219/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 155 став 1 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93, 55/95 и 17/97 – пречистен текст) и член 4 од Статутот на Лекарската комора на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95 и 22/96).

2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 155 став 1 од Законот и член 4 од Статутот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се утврдувало обврска за докторите по медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти да се здружуваат во лекарска, стоматолошка односно фармацевтска комора, што не било во согласност со член 20 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 155 став 1 од Законот за здравствената заштита (член 161 став 1 од Пречистениот текст на Законот), заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во лекарска, стоматолошка односно фармацевтска комора.

Според член 4 од Статутот на Лекарската комора на Македонија, членувањето во Комората е обврска и чест за сите лекари на Република Македонија.

4. Со член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тие слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Од одделни одредби на Уставот (член 15, член 24 став 1 , член 50 став 2, член 53, член 58 став 2 и член 77 став 2 од Уставот), директно или индиректно произлегува дека покрај органите на државната управа постојат и други институции што вршат јавни овластувања.

Според член 155 став 1 од Законот за здравствената заштита односно член 161 од Пречистениот текст, одредба што во конкретниот случај е предмет на оспорување, се уредува дека заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во лекарска, стоматолошка односно фармацевтска комора.

Според став 2 од овој член лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора има својство на правно лице, според став 3 лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора може да одземе лиценца за работа на доктори на медицина, доктори на стоматологија и диплимирани фармацевти, ако утврди дека ја прекршиле лекарската етика или сториле потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги, според став 4 против одлуката на лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора може да се изјави жалба до министерот за здравство, а според став 5 од овој член на Законот коморите од ставот 1 на овој член донесуваат статут, утврдуваат кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела и донесуваат други акти за начинот на работењето на нивните органи и за начинот и постапката за издавање, односно одземање на лиценца за работа.

Според член 156 од Законот, односно 162 од Пречистениот текст, заради следење на достигнувањата и унапредувањата во одделни гранки на медицината здравствените работници од одделни специјалности можат да се здружуваат во стручни здруженија, во составот на Македонското лекарско друштво.

Тргнувајќи од анализа на наведените одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека лекарската, стоматолошката, односно фармацевтската комора нема карактер на здружение на граѓани, туку дека таквите комори за кои е карактеристичен сталешкиот начин на организирање како стручно професионални асоцијацијации во кои се остваруваат јавно-правни интереси имаат карактер на институции со јавно-правен режим за кои е задолжително здружувањето. Имено, лекарската, стоматолошката, односно фармацевтската комора се институции со јавно правен карактер во здравствената служба и тие не можат да бидат подведени под оценка на член 20 од Уставот.

Според тоа, тргнувајќи од карактерот на лекарската, стоматолошката и фармацевтската комора како институции со јавно правен карактер во здравствената служба, а не како здружение на граѓани, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 155 став 1 од Законот за здравствената заштита и член 4 од Статутот на Лекарската комора на Македонија со одредбата на член 20 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.219/99
9 февруари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков