У.бр.218/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004).

2. Ефтим Манев пратеник во Собранието на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот закон не бил во согласност со член 117 од Уставот. Членовите 115 и 117 од Уставот на Република Македонија локал- ната самоуправа ја регулирале на начин што градот Скопје се третирал како целина на единица на локална самоуправа, а останатата територија на Република Македонија се организирала во општини во чии граници припаѓале градови и некои населени места – села или предградија на поголеми градови. Смислата на Уставот за градот Скопје била организирање на локална самоуправа на градот Скопје, а не како што било наведено во Законот градот Скопје да го сочинуваат десет општини во чии граници влегувале и повеќе од педесет села. Уставот, градот Скопје го дефинирал како посебна единица на локалната самоуправа како град Скопје, а не како единица на локална самоуправа со села, п олиња, планини, пасишта и друго. Ваквата правна регулатива отстапувала од Уставот и повеќе личела на здружени општини и така како што била поставена имало двостепеност на локална самоупрва на градот Скопје, а според уставната регулатива локалната самоуправа била едностепена.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.195/2004 од 29 декември 2004 година не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за градот Скопје.

Судот утврди дека Законот за градот Скопје е донесен врз основа на член 117 став 1 од Уставот, според кој градот Скопје е посебна единица на локална само- управа чија организација се уредува со закон. Притоа, Судот оцени дека Уставот не се впушта во регулирањето на прашањата во врска со организацијата на градот Скопје, туку недвосмислено упатува овие прашања да се уредат со закон, со што препуштил регули- рањето на сите прашања од оваа област да биде во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Уставниот суд ја оценуваше уставноста на Законот за градот Скопје и не поведе постапка, а нема основи за поинакво одлучување Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.218/2004
26 јануари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова