213/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 67 став 1 алинеи 1, 2, 7 и 8 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006 и 29/2007).

2. Асоцијацијата „МАГНА КАРТА“ од Велес и Движењето за социјална правда „ЛЕНКА“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата од 9.11.2010 година Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со сите негови измени и дополнувања бил многу тежок за снаоѓање дури и за самите правници кои се бавале со оваа сензитивна област и егзистенцијална проблематика.

Во наводите на иницијативата се наведува дека членот 67 став 1 алинеи 1, 2, 7 и 8 од оспорениот Закон бил во спротивност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 11 став 2, 32 став 1 и 2, 35 став 1, 34, 51 и 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, па поради тоа се бара поништување или укинување на оспорената одредба. Имено, немало ниту логички ниту правни причини зошто законодавецот сакал оваа категорија работници на која „работниот однос им престанал по нивна волја“ (со спогодба и со оставка) да ги изостави од процесот на евидентирање на невработени лица, која била одлука на секое модерно, хумано и цивилизирано европско општество, а со тоа да ги лишел од правата кои им припаѓаат по основ на привремена невработеност, како што било и посоченото право на паричен надоместок. Исто така оваа одредба оставало преголем маневарски простор за арбитрерно толкување од страна на надлежните државни органи на управата и нивните позитивистички образовни службеници со „бирократски дух“, а сето ова на штета на граѓаните т.е. поранешните вработени кои, по сила на приликите, останале без работа.

Поради тоа, се смета дека оваа евидентно противуставна законска одредба, земајќи ја предвид јавната полза (utilitas publica) и правичноста (aequitas) од тоа дејствие, што побрзо требало да би биде касирана и повеќе да не постоела во нашиот правен систем, бидејќи истата била многу штетна и веќе почнала да предизвикува повеќе негативни и несогледливи последици во праксата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 67 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради:

– давање псимена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак,
– спогодбено престанување на работниот однос,
– остварува права од работен однос спротивно на закон,
– престанок на работниот однос по сила на закон, освен во случај на престанок на правното лице поради стечај,
– неоправдано изостанување од работа последовно 3 работни дена или 5 работни дена со прекин во текот на 1 година,
– престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот за кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор или договор за работа,
– одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон,
– одбивање да биде преземен со спогодба кај друг работодавец во согласнсот со закон,
– одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место кај ист или друг рабоодавец, што му се обезбедува во согласност со закон,
– губење на работна способност согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување, и
– исполнување на услови за остварување на право на пензија.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.247/2007 од 9 април 2008 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 67 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006 и 29/2007).

Во образложението во наведеното Решение, Судот го утврдил следново:

„ Оспорениот член 67 од Законот, ги утврдува условите поради кои невработено лице не може да оствари право на паричен надоместок. Имено, од анализата на оспорената одредба произлегува дека правото на паричен надоместок е право со кое на невработеното лице му се обезбедува материјална и социјална сигурност за време на невработеност, но само во услови кои ги предвидел законодавецот во оспорениот член 67 од Законот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни норми како и оспореното законско решение, од аспект на наводите во иницијативата за оспорената одредба според Судот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што оспорената одредба еднакво се однесува на невработените граѓани чиј работен однос престанал по ист основ. Имено, најчести основи и случаи за стекнување на правото на паричен надоместок е престанокот на работниот однос поради стечај или деловни причини. Што се однесува пак до спогодбениот престанок на работниот однос, Судот оцени дека истиот како основ не спаѓа во овие основи за остварување право на паричен надоместок и истиот е исклучен од условите за остварување на право на паричен надоместок од причина што се работи за категорија на лица кои го оствариле правото на работа, биле во работен однос и по нивна волја истиот е раскинат.

Според Судот, овие лица не се во иста положба со работниците на кои работниот однос им престанал поради стечај и деловни причини, од причини што со нивна волја го прекинале работниот однос и на тој начин се довеле себеси во состојба на социјален ризик. Оттука, и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека овие лица се од иста категорија и на тој начин се довеле во нееднаква положба со наведените невработени лица и со тоа им било спречено да го остварат правото на паричен надоместок.

Тргнувајќи од тоа дека станува збор за две категории на лица, не постои нееднаквост, односно станува збор за лица кои со спогодба го раскинале, односно прекинале работниот однос, кои го оствариле правото на работа, биле во работен однос и имале соодветна материјална и социјална сигурност во споредба со лица на кои работниот однос им престанал без нивна волја, вина и се нашле во положба на социјален ризик. Оттука, според Судот, тоа било појдовна основа Законот да ги определи условите за стекнување на право на паричен надоместок. “

Аргументите за различно толкување и примена на оспорената одредба од случај до случај истакнати во иницијативата, за Судот се неприфатливи, од причина што истата не е во спротивност со Уставот, а веќе Уставниот суд се произнел по оваа одредба.

Со новоподнесената иницијатива, повторно од истите подносители, Асоцијацијата „МАГНА КАРТА“ од Велес и Движењето за социјална правда „ЛЕНКА“ од Скопје, се оспорува истиот член кој веќе бил предмет за одлучување во Уставниот суд.

Според Судот, причините и аргументите изнесени во новоподнесената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решението У.бр.247/2007 поради што Судот утврди дека нема основи повторно да одлучува за истата работа иницирана со сега поднесената иницијатива поради што во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба.

Поаѓајќи од изнесенава уставно судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот, од аспект на членовите 8 став 1 алинеја 3; 9; 11 став 2; 32 став 1 и 2; 35 став 1; 34; 51, и 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, односно неможе од овој аспект уставно да се проблематизираат бидејќи не биле во согласност со Уставот, а со тоа не се повредува и принципот на правната заштита на сопственоста. Притоа треба да се има предвид дека не е во надлежност на Судот оценката на примената и имплементација на оспорената одредба од надлежните органи, на што во дел се посочува во наводите во иницијативата.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на оспорената одредба и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.213/2010
2 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски