У.бр.218/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 14 став 1 алинеја 5 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за привремена забрана на располагање со недвижности, подвижни ствари и права на територијата на Република Македонија, донесена на 21 ноември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија-посебен службен весник” бр.5/91).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод на поднесени иницијативи, со Решение У.бр.218/91 од 15 јануари 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на уредбата означена во точка 1 од ова решение затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека во текот на постапката оспорената уредба престана да важи со донесувањето на Уредбата за начинот и постапката на усогласување на работењето на претпријатијата и другите правни лица и на деловите на претпријатијата и други правни лица што вршат стопанска дејност со седиште на територијата на другите републики и автономни покраини Војводина и Косово (“Службен весник на Република Македонија” бр. 9/92 и 21/92) која Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.34/92 ја укина како несогласно со Уставот и со закон.

Со оглед на тоа што оспорената уредба престанала да важи, Судот оцени дека нема основ за оценување уставноста и законитоста за време на нејзиното вражење, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.