218/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 23 и 49 од Одлуката за условите и начинот на одржување на чистотата на јавните површини, собирање, изнесување и депонирање на смет на подрачјето на град Скопје, донесена од Собранието на Град Скопје на 6 февруари 1986 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало надоместокот за изнесување на домашниот смет да се плаќа независно дали била извршена услуга, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 24 од Одлуката е предвидено корисникот на услугата да може да ја откаже трајно услугата за изнесување на смет ако објектот е урнат и ако се менува корисникот на површините. Исто така, Судот утврди дека во член 49 став 1 од Одлуката е определено надоместокот за изнесување на домашниот смет од станбен простор да го плаќа неговиот сопственик односно корисник, при што според ставот 2 од истиот член на Одлуката, надоместокот се плаќа по квадратен метар станбен простор и дворна површина.
4. Според член 115 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, меѓу кои и за комуналните дејности, при што општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.
Според член 12 став 1 од Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77) условите и начинот на користење на комуналните услуги, како и правата и обврските на корисниците и давателите на услугите се утврдуваат со прописи на општината.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината односно Градот Скопје е овластен со свој пропис да го утврди, покрај другото, начинот на користењето на комуналните услуги и во тие рамки да го определи начинот на наплатувањето на комуналните услуги, меѓу кои и за изнесување на домашниот смет.
Со оглед на тоа што со Одлуката се пропишува начинот на наплатувањето надоместокот за изнесување на домашен смет и случаите и условите под кои сопствениците и корисниците може да бидат ослободени од плаќање на надоместокот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Одлуката со означените уставни и законски одредби.
Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.