219/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 16 декември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 2 точка 2 од Правилникот за систематизација на работите и работните задачи на работниците во Комбинираната детска установа “Димче Мирчев” во Титов Велес, донесен на Собирот на работниците на 18 април 1989 година и Аналитичката проценка за вреднување на работите и работните задачи, донесена на 1 јуни 1987 година, во делот што се однесува на вреднувањето на работите и работните задачи на воспитувачите.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ангеловска Магдалена и Тодорова Руска од Титов Велес му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точка 1 од ова решение, затоа што во Правилникот не било утврдено дека воспитувачи можат да бидат лица со завршен Филозофски факултет – група педагогија, а во Аналитичката проценка овие работници, иако имале завршено високо образование, со личниот доход не биле изедначени со работниците кои имале завршено више образование, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 2 точка 2 од Правилникот за вршење работи и работни задачи на воспитувачите е предвидено високо или више образование.
Според член 7 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, работен однос може да заснива секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој закон и посебните услови утврдени со закон и општ акт.
Според член 119 став 1 од Законот за предучилишно и основно образование и воспитание (“Службен весник на СРМ” бр.19/83) згрижувачката и воспитно-образовната дејност на организацијата за згрижување и воспитание ја остваруваат воспитувачи, педагошко-медицински сестри и други стручни работници. Според став 2 од овој член воспитувачи во организациите за згрижување и воспитание можат да бидат лица кои завршиле Педагошка академија – отсек за воспитувачи, а според ставот 4 од овој член, воспитувачи можат да бидат и лица кои завршиле Филозофски факултет – педагошка група – насока за предучилишни педагози, филозофски факултет, педагошка – група за еднопредметна педагогија или филозофски факултет – група педагогија двопредметни студии, група психологија, филолошки факултет – грпа македонски јазик и група историја на книжевностите на народите на СФРЈ, факултет за муизичка уметност – наставна насока, факултет за ликовна уметност – наставна насока, факултет за физичка култура – наставна насока, ако имаат завршено специјалистичка студија за предучилишни педагози.
Од изнесените одредби произлегува дека законот точно го определил видот и степенот на стручното образование за вршење на воспитувачката дејност.
Според мислењето на Судот, иако оспорениот член од Правилникот е непотполн, со директна примена на одредбите од Законот се обезбедува вработување и на лицата со завршен филозофски факултет – група педагогија, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените одредби од Законот.
4. Во Аналитичката проценка за вреднување на работите и работните задачи на воспитувачи по основот сложеност е предвиден еднаков коефициент независно од степенот на образование.
Според член 49 став 1 од Законот за основните права од работен однос на работникот му припаѓа личен доход за работата во согласност со општ акт усогласен со колективниот договор и со закон. Според став 2 од овој закон на работникот му припаѓа личен доход како дел од доходот односно добивката кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивката во согласност со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесената законска одредба произлегува дека вреднувањето на работите и работните задачи како основ за определување на личниот доход не е прашање што се уредува со закон, туку со општ акт и колективен договор, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот дел од Аналитичката проценка со означената одредба од законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.