212/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 139 став 1 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 139 став 1 во деловите: „ Во решението од членот 137 на овој закон градежниот инспектор, односно овластениот градежен инспектор“ и „може да изрече и забрана за градење и користење на објектот со затворање на градилиштето.“, став 2 и став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 139 од Законот за градење означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 8, член 25, член 30, член 51, член 54 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, бидејќи мерките што ги предвидувала оспорената одредба евентуално можеле да бидат изрекувани од надлежен суд во соодветна судска постапка, но не и од инспектор. Мерките биле претерано строги и несразмерни, не биле пропорцио-нални и со нив се повредувало загарантираното право на сопственост и достоинство. Со оспорената одредба се повредувал и член 1 од Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

4. Судот на седницата утврди дека, во членот 139 став 1 од Законот за градење е предвидено дека, во решението од членот 137 на овој закон градежниот инспектор, односно овластениот градежен инспектор покрај определените мерки од членот 138 на овој закон може да изрече и забрана за градење и користење на објектот со затворање на градилиштето.

Забраната за градење и користење се огласува на огласна табла на органот кој ја води постапката и се објавува најмалку во два дневни весници од кои еден е на јазиците на припадниците на етничките заедници (став 2).

Со изрекувањето на забраната изведувачот, односно инвеститорот е обврзан да го затвори градилиштето и пристапот во објектот на начин определен од инспекторот, во спротивно решението е основ за извршување на дејствие кое може да го изврши само должникот во постапка пред извршител согласно со Законот за извршување, како и извршување заради испразнување на недвижност, ствари и лица кои ќе се затекнат во постапката на присилно извршување по решението на градежниот инспектор, односно овластениот градежен инспектор, или извршување заради исполнување на дејствие кое може да го исполни трето лице наместо должникот. За пристапување кон присилно извршување инспекторот донесува заклучок за пристапување кон извршување против кој е дозволена посебна жалба. Жалбата не го одлага извршувањето на заклучокот. Решението на инспекторот е извршна исправа (став 3).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Според став 3 од истиот член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од анализата на оспорениот член 139 од Законот произлегува дека ставот 1 од оваа одредба содржи повикување на определени мерки од членот 138 од Законот, кој пак со Одлука на Уставниот суд У.бр.262/2009 од 2 февруари 2011 година е укинат и повеќе не е дел од Законот. Според тоа, повикувањето на определени мерки содржани во укинатиот член 138 од Законот, содржано во оспорениот член 139 од Законот е беспредметно и треба да биде отстрането од правниот поредок, а со цел да не создава правна забуна во операционализацијата и примената на Законот.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека по однос на членот 139 став 1 од Законот во делот: „покрај определените мерки од членот 138 на овој закон“ основано може да се постави прашањето за негова согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Од анализата на останатиот дел од ставот 1, како и на ставовите 2 и 3 од членот 139 од Законот, произлегува дека со нив се уредува правна проблематика која се однесува на преземање на дејствија од страна на градежниот инспектор во врска со донесување на решение за забрана за градење и користење на објектот со затварање на градилиштето, огласување на така донесената забрана, како и на обврските кои ги имаат инвеститорот и должникот по повод забраната и начинот на кој се врши присилно извршување на истата. Според тоа, содржината на наведените одредби како јасно и недвосмислено законско решение не може да се доведе во корелација со начелото на владеењето на правото и загарантираното право на сопственост, од каде, оспорувањето на целината на членот 139 од Законот заради негова несогласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 од Уставот е несоодветно.

Тргнувајќи од анализата на целината на оспорениот член 139 од Законот произлегува дека изречената забрана од градежниот инспектор, под услови определени во ставот 3 од одредбата, може да преставува основ за извршување на дејствие согласно со Законот за извршување, како и извршување заради испразнување на недви-жност, ствари и лица кои ќе се затекнат во постапката на присилно извршување по решението на градежниот инспектор, односно овла-стениот градежен инспектор, или извршување заради исполнување на дејствие кое може да го исполни трето лице наместо должникот. Притоа, за пристапување кон присилно извршување инспекторот донесува заклучок за пристапување кон извршување против кој е дозволена посебна жалба, која не го одлага извршувањето на заклучокот, а решението на инспекторот е извршна исправа. При ваква состојба Судот оцени дека се неосновани наводите од иницијативата дека изрекување на наведените мерки требало да биде направено од страна на надлежен суд во соодветна судска постапка, наместо законското решение тоа да го прави градежен инспектор. Ова од причини што прашањето за тоа кој орган и во каква постапка ќе изрекува забрана за градење и користење на објектот со затворање на градилиштето, односно ќе го спроведе присилното извршување на така донесените мерки, заради заштита од незаконски дејствија во градењето е прашање кое навлегува во сверата на целисходноста на законското решение, за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Поаѓајќи од наведеното Судот оцени дека целината на оспорениот член 139 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8, член 25, член 51, член 54 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.212/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски