218/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 и 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 3 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 3 во делот: „Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите 1 и 2 на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон“, на членот 4 ставови 4 и 5 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008, 105/2009 и 145/2010) и на член 4 и член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010).

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби биле за прв пат предвидени со Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010) и тие не биле во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, од член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што во делокруг на работата на Управата за јавни приходи спаѓала само проблематиката на плаќањето на данок, а не и проблематиката на другите јавни давачки како што тоа било пропишано со оспорените законски одредби. Ова произлегувало од членот 33 од Уставот на Република Македонија, според кој секој бил должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Оспорените одредби, исто така, биле нејасни, непрецизни и неразбирливи, бидејќи не било јасно на кои работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки законодавецот мислел. Како спорно, од уставно правен аспект било и тоа што со Законот за Управата за јавни приходи била пропишана општа начелна одредба во членот 4 став 3, со која се упатувало и со други закони на Управата да и се доверува наплата на јавни давачки, меѓутоа вакви одредби се пропишувале само со Уставот или со системски закон, кој се донесувал со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а не со Законот за Управата за јавни приходи. Во членот 4 став 4 од Законот било предвидено „извршувањето заради наплата на парични казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија“, кое всушност не можело да спаѓа во делокругот на работата на Управата за јавни приходи, затоа што овие работи спаѓале во надлежност на самостојната и независна судска власт, согласно Амандманот 25 на Уставот на Република Македонија.

Од овие причини, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 33, членот 51, членот 95 став 3, членот 96 и Амандман 25 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи бил донесен на седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 28 октомври 2010 година, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 145 на 5 ноември 2010 година, па поради тоа неуставно било законското решение во членот 5 став 2, дека овој закон ќе започнел да се применува од 1 ноември 2010 година. Ова поради тоа што на овој начин се предвидувало повратно дејство на законското решение да биде пред влегување во сила на Законот, што било спротивно и на членот 52 од Уставот на Република Македонија.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на наведените законски одредби и да донесе решение за времена мерка, за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот за Управата за јавни приходи, со наслов „Делокруг на работа, организација и раководење“, во поднасловот „Делокруг на работа на Управата за јавни приходи“ е предвиден членот 4 кој гласи:

(1) Управата за јавни приходи ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат особено на:

– спроведување на законите и други прописи за даноците;
– регистрација на даночните обврзници со доделување на единствен даночен број и водење единствен регистар на даночните обврзници;

– примање на даночни пријави и внесување на даночните побарувања во даночната евиденција;
– утврдување на даноците во согласност со закон;
– инспекциски надзор во согласност со закон;
– наплата на даноците;
– водење даночна евиденција;
– враќање на повеќе или погрешно наплатен данок;
– воведување, организирање, користење и развој на единствен даночен информационен систем;
– следење и анализирање на даночните приходи;
– следење и анализирање на примената на прописите за даноците и функционирањето на даночниот систем;
– соработка со даночни органи на други држави и проучување на даночни системи;
– следење на примената на меѓународните договори од областа на даноците;
– давање меѓународна правна помош во даночни предмети;
– издавање уверенија, потврди и други документи за платени даноци;
– донесување финансиски план, програма и планови за работа;
– донесување оперативни инструкции;
– планирање и спроведување обуки за усовршување и оспособување на службениците;
– давање појаснување на даночни обврзници во примена на прописите за даноците и обезбедување јавност во работата.

(2) Управата за јавни приходи собира и обработува податоци за утврдените и наплатените даноци и предлага измени во даночната политика, прописите за даноците и на други прописи заради унапредување на даночниот систем и зголемување на ефикасноста и ефективноста во наплатата на даноците.

(3) Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите (1) и (2) на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија.

(4) Управата за јавни приходи го управува и извршувањето заради наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.

(5) Одлуката со која се утврдува паричната казна односно глоба и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот (4) на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.

Ставовите 3, 4 и 5 од членот 4 од Законот, кои се оспорени со иницијативата, се предвидени со членот 1 став 2 од измените и дополнувањата на Законот во „Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010), исто така, покрај предвидените ставови 3, 4 и 5 од членот 4 од Законот, кои се претходно цитирани, ги предвидел и оспорените одредби од членот 4 и членот 5. Имено, според членот 4 од овој закон, одредбата од членот 1 став (2) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со два нови става (4) и (5) од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008 и 105/2009) се применува и на предметите поднесени на извршување од страна на Државното правобранителство на Република Македонија кај извршител, а за кои не се преземени извршни дејствија. Државното правобранителство на Република Македонија е должно да ги повлече предметите од извршителот и да ги проследи до Управата за јавни приходи за натамошно постапување со денот на отпочнување со примената на одредбата од членот 1 став (2) на овој закон.

Предметите кои се наоѓаат во Државното правобранителство на Република Македонија заради започнување на постапка за извршување, а не се поднесени кај извршител до денот на отпочнување со примената на одредбата на членот 1 став (2) на овој закон, Државниот правобранител на Република Македонија ги пренесува во надлежност на Управата за јавни приходи со денот на отпочнување со примената на одредбата на членот 1 став (2) на овој закон.

Според членот 5 од овој закон одредбата од членот 1 став (1) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со нов став (3) од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008 и 105/2009), ќе започне да се применува од 1 јануари 2011 година.

Одредбата од членот 1 став (2) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со два нови ставови (4) и (5) од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008 и 105/2009), ќе започне да се применува од 1 ноември 2010 година.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Амандманот XXV со кој се заменува членот 38 од Уставот, е утврдено дека судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Законот за извршување (кој е донесен уште во 2005 година), во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други изввршни исправи предвидени со закон. Одредбите од овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов.

Според членот 2 од овој закон, основа за извршување претставува извршна исправа.

Основа за извршување е и решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесена од нотар.

Извршувањето на извршната исправа може да се спроведува само кај еден извршител.

Според членот 3 од овој закон, извршителот го спроведува извршувањето. Извршителот не смее да го одбие спроведувањето на извршувањето, освен во случај ако се исполнети условите за негово изземање и ако има сознание дека за истата извршна исправа се спроведува извршување кај друг извршител.

Според концептот на Законот за извршување, правосилната судска или конечната управна одлука веднаш стануваат извршни исправи и по барање на доверителот, извршителот го започнува нивното извршување. Еднаш донесената правосилна судска или конечна управна одлука, а за која истекол рокот за доброволно исполнување на обврската утврдена во неа, станува извршна исправа која што доверителот ја предава на извршител по свој сопствен избор, кој ја извршува на начин на кој тој смета дека е најсоодветен, согласно со Законот. Извршувањето како предмет на уредување на овој закон, системски ги уредил прашањата кои се однесуваат на: основот за извршување, надлежност и обем на извршувањето, заштита на должникот, итност и редослед на постапувањето, извршување на одлука на странски суд, примена на одредбите од Законот за парничната постапка, заеднички одредби кои се однесуваат на извршувањето, извршни исправи, извршност на одлука, наплата на затезна камата, средства на извршување, предмет на извршување, обврска на соработка, поднесување на барање за извршување, прекин на извршување, гаранција, извршители (легитимација, седиште, печат, штембил, потпис и сметка како и забрана за вршење на други дејности и функции), извршни дејствија (прима барања, врши достава на писмена, налози, записници, заклучоци и други документи, врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето, прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето, донесува налози и заклучоци составува записници, барања и службени белешки, согласно одредбите од овој закон, врши попис,
процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства на должникот, предава во владеење и распоредува средства, врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти, врши објавувања во средствата за јавно информирање, поднесување барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување и врши други дејствија предвидени со закон), потоа награда на извршителот согласно тарифата за награда на извршители, надзор над работата на извршителите, дисциплинска одговорност на извршителите, престанок на функцијата извршител, организација на извршители во Комора на извршители, спроведување на извршувањето, приговор против неправилност при извршувањето до претседателот на основниот суд на чија територија е извршувањето, противизвршување, одлагање и запирање на извршувањето, извршување заради наплата на парично побарување, пренос на побарување, извршување врз побарувања по сметка на банка, извршувања врз акции и врз удел во трговско друштво, извршување врз други имотни права, извршување врз недвижности, посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување, како и други елементи од материјата на извршувањето.

Закон за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006), во членот 2 став 1 определил дека за прекршокот и прекршочната одговорност сообразно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.

Прекршокот е дефиниран како противправно дело со кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција (член 5).

Прекршочно одговорни можат да бидат физички лица, одговорни лица во правно лице и правни лица само ако тоа е посебно определено со законот со кој е пропишан прекршокот (членови 6 и 7).

За делата определени со закон прекршочно се одговорни сите правни лица, со исклучок на Република Македонија, државните органи и органите во единиците на локалната самоуправа (член 7 став 4).

Со членот 13 од овој закон, се набројани видовите на прекршочните санкции, меѓу кои е и глобата.

Според членот 15 од овој закон, глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1000 евра во денарска противвредност. Глобата за одговорно лице во правно лице или службено лице или трговец поединец не може да се пропише во износ помал од 50 евра во денарска противвредност ниту поголем од 2000 евра во денарска противвредност. Со законот со кој се пропишува прекршокот, може да се пропише и повисока глоба.

Во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката. Ако сторителот делумно или целосно не ја плати глобата во утврдениот рок, ќе се спроведе присилно извршување согласно со одредбите од Законот за извршување (член 18).

Прекршочната постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд. За одделни прекршоци определени со закон прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања на надзор над спроведување на законите со кои се пропишани прекршоците. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита (член 53).

Трошоците на постапката ги плаќа осудениот на кој му е изречена прекршочна санкција (член 123).

Битно е дека согласно Законот, прекршочно не можат да бидат одговорни Република Македонија, државните органи и органите во единиците на локалната самоуправа како правни лица, туку нивните службени лица.

Понатаму, Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008 и 114/2009) во членот 33 ги набројал видовите казни за кривични дела на кривично одговорните сторители, во кои е и паричната казна.

Законикот, во делот на „Кривична одговорност на правно лице“, со членот 28-а определил дека во случаите определени со закон, правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорното лице во правното лице, во име, за сметка или во корист на правното лице (став 1).

Правното лице е одговорно и за кривично дело сторено од негов вработен или застапник на правното лице со кое е остварена значителна имотна корист или на друг му е нанесена значителна штета, ако: 1) извршувањето на заклучок, наредба или надзорен орган претставува сторување на кривично дело и 2) до сторување на делото дошло поради пропуштање на должниот надзор на органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган или 3) органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган не го спречил кривичното дело или го прикрил или не го пријавил пред покренувањето на кривична постапка против сторителот (став 2).

Под условите од ставовите 1 и 2 на овој член, кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата (став 3).

Единиците на локалната самоуправа се одговорни само за делата извршени надвор од нивните јавни овластувања (став 4).

Одговорноста на правното лице не ја исклучува кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото (член 28-б).

Согласно членот 38-а став 2 од Законикот, ако осудениот не ја плати паричната казна во определениот рок, судот може да определи нов рок или ако оцени дека осудениот не сака да ја плати, да нареди нејзино присилно извршување во постапка утврдена со закон. И во однос на извршувањето на паричната казна на осуденото правно лице, согласно членот 96-б од Законот, судот може да нареди присилно извршување. Имено, физичките и правните лица можат да бидат парично казнети и да се спроведе присилно извршување за наплата на паричната казна.

Согласно Законот за кривичната постапка се уредени прашањата за трошоците на кривичната постапка кои Судот ги изрекува во пресудата.

Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) во своите одредби уредил, меѓу другото дека странка во постапката може да биде секое физичко и правно лице (член 70 став 1).

Судот одлучува за тужбеното барање и за трошоците на постапката. Странката која ќе ја изгуби парницата е должна на противната странка и на нејзиниот заменувач да им ги надомести трошоците, согласно одлуката на Судот. Кога јавниот обвинител се јавува како странка во постапката, тој има право на надоместок на трошоците според одредбите на овој закон. Трошоците што според одредбите на овој заккон би требало да ги поднесува јавниот обвинител ќе се исплатат од Буџетот на Република Македонија. Одредбите за трошоците се применуваат и на странките кои ги застапува државното правобранителство (членови 156 и 157).

Според одредбите од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008) должни се да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки. Според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член. Според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините на градот Скопје кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон (член 1).

Во нашиот правен поредок наведените органи овој закон го применуваат како постапка за решавање на права и обврски на физички и правни лица во посебни управни области уредени со посебните закони.

Согласно членот 270 од овој закон, решението донесено во управна постапка се извршува откако ќе стане извршно. Извршувањето заради исполнување на непарична обврска на извршителот, се спроведува по административен пат, а извршувањето заради исполнување на парични обврски се спроведува по судски пат (член 276).

Според членот 282 од овој закон, паричните казни изречени според овој закон се извршуваат согласно Законот за прекршоците и паричната казна се наплатува во корист на Буџетот на Република Македонија.

6. Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 104/2009, 133/2009 и 171/2010), определил дека со овој закон се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка и овој закон е единствена основа на општото даночно право и даночната постапка (член 1). Овој закон се применува на даноците и другите јавни приходи како и на споредните даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи (член 2 став 1). Овој закон се применува и на други јавни давачки доколку истите со закон се доверени да ги управува Управата за јавни приходи (член 2 став 2). Овој закон се применува и на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија (член 2 став 3). Одлуката со која се утврдува паричната казна, односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 3 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел (член 2 став 4). Доколку со овој закон нешто не е уредено, важат одредбите на соодветните посебни даночни закони (член 3 став 2) и се применува Законот за општата управна постапка за сите прашања во постапката што не се уредени со овој закон. Даночен орган е органот определен во Законот за Управата за јавни приходи а јавните приходи се финансиски средства што ги управува Управата за јавни приходи за финансирање на јавните расходи (член 4 став 1 точки 1 и 2). Даночни акти се акти што Управата за јавни приходи ги составува и донесува при преземање на одредени дејствија во даночна постапка, а даночни управни акти се акти што Управата ги донесува при преземање на дејствија во даночната постапка против даночниот обврзник кои предизвикуваат непосредно правно дејство од кое произлегува одредено дејствие, трпење или оставање (член 42).

Со одредбите од членовите 124 – 156 од овој закон е уредена „Присилната наплата“, со кои е, меѓу другото“ уредено:

– Управата за јавни приходи може да врши присилна наплата по даночни управни акти со кои се побарува данок или споредна даночна давачка. По даночните управни акти може да се врши присилна наплата доколку нивното спроведување не е одложено или спроведувањето е спречено заради правен лек (член 124);
– Доверител во присилната наплата е Управата за јавни приходи на даночни долгови кои треба присилно да бидат наплатени. Должник во присилната наплата е лицето кое должи данок или споредна даночна давачка кои што треба да бидат присилно наплатени (споредни даночни давачки се парични казни, даночни казни, камати и трошоци на присилната наплата на данок) – (член 125);
– Жалбата против присилната наплата утврдена во даночниот управен акт е регулирана во членот 127;
– Со одредбите од членовите 128 – 156 од овој закон се уредени и прашањата за завршување и ограничување на постапката за присилна наплата, изземањето од присилна наплата, трошоците во постапката за присилна наплата, предмети на присилна наплата, права на трети лица, обезбедување на даночно побарување во присилна наплата, постапка за воспоставување залог, правни ефекти на залогот, попис на движни ствари, попис на недвижности, престанување на залогот, средства на присилна наплата, приходи од впаричување. Присилна наплата од парични средства е уредено со членот 142 од овој закон, според кој:

„Присилна наплата на данок и на споредни даночни давачки од парични средства на должникот во присилната наплата, врз основа на решението од членот 140 став 2 на овој зекон, е пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата отворена кај носител на платен промет на соодветна уплатна сметка на јавните приходи.

Решението за наплата од парични средства на должникот во присилната наплата се извршува на начин утврден со законот кој го уредува платниот промет.

Ако на сметката на должникот во присилната наплата привремено нема средства, банката го извршува решението сукцесивно, спрема расположливите средства на сметката, се додека решението во целост не се изврши.

Ако банката не постапи на начинот утврден во ставот (1) на овој член, наплатата на долгуваниот данок и споредните даночни давачки се врши непосредно од средствата кои се наоѓаат на сметката на носителот на платен промет.

Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должникот во присилната наплата произведува правно дејство од денот на доставувањето кај банката до денот на намирувањето на обврските, односно до денот на поништувањето на решението.

Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должник во присилна наплата има приоритет во наплатата и се извршува пред сите други налози“.

– Присилната наплата од паричните побарувања на должникот во присилна наплата се извршува врз основа на решението од членот 140 став 2 на овој закон и со решението му се налага долгот да го намири со уплата на уплатна сметка на јавните приходи по пристигнувањето на побарувањето (член 143).

Потоа со Законот уредени се присилната наплата од други побарувања, од хартии од вредност, од движни предмети, запленување на движни предмети и на расиплива стока, присилна наплата кога предметот е во владение на друго лице, продажба на движни предмети-аукција, присилна наплата од недвижности, запленување на недвижност која не е запишана во соодветен регистар, утврдување на почетна вредност на недвижност и постапка со остварените приходи од продажба на недвижност.

Со членот 4 од Законот за Управата за јавни приходи, е уреден делокругот на работа на Управата за јавни приходи. Со измените и дополнувањата на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010) е пропишан оспорениот став 3 на овој член од Законот, според кој „Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите 1 и 2 на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон, или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“.

Судот утврди дека покрај пропишаниот делокруг во ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, законодавецот со ставот 3 пропишал, во тие рамки, Управата да врши и утврдување и наплата и на други јавни давачки. Но, тоа се сепак „јавни давачки“ и оваа надлежност мора да и биде на Управата доверена со закон а не со договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија.

Поаѓајќи од тоа дека надлежноста на Управата за утврдување и наплата на конкретна јавна давачка, може да биде предмет на регулирање само со закон, а не со договор, односно надлежноста на Управата која секако има јавно правен карактер е законска материја, со која се регулираат односите на правата и обврските во вршењето на таа надлежност, не може да биде препуштена на договорен однос без надлежност конкретно пропишана со закон, Судот оцени дека членот 4 став 3 во делот: „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“, од Законот, нема уставна оправданост и е законско решение кое може да се проблематизира како несогласно со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото во кое е инкорпорирана правната сигурност на граѓаните, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и со членот 33 од Уставот.

Одредбата од овој став од членот 4 од Законот, во останатиот дел кој уредува право, со закон, на Управата да и се пропише законско овластување да врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, има уставен основ во членот 33 од Уставот од кој децидно произлегува дека со закон се утврдува начинот на плаќањето на даноците и другите јавни давачки и учеството во намирувањето на јавните расходи. Оттука, оваа оспорена законска одредба според својата општост во определбата да се уредуваат законски овластувања на Управата, за утврдување и наплата на други јавни давачки, не може од тој аспект уставно да се проблематизира.

Ставовите 4 и 5 од членот 4 од Законот, всушност се додадени со последните законски измени, и според нив: „(4) Управата за јавни приходи го управува и извршувањето заради наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија. (5) Одлуката со која се утврдува парична казна односно глоба и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 4 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел“.

Со оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи со кој е уредено прашањето за извршување на тековните предмети на тој начин што Управата ги презема сите оние предмети кои се веќе поднесени од Државното правобранителство и дадени на извршување кај извршител, а за кои сеуште не биле преземени извршни дејствија при што Државното правобранителство на Република Македонија е должно преземањето од извршителот и проследувањето до Управата на предметите технички, практично да го спроведе. Воедно и предметите кои се наоѓаат во Државното правобранителство заради започнување на постапка за извршување, а не се поднесени кај извршител, Државниот правобранител ги поднесува во надлежност и работа на Управата.

Во оспорениот член 5 од измените на Законот, е утврдено дека од 1 јануари 2011 година ќе се применува ставот 3 од членот 4 на Законот, а од 1 ноември 2010 година ќе се применуваат ставовите 4 и 5 од членот 4 на Законот.

Судот оцени дека Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010) е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 5 ноември 2010 година, а уредува во членот 5 став 2, дека ќе започне примената на ставовите 4 и 5 од членот 4 од Законот да биде од 1 ноември 2010 година, што неспорно е дека им дава повратно дејство на нормите, пред објавувањето и влегувањето во сила на Законот, спротивно на членот 52 од Уставот, имајќи предвид дека во случајов повратното дејство нема ниту елементи дека е поповолно за граѓаните, а со тоа нема ниту уставна оправданост. Оттука, за членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи може основано да се постави прашањето за согласноста со членот 52 од Уставот.

Според Судот, од анализата на ставовите 3,, 4 и 5 од членот 4 од Законот, имајќи ги во предвид погореизнесените уставни и законски решенија, може да се констатира следново:

– законодавецот со овој закон предвидел ново законско решение, а тоа е дека извршувањето во однос на „наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија“, не се спроведува преку извршители согласно Законот за извршување. Паричните износи по тие основи утврдени со извршните акти на судските и управните органи, кои се во корист на Република Македонија, државата ќе си ги наплатува преку Управата за јавни приходи.

Од друга страна, паричните износи по сите правни основи утврдени со извршните акти на судските и управните органи, кои се во корист, не на Република Македонија, туку на другите субјекти во правото (физички и правни лица), тие лица ги наплатуваат преку извршители согласно Законот за извршување.

– Со одредбите од Законот за извршување се уредни правилата според кои само извршителите (а не други лица) постапуваат заради присилно извршување на извршни одлуки на надлежни органи наведени во Законот. Правилата од Законот за извршување ги спроведуваат извршителите, а не Управата за јавни приходи.

– Управата за јавни приходи е даночен орган на државата, кој постапува согласно Законот за даночната постапка и Законот за упрвата за јавни приходи. Во тие рамки законодавецот го определил делокругот и надлежностите на Управата, меѓу кои и наплатата на данок и другите јавни давачки и споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи. Со Законот за даночната постапка детално и комплетно е регулирана постапката на присилната наплата по даночните управни акти и присилната наплата е во надлежност на Управата за јавни приходи. Во правниот поредок, присилната наплата на данокот, другите јавни давачки и споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи е посебна законска материја, уредена со посебен закон.

– Неспорно е дека паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, во корист на Република Македонија, се во однос на присилната наплата, ново законско овластување на Управата за јавни приходи, да го управува и спроведува, преку одредбите од Законот за даночната постапка, кои се однесуваат за присилната наплата, така што не станува збор за отсуство на законска регулатива за извршување на овие средства во корист на Република Македонија, надвор од Законот за извршување. Меѓутоа, и покрај фактот што статусот на должник кон државата, за исплата на паричните износи од наведените постапки во корист на Република Македонија, не се менува и останува ист без оглед како присилната наплата односно присилно извршување ќе се спроведе, не може а да не се наведе во анализава дека со наведените законски измени, тоа преминува да биде предмет на други законски правила и друг орган, надвор од Законот за извршување и лицата извршители.

– Неспорна е интенцијата на законодавецот, присилната наплата во определените димензии, односно за паричните казни, односно глоби и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, кои се во корист на Република Македонија, да добие економичен и ефикасен карактер со доверување на управување и извршување на присилната наплата од страна на Управата за јавни приходи, која веќе има законски механизам на присилна наплата на даноците и други јавни давачки и споредни даночни давачки.

Поаѓајќи од тоа дека со досегашното паралелно постоење на законските решенија на уредување на присилната наплата преку извршители и преку Управата за јавни приходи не се нарушувал системот на извршување и наплата на паричните износи од должниците, Судот оцени дека и во случајов со проширување на овластувањата на Управата за јавни приходи, не може уставно да се проблематизираат оспорените законски одредби, освен во делот од членот 4 став 3 „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“ од Законот за Управата за јавни приходи и членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни приходи, како што е изнесено во погоренаведената анализа на одредбите. Имено со пренесувањето на овластувањето, од извршителите кон Управата за јавни приходи, за присилна наплата на определените парични долгови кон Република Македонија, како што е определено во оспорените законски решенија, согласно со закон уреден начин и постапка, не се повредени нормите на Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, ниту станува збор за неуставно законско решение бидејќи законодавецот ја цени целисходноста на законските решенија. Со оглед на тоа, не постојат ниту услови, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за изрекување на времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените законски одредби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови на седниците одржани на 2 март 2011 година во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов и на 23 март 2011 година во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.218/2010
2 и 23 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски