21/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведувањe постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за работа на хотел „Илинден“ со депанданс, донесен од министерот за одбрана на 19 јуни 2009 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со Правилникот се уредувала материја за која министерот за одбрана немал законска основа со оглед дека ниту Законот за одбрана, ниту Законот за служба во Армијата на Република Македонија, ниту било кој друг закон, ја уредувале таа материја за да може да биде разработена со правилник, ниту било кој закон го овластувал министерот за одбрана да ја уреди таа материја.

Членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа определувал дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи, заради нивно извршување, членот 56 став 1 од истиот закон определувал дека министерот донесува правилници и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, но само кога за тоа е овластен со закон, а членот 61 став 1 од тој закон определувал дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се уредуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, па од сите наведени законски и уставни одредби подносителот на иницијативата смета дека произлегува обврска да морало да постои законска уреденост или законско овластување за министерот да може да ја уреди наведената материја, а, бидејќи немало таква основа, Правилникот бил незаконит и неуставен.

Покрај тоа, уредувањето на конкретната материја со Правилникот не било ниту објавено во „Службен весник на Република Македонија“, па необјавувањето на Правилникот во наведеното службено гласило не било во согласност со член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002), според кој во „Службен весник на Република Македонија“ се објавуваат правилниците за кои со закон се овластени да ги донесуваат министерите, а не било во согласност ниту со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, според кои законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и тие се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна седум дена од нивното донесување (став 2).

Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека целината на Правилникот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 52 ставовите 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, потоа со член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и со член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Правилникот се определува дека со него се уредува „организацијата и работата на хотел „Илинден“ со депанданс, намената на користење, постапката за стекнување на право на времено сместување, куќниот ред, чувањето на опремата и инвентарот, постапката за престанок на временото сместување и начинот на исплата на станарината.“ Член 2 од Правилникот определува дека „хотелот е со седиште во Скопје“. Во член 3 се предвидува дека „со организацијата и работата на хотелот раководи одговорен работник“ (став 1), а „работите и задачите во хотелот ги вршат извршители согласно Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за одбрана“ (став 2). Во член 4 се утврдува дека „хотелот има рецепција и 87 соби, од кои 3 апартмани, 23 двокреветни соби и 61 еднокреветна соба, со вкупно 116 лежаи“ (став 1), а „во составот на хотелот се наоѓа депанданс со 38 соби, со вкупно 60 лежаи“ (став 2) и „во состав на хотелот се објектите Вила 1 и Вила 2“ (став 3).

Според член 5 од Правилникот, „хотелот е наменет за пружање услуги за времено сместување на лица вработени во Министерството за одбрана, професионални војници, воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија кои поради потреба на службата живеат одвоено од потесното семејство (брачен другар и деца) повеќе од 30 дена“ (став 1). „По исклучок од став 1 на овој член, услуги за времено сместување можат да користат и лица што ќе ги определи министерот за одбрана“ (став 2). „За временото сместување во просториите на хотелот се плаќа станарина“ (став 4). Во член 6 се определува дека „хотелот не е наменет за сместување на семејства на лицата од член 5 став 1 на овој правилник.“

Членовите 8 и 9 од Правилникот се посветени на постапката за стекнување на право на времено сместување (барање до Министерството во прилог на кое се доставуваат: решение за распоредување или наредба за поставување на должност или наредба за упатување на работа; потврда дека барателот нема сопствен стан во Скопје; потврда дека барателот не прима надоместок на трошоци за закупнина на стан; по барањето постапува комисија формирана од министерот за одбрана, која прави ранг-листа и ја доставува до министерот за одбрана, а министерот или лице овластено од него донесува решение за избор против кое може да се поднесе жалба до второстепена комисија од областа на работните односи при Владата на Република Македонија).

Членовите 10 до 14 од Правилникот се посветени на куќниот ред во хотелот, задолжувањето и чувањето на опремата и инвентарот во хотелот.

Во член 15 од Правилникот се определува дека „лицата од член 5 став 1 на овој правилник го губат правото за стекнување на времено сместување во хотелот ако: истече рокот за времено сместување во хотелот утврден во Решението за стекнување на право на времено сместување; им престане вработувањето во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија по сите основи согласно закон; им се реши станбеното прашање во местото на извршување на работите и задачите; се утврди дека покрај надоместок за трошоци за одвоен живот примаат и надоместок на трошоци за закупнина на стан; најмногу за два месеци не ја платат станарината во утврдениот рок; не го почитуваат куќниот ред на хотелот.“

Членот 16 од Правилникот определува дека „лицата кои се стекнале со право на времено сместување во хотелот не се стекнуваат со станарско право на собите во хотелот.“

Членовите 17 и 18 од Правилникот се преодни и завршни одредби.

Имајќи ја предвид изнесената содржина на оспорениот правилник, Судот утврди дека со Правилникот се уредува материја (1) во врска со конкретен објект-хотел „Илинден“ во Скопје, со точно определен број на соби, (2) користењето на тој објект од конкретни лица-вработени во Министерството за одбрана, професионални војници, воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија кои поради потреба на службата живеат одвоено од потесното семејство (брачен другар и деца) повеќе од 30 дена, а не и за нивните семејства, при што (3) сместувањето е привремено и корисниците не стекнуваат станарско право на собите во хотелот. Со други зборови, Судот утврди дека Правилникот се однесува на вработените во Министерството и Армијата на Република Македонија и за нивно привремено сместување поради потребите на службата.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед дека одредбите од Правилникот се однесуваат само на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија заради нивно привремено сместување во конкретен објект наменет за потребите на службата, Судот утврди дека Правилникот има карактер на интерен акт, а не на пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2013
26 јуни 2013 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски