216/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 3 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сашо Врбовски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 9 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека според член 8 од Законот, изборните комисии биле определени како органи за спроведување на изборите со мандат од 4 години и биле составени од претседател и четири членови кои имале свои заменици од што јасно се гледало дека претседателот и членовите на изборните комисии за периодот за кој биле именувани извршувале јавна функција. Поради тоа, членот 9 став 3 од Законот според кој претседателот на изборната комисија се именувал од редот на судиите на основниот суд кој го покрива подрачјето за кое е основан, не бил во согласност со член 100 став 3 од Уставот во кој биле утврдена инкомпатибилност на судиската функција со вршењето на друга јавна функција, професија и членство во политичка партија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 3 од Законот за локалните избори, претседателот на изборната комисија се именува од редот на судиите на основниот суд, кој го покрива подрачјето за кое е основан, а секретарот на изборната комисија треба да биде дипломиран правник.

4. Согласно член 100 став 3 од Уставот, судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Според член 50 став 1 и 2 од Законот за судовите, судиската функција е неспојлива со функцијата пратеник, односно одборник и со функциите во органите на Републиката, општината и градот Скопје. Судијата не може да врши каква и да е друга јавна функција или професија, освен други функции определени со закон.

Законот за локалните избори ги уредува постапката и условите за избор на членови на советите на единиците на локалната самоуправа, Советот на градот Скопје и за избор на градоначалник на општините и градоначалник на градот скопје. Овој закон во делот III ги определува органите за спроведување на изборите. Со Законот е уредено и дека изборните комисии ги именува Републичката (државна) изборна комисија за време од четири години и се составени од претседател и четири членови кои имаат свои заменици. При тоа Законот определил дека двајца членови се од опозиционите партии кои на последните избори за пратеници одржани во 1994 година освоиле најмалку 5% гласови од избирачите кои гласале, а двајца од партиите на позицијата. Понатаму законот определил дека претседателот на изборната комисија се именува од редот на судиите на основниот суд, кој го покрива подрачјето за кое е основан.

Имајќи предвид дека надлежноста на изборната комисија, се состои од низа технички дејствија, но истовремено се грижи за законито спроведување на изборната постапка, законодавецот не случајно се определил претседателот на изборната комисија да се именува од редот на судиите на основниот суд, особено ако се има предвид и одредбата од Законот за судовите според која судијата не може да врши каква и да е друга јавна функција или професија, но може да врши други функции определени со закон како што е во конкретниот случај.

Неспојливоста на функциите значи дека ако се врши една одредена функција не може да се врши и некоја друга функција, што всушност има за цел да оневозможи исто лице да се јави во двојна улога, да одлучува во прв и втор степен за иста работа и слично.

Во конкретниот случај предвиден со Законот за локалните избори, според мислењето на Судот, со именувањето на судијата на основниот суд за претседател на изборна комисија не доаѓа до спојливост на две јавни функции. Ова затоа што судијата на основниот суд кој е и претседател на изборната комисија всушност го продолжува вршењето на својата професионална дејност – заштита на законитоста, а со цел да се овозможи стручно следење и законито извршување на дел од активностите на изборната постапка. Притоа, тој ја врши оваа задача во рамките на надлежноста на изборната комисија, но нема можност за евентуалните неправилности и пропусти од работењето на изборната комисија или заради нејзино незаконито постапување да одлучува како судија бидејќи таква надлежност со Законот не му е определена на основниот суд туку на друг повисок суд.

Врз основа на изнесеното Судот смета дека претседателот на изборната комисија се именува од редот на судиите на основниот суд, токму заради тоа што е судија, а со цел да се овозможи законито и стручно извршување на дел од активностите на изборната постапка..

5. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 3 од Законот, со член 100 став 3 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.216/96)