217/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 55 став 3 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1986, 17/1991, 84/2005, 109/2005 и 70/2006).

2. Боби Спирковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба се овозможувало органот да изврши прибележување во имотниот лист на судскиот спор од член 55 став 3 од Законот исклучиво врз основа на презентираната тужба и доказот дека истата е поднесена пред надлежниот суд, без претходно да спроведе соодветна постапка и да донесе управен акт за основаноста на барањето за прибележување. Ова значело дека постоел автоматизам на прибележувањето на поведениот спор за предметната недвижност и тоа само во оние катастарски општини во кои е востановен катастар на недвижности, додека во останатите катастарски општини во кои бил во сила и се применувал катастар на земјиште согласно Законот за премер и катастар на земјиштето („Службен весник на СРМ“ бр.34/1972 и 13/1978) прибележувањето можело да се врши само врз основа на актите донесени од надлежните органи кои се однесувале на факти и околности сврзани со недвижностите евидентирани во катастарот на земјиште. Оттука, произлегувало дека оспорената одредба можела да се применува само на одделни, а не на сите граѓани на Република Македонија, поради што се создавала нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што било во спротивност со член 9 став 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба на член 55 став 3 од Законот истовремено не била во согласност и со член 58 став 1 од истиот закон, според кој кон барањето за прибележување, требало да се поднесе исправа во законски пропишана форма, судска одлука, одлука на државен орган или тоа можело да се стори по сила на закон, што укажувало дека основ за ставање прибелешка не можело да биде само по себе поднесена граѓанска тужба. Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека примената на оспорената одредба создавала можност за нејзина злоупотреба, што во праксата често и се случувало. Според него, поведениот судски спор не можел да биде причина за попречување во располагањето со имотот кој е во сопственост на граѓанинот, туку причина за тоа можела да биде само правосилна судска пресуда донесена по повод тужбата.

Освен тоа, со ставањето прибелешка само врз основа на презентирана тужба со која е поведен спор, според подносителот на иницијативата, се ограничувало правото на располагање, а се оставало и простор за причинување на ненадоместлива штета за носителот на правото на запишаната недвижност. Праксата покажала дека вака ставената прибелешка го попречувала носителот на правото слободно да располага со предметниот имот, со оглед дека се оневозможувало склучување на договори со кои се врши промет со недвижноста, бидејќи нотарите одбивале да извршат заверка, односно солемнизација на сочинета приватна исправа во која предмет била недвижност врз која имало ставена прибелешка врз основа на оспорената одредба. Исто така, недвижноста за која била ставена прибелешка дека е поведен спор, деловните банки не ја прифаќале како гаранција при кредитното работење, односно одбивале да склучат договор за востановување на заложно право врз таквата недвижност, со што на носителот на правото му се оневозможувало да располага со сопственоста слободно и согласно уставно загарантираните права. Оттука, ставената прибелешка во имотниот лист за поднесената тужба, според последиците кои таа во пракса ги предизвикувала за сопственикот на недвижноста, била еднаква на ставање забрана на промет со предметната недвижност и покрај тоа што такво нешто можело да се стори само врз основа на решение со кое е определена привремена мерка донесена од надлежен суд.

Поради наведеното подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се ограничувало правото на сопственикот да располага со својата ствар, што не било во согласност со член 8 алинеја 6 и член 30 од Уставот, како и со член 10 од Законот за сопственост и други стварни права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 55 став 1 од Законот, секој што смета дека со запишувањето на правата на недвижностите е повредено неговото право на недвижностите, може со тужба кај редовниот суд да бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба.

Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесе во рок од 3 години од денот на извршеното запишување (став 2 на член 55 од Законот).

Според оспорениот став 3 на членот 55 од Законот, по барање на заинтересирано лице спорот може да се прибележи во имотниот лист.

4. Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Според ставот 2 на овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, додека според ставот 3 од овој член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.

Согласно член 5 од овој закон работите на премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се во надлежност на Државниот завод за геодетски работи.

Според член 10 став 1 од истиот закон, запишувањето на недвижностите во катастарот на недвижностите е задолжително и се врши по службена должност или по барање на странката.

Според членот 50 од Законот, во катастарот на недвижностите се запишуваат: правото на сопственост, стварните и личните службености, товари и ограничувања и други права за кои запишувањето е определено со закон.

Според член 57 од Законот, во катастарот на недвижности се вршат два вида запишување и тоа: укнижување и прибележување. Укнижувањето е запишување на правата на недвижностите на определен носител на тие права, а прибележувањето е запишување на определени околности и факти кои се од влијание на правата на недвижностите.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, а разгледувајќи ја оспорената законска одредба во однос на тие одредби, како и во целината на член 55 од Законот, според Судот, со оваа законска одредба не се врши одземање, ниту ограничување на правото на сопственост и правата што произлегуваат од ова право, туку само се упатува дека заинтересираното лице може да бара да се прибележи во имотниот лист спорот заведен по тужбата за бришење на запишаните права во катастарот и враќање на тие права во поранешна состојба од членот 55 став 1 од Законот. Инаку, ова прибележување не е задолжително, туку се врши по барање на заинтересираното лице, односно на лицето кое што смета дека со запишаните права на одредена недвижност му е повредено неговото право, поради што и завел спор пред надлежниот суд за бришење на запишаните права.

Оттука, со оглед на тоа што прибележувањето на наведениот спор во имотниот лист само по себе не значи и ограничување на правото на сопственикот да располага со недвижноста, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се врши ограничување на правото на сопственост, или поточно на правото на располагање што произлегува од ова право.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 55 став 3 од Законот со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека во пракса поради ставената прибелешка во имотниот лист се води спор, нотарите не вршеле солемнизација на договор за купопродажба на недвижност за која била ставена таква прибелешка или деловните банки овие недвижности не ги прифаќале како гаранција за кредит, според Судот, овие наводи не може да бидат причина за изразување на сомнение во согласноста на оспорената законска одредба со Уставот, затоа што тие третираат прашања кои навлегуваат во сферата на примената на оваа законска одредба за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Имено, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на оспорената законска одредба од аспект на нејзината содржина, а не и од аспект на толкувањето и примената на ова одредба од наведените субјекти и последиците од нивното постапување, од кои причини во иницијативата во најголем дел и се оспорува нејзината уставност.

Тргнувајќи од тоа дека според наводите во иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност и со член 10 од Законот за сопственост и други стварни права, Судот, исто така, утврди дека не е надлежен да одлучува и за ова прашање, односно не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на одредби од два закона.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.217/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи