Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за избор на Петко Кузмановски за секретар на Советот на Општина Крушево донесена од Советот на Општината на 2 ноември 2000 година.
2. Советничката група на СДСМ, ЛДП, СП, и ЛД при Советот на Општина Крушево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот акт бил донесен во спротивност со одредбите на Статутот на Општина Крушево и Деловникот на Советот на Општина Крушево.
3. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот акт, според мислењето на Судот, Одлуката за именување на Петко Кузмановски за секретар на Советот на Општина Крушево е поединечен акт, а не пропис што подлежи на уставно-судско оценување, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на барањето оспорениот акт да се оцени од аспект на Статутот на Општината и Деловникот на Советот, Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од го заменува претседателот на Судот Олга Лазова и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.217/2000
20 декември 2000 година
С к о п ј е
лк
ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Олга Лазова