, но само во со закон определени случаи.

Од наведеното може да се заклучи дека, јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење тогаш кога Кривичниот законик дозволува ослободувањето од казна како посебен вид индивидуализација само во со законот изрично определени случаи. Тоа се прави од криминалнополитички причини (случаи во кои законодавецот сака да влијае кон определено поведение на сторителот на тој начин што со ослободувањето од казна лицето се поттикнува да се откаже од извршувањето на делото, да го спречи неговото извршување, да го пријави делото, да ги отстрани или ублажи неговите последици) или од причини на правичност (случаи на кривични дела чии што околности укажуваат на малиот интензитет на општествена опасност на сторителот), односно од причини што казнувањето го прават нецелисходно. Такви основи има и во општиот и во посебниот дел на Кривичниот закон.

8. Во членот 146 точка 2 од Законот за кривичната постапка е предвидено уште еден случај на примена на принципот на опортунитет односно можност јавниот обвинител да се откаже од кривично гонење во ситуација кога во Кривичниот законик за кривичното дело е пропишана парична казна или казна затвор до 3 години, а осомничениот поради вистинско (делотворно) каење го спречил настанувањето на штетни последици или ја надоместил штетата поради што кривичната санкција не би била основана.

Од наведеното произлегува дека однесувањето на сторителот на кривичното дело кое во теоријата се нарекува делотворно каење, за кривичното дело за кои е предвидена парична казна или казна затвор до три години, може да има влијание односно да претставува основ за откажување од кривичното гонење од страна на јавниот обвинител доколку тој оцени дека кривичната санкција не би била основана.

Според тоа, Судот смета дека на планот на криминалната политика примената на овој институт откажување од кривичното гонење има за цел да го одврати сторителот на кривичното дело од довршување на започнатото дело, да го поттикне да ги санира штетните последици или да ја надомести штетата пред поведување на кривичната постапка за полесни кривични дела.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на оспорените законски одредби, како и местото и улогата на јавниот обвинител во правниот систем, а посебно во кривичната постапка, Судот смета дека со предвидените институти кои значат отстапување од принципот на легалитет и примена на принципот на опортунитет во кривичната постапка не се доведува во прашање начелото на владеење на правото поради што не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 145 и 146 од Законот за кривичната постапка со Уставот.

9. Во однос на наводите во иницијативата кои се задржуваат на практичните импликации кои како девијантни појави се појавуваат од примената на оспорените институти, Судот смета дека не може да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд.

Судот не се впушти ни во оценката на наводите од иницијативата за несогласноста на оспорените одредби со членовите 9, 12, 13, 50, 51 и 54 од Уставот на кои подносителот на иницијативата само попатно се повикува без да ги наведе причините поради кои смета дека се доведува во прашање остварувањето на принципите утврдени во наведените уставни одредби.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2003
12 и 13 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова