216/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007).

2. Весељ Рамизи од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, стекнувањето на правото на пензија и нејзиното користење не можело да се раздвојат, односно старосната пензија била стекнато право и никој, под никакви услови, бидејќи такви услови не постојат во Уставот, не можел да му ја ограничи исплатата на пензијата на пензионерот доколку заснова работен однос или додека врши дејност независно од траењето на работното време, во проценти наведени во оспорената одредба, паушално, без никаква поткрепа. Поради тоа, со оспорената одредба од Законот се повредувала одредбата од член 54 од Уставот според која слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот, се повредувало уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите според кои акти слободите и правата на човекот и граѓанинот се признати и гарантирани со меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права; се повредувало правото на сопственост и нејзината заштита затоа што со неисплатување на пензијата на пензионерот му се одземале без никаков уставен основ дел од неговите средства; се повредувало правото на работа, слободен избор на работата и достапност секому на секое работно место под еднакви услови и се повредувало правото на соодветна заработувачка што се заслужувало со работа.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност со полно работно време во Република Македонија или работи во странство, му се исплатува 30% од пензијата.

Согласно ставот 2 на овој член, на корисник на пензија од ставот 1 на овој член кој работи половина од полното работно време, му се исплатува 50% од пензијата, а за работа помалку од половина од полното работно време, му се исплатува 70% од пензијата.

Според став 3 на истиот член, доколку корисник на инвалидска, односно семејна пензија не се јави на задолжителен контролен преглед му се запира исплатата на пензијата. Доколку корисникот на пензија не се јави на задолжителен контролен преглед поради оправдани причини (болничко лекување во земјата или странство), нема да се запре исплатата на пензијата до завршувањето на лекувањето, односно јавувањето на задолжителен контролен преглед.

4. Според основните одредби на Уставот, Република Македонија, покрај другото, е и социјална држава, а како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со цел да се остварат овие уставни претпоставки, во член 34 од Уставот се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кои се утврдуваат со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалнита сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:

1)право на старосна пензија;
2)право на инвалидска пензија;
3)професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4)право на семејна пензија;
5)право на паричен надоместок за телесно оштетување;
6)право на најнизок износ на пензија.

Правото на старосна пензија и правото на инвалидска пензија се лични права кои осигуреникот ги стекнува по основ на работа, врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност

Услов за остварување на овие права е престанок на работниот однос поради навршување на одредена возраст на осигуреникот, условена со остварување на минимален работен стаж, односно општа неспособност за работа на осигуреникот или намалена, односно преостаната работна способност. Така, пензиското осигурување во наведените случаи претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2006), листата на осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, утврдена во член 11 од Законот, е дополнета со нова точка 13, според која кон лицата кои се задолжително осигурани по основ на пензиско и инавалидско осигурување, се додадени и работниците во работен однос или физичките лица кои вршат дејност, по остварување право на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно преостаната работна способност. Со наведеното дополнување на Законот, создаден е правен основ во кругот на осигурениците со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, по основ на работен однос, да се вклучат и корисниците на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно преостаната работна способност, доколку стапат во работен однос или вршат дејност.

Со член 3 од овој закон, Законот за пензиското и инавалидското осигурување е дополнет со нов член 33-а, со кој се утврдуваат условите под кои оваа категортија осигуреници стекнуваат право на пензија која зависи од должината на работното ангажирање, која пензија се додава на последниот месечен износ на пензијата пред престанокот на работниот однос заснован како корисник на пензија.

Со член 12 од наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, изменет е членот 154 од Законот, така што наместо дотогашното решение според кое на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија, законодавецот утврдил ново решение, според кое на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност со полно работно време во Република Македонија или работи во странство, му се исплатува 30% од пензијата; ако работи половина од полното работно време, му се исплатува 50% од пензијата, а за работа помалку од половина од полното работно време, му се исплатува 70% од пензијата, кое законско решение се оспорува со иницијативата. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007), овој член е дополнет со нов став 3, според кој доколку корисник на инвалидска, односно семејна пензија не се јави на задолжителен контролен преглед му се запира исплатата на пензијата. Доколку корисникот на пензија не се јави на задолжителен контролен преглед поради оправдани причини (болничко лекување во земјата или странство), нема да се запре исплатата на пензијата до завршувањето на лекувањето, односно јавувањето на задолжителен контролен преглед.

Според Судот, законското решение според кое, на пензионер, додека е во работен однос, му се намалува исплатата на пензијата за одреден процент поради тоа што остварува средства за егзистенција на друг начин (со ново работно ангажирање, за кое е задолжително осигуран по основ на пензиско и инавалидско осигурување), не се повредува начелото на социјална праведност утврдено со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.

Ова од причина што не постои уставна пречка корисниците на пензија да ја обезбедуваат својата социјална сигурност и на друг начин, односно со ново работно ангажирање да остваруваат соодветни приходи, што впрочем законодавецот нормативно го уредил со наведената измена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Оттука, наводите во иницијативата дека со наведеното законско решение се повредувало правото на работа, слобода на избор на работата и достапност на секое работно место под еднакви услови, Судот оцени дека се неосновани.

Од друга страна, фактот што правото на социјална сигурност и социјално осигурување што го гарантира Уставот на граѓаните, се утврдува со закон и со колективен договор, според Судот, не значи дека еднаш стекнатото право на социјална сигурност и социјално осигурување не може да претрпи промени во правец на негово мирување, ограничување или целосно губење, под одредени услови и околности утврдени со закон и со колективен договор. Во оваа смисла, треба да се има предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 10/1997, оценил дека со привременото ограничување на правото на користење на пензијата, утврдено во член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93,3/94, 14/95, 71/96), пред неговата измена која сега се оспорува, со кој било предвидено привремено да се запира исплатата на пензијата ако корисникот е во работен однос или врши дејност, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што предвидел и самиот закон во член 6 став 3, привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон, поради што Судот не повел постапка за оценување на уставноста на наведеното законско решение.

Во оваа смисла, и со временото ограничување на користење на полниот износ на пензијата во случај кога корисникот на пензијата ќе заснова работен однос, односно ќе врши дејност од која ќе остварува дополнителен приход, како решение утврдено во постојниот член 154 од Законот чија содржина се оспорува со иницијативата, Судот, исто така, оцени дека не се задира во веќе стекнатото право на пензија, односно не се врши отуѓување или одземање на стекнатото право на пензија, туку се ограничува неговото користење во случаи и под услови утврдени со закон, при што не се доведува во прашање социјалната сигурност на граѓанинот и не се повредува начелото на социјална праведност. Ова особено затоа што со наведеното решение, законодавецот, од една страна, на пензионерот, за време на неговото ново работно ангажирање, му гарантира исплата на дел од пензијата, која е лично и материјално право стекнато во системот на пензиското и инвалидското осигурување со кое се обезбедува социјална сигурност, а од друга страна му овозможува нормативни претпоставки за стекнување на дополнителен приход со ново работно ангажирање, со што ќе се подобри материјалната положба и социјалната сигурност на пензионерот, и тоа и за времето на остварувањето на приходот, но и дополнително, со зголемувањето на висината на пензијата по одреден период на работа. Поради тоа, според Судот, решението во Законот според кое исплатата на полниот износ на пензијата во одредени услови се ограничува, не излегува од уставните рамки според кои законодавецот ја уредува сферата на пензиското и инвалидското осигурување, водејќи сметка за социјалната сигурност и за социјалната правда на осигурениците, како и за обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност.

Што се однесува до прашањето за повреда на старосната пензија како стекнато право на што се повикува подносителот на иницијативата, Судот оцени дека правото на користењето на пензијата како стекнато право на корисниците на старосна пензија, не се повредува со оспореното законско решение, а намалената исплата на пензијата поради тоа што корисникот повторно засновал работен однос или врши друга дејност со која остварува приход и ја подобрува својата социјална сигурност, е во функција на обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се гради во согласност со економските услови во Републиката, а кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на наведеното законско решение со Уставот на Република Македонија.

Во однос на определувањето на висината на пензијата која се остварува во наведените случаи, изразена во проценти во однос на полниот износ на пензијата утврдена пред новото вработување, односно вршење дејност, Судот оцени дека станува збор за легитимно право на законодавецот да ја определи истата, водејќи сметка за целисходноста на решението во рамките на општествено економските услови во Републиката и Уставниот суд не е надлежен да ја цени оправданоста на наведената висина, поради што наводите во иницијативата дека процентите се утврдени волунатаристички, без научни и стручни истражувања и аргументи, според Судот, се неосновани.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот се повредувал член 54 од Уставот според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот, а тоа е за време на воена и вонредна состојба. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, националното и социјално потекло, имотната и општестената положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Од анализата на оспорената законска одредба произлегува дека истата воопшто не се занимава со ограничување или губење на правата од пензиско и инвалидско осигурување според полот, расата, бојата на кожата, јазикот, верата, националното и социјално потекло, имотната и општестената положба, ниту пак правото на социјална сигурност и социјално осигурување спаѓаат во корпусот на слободи и права чие ограничување е уставно забрането. Стекнувањето и користењето на пензијата, како една од формите преку кои се обезбедува правото на социјална сигурност на граѓаните, спаѓа во корпусот на права кои произлегуваат од сферата на работните односи, кои можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според околности и услови утврдени со Устав или со закон и со колективен договор. Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја уреди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективни договори се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област. Оттука, Судот оцени дека оспорената законска одредба не го повредува членот 54 од Уставот, каде е предвиден уставен механизам за заштита на уставно гарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што не го постави прашањето за согласноста на наведеното законско решение со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.216/2007
13 февруари 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски