219/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 293-а ставови 1 и 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008).

2. Божидар Васовски од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со поднесената иницијатива се оспорува членот 293-а ставови 1 и 2 од Законот за општата управна постапка, но и во поднесеното дополнување не се дадени аргументи, односно причини поради кои подносителот смета дека оваа законска одредба не е во согласнот со Уставот, туку, напротив во поднесената иницијатива подносителот смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со Уставот, од причина што не содржела решение по однос на тоа кој управен орган требало да донесе образец и во кој рок.

3. Судот на седницата утврди дека според член 293-а од Законот за општата управна постапка е предвидено дека:

„(1) Поднесоците со кои странките се обраќаат до органите од член 1 на овој закон (во натамошниот текст: надлежните органи) заради остварување на некое право, обврска или правен интерес, под услови утврдени со закон, во случај кога по нив органот нема да постапи во пропишаниот рок, ќе се смета дека согласно со членот 129-а од овој закон се уважени доколку се поднесени во посебно пропишана форма и содржина определени со материјалниот закон или подзаконски акт.

(2) Поднесоците од ставот (1) на овој член се поднесуваат на пропишан образец кој покрај упатство за негово пополнување и потребните докази кои се приложуваат ги содржи и условите пропишани со материјалниот закон, како и елементите од членовите 64 и 65 на овој закон. Поднесоците од ставот (1) на овој член се поднесуваат на два идентични обрасци со еден прилог на докази.

(3) При приемот на поднесокот лицето овластено за прием на поднесоци е должно со потпис да го потврди приемот на вториот образец кој останува кај подносителот, со наведување на називот на органот денот на приемот и прилозите кои се доставени.

(4) Надлежниот орган не може да го отфрли како некомплетен поднесокот од ставот (1) на овој член кој е правилно пополнет и кон кој се приложени бараните прилози наведени во образецот и е должен да одлучи по истиот во рокот пропишан во материјалниот закон.

(5) Надлежниот орган може во рок од три дена од приемот на поднесокот да провери дали истиот е уредно пополнет и дали ги содржи сите потребни прилози.

(6) Доколку надлежниот орган утврди дека поднесокот содржи формален недостаток ќе постапи согласно со членот 65 од овој закон. Доколку надлежниот орган утврди дека кон поднесокот не се доставени сите прилози ќе постапи согласно со членот 140 став (3) од овој закон“.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што во поднесената иницијатива и покрај тоа што е дополнително доставено нејзино појаснување, не се наведени причините поради кои се оспорува членот 239-а од Законот за општата управна постапка и аргументите за негова неуставност на одредена одредба од Уставот, Судот оцени дека иницијативата треба да ја отфрли.

Судот, исто така, утврди дека иницијативата треба да се отфрли и од причини што подносителот на иницијативата бара законската одредба да содржи нешто што го нема, па Судот ниту по овој основ не е надлежен да постапува односно да цени дека оспорената одредба од Законот треба да содржи и нешто друго.

Имајќи го во вид наведеното, Судот оцени дека во конкретниов случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.219/2009
3 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски