21/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 98 ставовите 3, 4 и 8 и член 125-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Блаже Крчински од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 51 ставивите 1 и 2, член 53 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Член 98 став 3 од Законот во делот:„односно електронски потпис, е-меил и контакт телефон“ не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9 став 2, член 53 и член 55 став 1 од Уставот. Ова затоа што се поставувало прашање дали писмен поднесок што нема да содржи електронски потпис, е-меил и контакт телефон треба да биде отфрлен како неуреден. Доколку поднесокот се поднесувал по писмен пат, што било овозможено со овој закон, се поставувало прашање како да се достави електронски потпис, ако се имало предвид дека истиот може да се искористи само кај документи во електронска форма. Исто така, во однос на е-меилот и контакт телефонот како задолжителни елементи на секој поднесок не било јасно која е целта за нивното доставување и дали навистина можело тужба или друго писмено да биде отфрлено како неуредно само поради немање на контакт телефон или е-меил. Оспорената одредба била во спротивност и со член 6 став 1 од Европската конвенција за човековите слободи и права, според кој била предвидена можност на секого на еднаков пристап пред независен и непристрасен трибунал. Со оспорената одредба грубо се кршел Уставот, од причина што станувало збор за законска обврска на адвокатите да имаат е-меил и телефонски број за да можат да ја обавуваат својата основна дејност. Ваквата одредба била целосно во спротивност со општо прифатените норми на меѓународното право, затоа што спротивно на истите создавала обврски за граѓаните да мораат да имаат пристап до интернет и средствата за електронска комуникација.

Член 98 став 4 целосно не бил во согласност со Уставот од причина што во него се наведувало дека поднесоците треба да содржат и електронско сандаче за достава на писмената, со што се работело за една императивна норма што треба да содржи поднесокот и без кој елемент истиот би бил отфрлен. Имено, со оваа одредба адвокатите како вршители на јавни овлстувања се доведувале во нееднаква положба со останатите субјекти на пазарот кои можат исто така да се јавуваат како учесници во парничата постапка, а за кои такво задолжение не било предвидено, што било во директна спротивност со член 55 став 2 од Уставот. Оправдано се поставувало прашањето што е со оние адвокати кои не знаат или немаат како технички така и финансиски средства за имплементирање на оваа одредба во своето работење. Доколку опстоела оваа одредба, ќе довела и до нееднаквост меѓу самите адвокати. Сето ова значело воведување на нелојална конкуренција и најгруба повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, фаворизирање на определен дел од адвокатската фела, со што адвокатите кои не знаат да ракуваат со електронски уред – компјутер и немаат знаење и можност да се приклучат на интернет, ќе биле дискриминирани и приморани да ги затворат своите адвокатски канцеларии само затоа што немало да можат да ја исполнат оваа одредба од Законот. Основано се поставувало прашање дали адвокат поединец кој има 60 години и е неколку години до пензија навистина мора да знае да користи интернет и електронски да прима и праќа писмена, место тоа да го стори на приемното одделение во судовите како досега. Со тоа директно се кршеле темелните вредности предвидени во правниот поредок на Република Македонија.

Член 98 став 8 во делот:„…односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон,….До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот на адвокатот задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис“, бил во спротивност со член 8 ставовите 1 и 3, како и со член 9 став 2, член 51 и член 53 од Уставот. Имено, јасно произлегувало дека оспорената одредба се повикувала на Законот за адвокатска маркичка кој повеќе не бил во сила, со што директно се кршел член 51 од Уставот, бидејќи повикување на закон што повеќе не е во сила внесувало конфузија при определување на начинот на дејствување на судот. Со оглед на фактот дека Уставниот суд веќе еднаш се произнел во однос на одредени одредби од Законот за адвокатска маркичка и ги прогласил за противуставни, како и фактот дека Законот за адвокатска маркичка бил правен пропис кој повеќе не бил во сила, според подносителот на иницијативата значело дека оспорената одредба не била во согласност со Уставот.

Оспорениот член 125-а од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 53 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот. Имено, од наведениот член јасно и недвосмислено произлегувал начинот на доставување на писмена од страна на судот до адвокатите и другите органи на државната управа, единици на локалната самоуправа со кој што писмената се доставувале исклучиво по електронски пат во електронско сандаче. Наведената одредба била во целосна спротивност со самиот Закон за парнична постапка, ако се имало предвид дека членот 125 како можност предвидувал и доставување на писмената по пошта, а додека во оспорената одредба била предвидена исклучива можност за достава на адвокатите по електронски пат. Со тоа на најгруб начин се кршеле правата на адвокатите, од причина што им се ускратувала можноста по писмен пат да комуницираат со судот, односно дека доколку немаат електронско сандаче нема да можат да ја добиваат својата пошта. Исто така, ваквата одредба ги ставала во нееднаква положба адвокатите со другите учесници на постапката – странките, што било директна повреда на член 9 став 2 од Уставот. Оспорената одредба ја земала за утврдена околноста дека сите адвокати пред се треба да имаат постојан пристап до интернет и до електронски средства за комуникација, кое нешто не било предвидено ниту во еден закон, ниту самото по себе било логично, како и околноста дека истите треба да бидат технички образовани за вршење на оваа операција која што била предвидена со Законот. Никаде во Законот за адвокатура во кој се утврдени условите кои треба да ги исполнува адвокатот за да може да врши адвокатска дејност, не се споменувало дека адвокатот треба или мора да знае да работи на компјутер, како и да има задолжително електронска пошта. Доколку опстои оспорената одредба, тоа сериозно ќе го разнишало правниот поредок, во кој очигледно противуставна норма, „електронска форма на доставување на писмена“ станувала задолжителна, додека пак доставувањето во писмена форма за адвокатите воопшто не било предвидено, па закнодавецот сериозно ги изместувал веќе втемелените и воспоставени вредности со Уставот.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените одредби и да утврди дека истите не се во согласност со Уставот и општо прифатените норми на меѓународното право.

3. Судот на седницата утврди дека според член 98 став 3 од Законот за парничната постапка, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон. Според став 4 на овој член, поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локална самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот 3 на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон. Согласно ставот 8 на истиот член, поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокат задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис.

Според член 125-а од Законот, доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државната управа, единици на локална самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставната основаност на оспорените член 98 ставовите 3, 4 и 8 и член 125-а од Законот за парничната постапка, веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија.

Со Решение У.бр.109/2011 од 14.11.2012 година, Судот изразил став дека определувањето во член 98 став 4 од Законот, поднесоците поднесени од адвокатите и други правни лица кои вршат јавни овластувања да треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон, всушност значи дека законодавецот го третира електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон како дел од постапката пред судовите заради брзо и ефикасно постапување на судовите, а за уредувањето на прашањата од постапката пред судовите законодавецот има уставна основа во Амандманот XXV точка 1 став 4 на Уставот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на наведената законска одредба со Уставот. При таквото значење на електронското сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за навлегување на законодавецот во автономијата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и како субјект кој со свој општ акт ги утврдува минималните хигиено-технички услови на адвокатските канцеларии. Во однос на наводите во иницијативата дека со член 98 став 3 се повредувале членовите 9, 53 и 55 од Уставот со тоа што определуваат субјектите кои доставуваат поднесоци до суд да мораат да достават електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон иако не можеле сите граѓани тоа да го остваруваат поради економски или интелектуални причини, Судот оцени дека таквите наводи всушност значат барање од Судот да ја земе предвид општествената реалност и да ја подведе под наведените уставни одредби. Тој аспект, пак, не е надлежност на Уставниот суд, туку на Собранието на Република Македонија и на органите на извршната и судската власт, поради што тој аспект од иницијативата Судот го отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот. Исто така, наводите во иницијативата, дека со член 98 став 4 се повредувале членовите 9, 53 и 55 од Уставот со тоа што определуваат адвокатите да имаат обврска во поднесоците да внесуваат и податоци за електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон иако не можел секој адвокат, од економски или интелектуални причини, да поседува компјутер, Интернет, да работи на компјутер, всушност значи Судот да го земе предвид знаењето на адвокатите да употребуваат компјутери, Интернет, како и нивните примања, и таа состојба да ја подведе под наведените уставни одредби. Но, Судот оцени дека не е надлежност на Уставниот суд да ја зема предвид општествената реалност и да ја подведува под соодветните уставни одредби, па и овој дел од иницијативата го отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Со Решение У.бр.216/2011 од 12.12.2012 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 98 став 8 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010). Во ова решение Судот оцени дека Законот за парничната постапка во членот 98 содржи одредби кои пропишуваат кои елементи треба да содржи поднесок упатен до судот. Во таа насока, ставот 8 од истиот член, пропишува дека задолжителен елемент на секој поднесок е адвокатски печат, односно електронскиот потпис кога поднесокот се упатува по електронски пат, како и адвокатската маркичка, која се уште не е уредена со посебен закон. Со оглед на карактерот на адвокатурата како носител на права, обврски и овластувања како јавна служба да обезбедува правна помош, таа мора да ги почитува законските решенија. Оспорената одредба од законот, воедно обезбедува одредени стандарди во постапувањето на адвокатите, како услов поднесокот да се смета за уреден. На тие стандарди и барање за квалитет на поднесоците упатени до судот, во својство на полномошници на странките, е и одредбата од членот 101 став (1) од Законот (изменет и дополнет со членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010). Со оглед на тоа што станува збор за квалификувано лице за застапување пред суд, законот е категоричен во своето барање за поднесоците да одговорат на законските барања, а на тоа треба во прв ред да внимаваат полномошниците кои истите ги поднеле. При тоа, еднаков третман имаат сите видови на полномошници опфатени со членот 81 став (1) од законот.

Со Решение У.бр.96/2011од 26 септември 2012 година, Судот изразил став дека оспорениот член 125-а од Законот, според кој јасно произлегува дека доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државна управа ……, се врши исклучиво по електронски пат во електронско сандаче, основано се доведува под сомнение за согласноста со член 9 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради што поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба од Законот. Ова од причина што предвидените начини на достава во членот 125 не се однесуваат и на лицата во член 125-а, и истовремено со овој член се повредува начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Имено, најнапред со овластувањата дадени во член 125-а од Законот, се создава обврска да секој адвокат, државен орган задолжително да имаат компјутер и истовремено е-меил адреса, што во општествени услови во Република Македонија е апсурдно, а доколку повеќе што и најголемиот граѓански суд во Република Македонија – Основниот суд Скопје II Скопје се уште нема компјутерска можност за ваков начин на достава. Имено, по барање на Судот, Основниот суд Скопје II Скопје писмено го извести Судот дека е во тек изработка на сценарио за креирање на веб портал преку кој ќе се врши електронска достава, што значи во моментов не постојат ниту технички услови и претпоставки за ваков вид на достава, кој според оспорениот член 125-а од Законот (кој веќе е во примена) е единствен за наведените лица во овој член од Законот. Судот оцени дека начинот на доставување на поднесоците на адвокати ….. исклучиво и единствено по електронски пат во електронско сандаче не е во согласност ниту со Уставот на Република Македонија, ниту со европското законодавство. Ова од причина што во нашата законска регулатива дадена во членовите 125-а и 126-а од Законот за парничната постапка, не предвидува и друг начин на достава на писмената, односно тој начин да биде алтернативен, ниту пак предвидува добивање на согласност од странката за вршење на достава на овој начин. Меѓутоа, со Решение У.бр.96/2011 од 26 септември 2012 година, Судот ја запре поведената постапка, од причини што предлогот за укинување на оспорената одредба од Законот не беше изгласан.

Повторно членот 125-а од Законот бил предмет на оцена пред Уставниот суд во предметот У.бр.109/2011, при што со Решението У.бр.109/2011 од 14 ноември 2012 година, Судот утврди дека со Решение У.бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година, Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 125-а од Законот, но со Решение У. бр.96/2011 од 26 септември 2012 година ја запре поведената постапка на тој начин што предлогот за укинување на оспорената одредба од Законот не беше изгласан. При таква состојба, и немање на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во наведениот дел согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Судот да ја цени уставната основаност на член 98 ставовите 3, 4 и 8 и член 125-а од Законот за парничната постапка, односно уставната основаност на законското решение според кое поднесоците кои се доставуваат до Судот, помеѓу другото, треба да содржат електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон, а поднесоците поднесени од адвокати треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно закон, преку кое се врши доставата на писмената, од истите причини како во претходните предмети.

Со оглед дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на овие законски одредби, од истите причини како во сега доставената иницијатива и оценил дека со истите не се повредува Уставот, а нема основи за промена на ставот на Судот по ова прашање, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Наводите во иницијативата за неуставноста на член 98 став 8 од Законот поради тоа што Законот за адвокатските маркички не бил повеќе во сила, поради што произлегувало дека оспорената одредбата се повикува на закон кој не е во сила што внесувало конфузија при определување на начинот на дејствување на судот, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што оспорената одредба е начелна, јасно определува дека адвокатската маркичка се уредува со посебен закон и го уредува начинот на постапување во периодот до донесување на посебниот закон. Фактот што Законот за адвокатски маркички, како посебен закон со кој се уредуваа адвокатските маркички, престана да важи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2013), не влијае на јасноста на оспорената одредба, затоа што останува обврската на законодавецот да донесе друг посебен закон со кој ќе ја уреди адвокатската маркичка (доколку го задржи истиот концепт за воведување на адвокатски маркички), а начинот на постапување до донесување на тој закон е уреден, поради што не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека оспорената одредба повикувала на закон кој не е во сила и дека поради тоа се внесувала конфузија во постапувањето на судот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски

У.бр.21/2014
23 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева