21/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септемврик 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 67 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот за прекршоците се правела разлика во правата помеѓу граѓаните и правните субјекти, без основ за тоа, како и дека непотребно се усложнувале работите. Имено, одлагањето на извршувањето на одлуката за плаќање на глобата требало да биде дозволено за сите субјекти без исклучок без оглед на висината на глобата, до правосилноста на одлуката. Бидејќи тоа не било обезбедено со оспорените одредби од Законот, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 62 став 2 и ставот 3 од Законот, како несогласни со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 13 став 1, членот 50 став 2, членот 51 и членот 54 ставови 1 и 2.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 67 став 1 од Законот е предвидено дека против одлуката за прекршок што ја донел прекршочниот орган може да се поднесе тужба за поведување управен спор. Тужба може да поднесе лицето (физичко или правно) на кого му била изречена санкцијата, неговиот законски застапник, односно бранителот, оштетениот и неговиот застапник и сопственикот на одземените предмети во прекршочна постапка.

Според ставот 2 од овој член од Законот, тужбата од ставот 1 на овој член го одлага извршувањето на одлуката за плаќање на глобата, освен ако изречената глоба со одлуката и трошоците на постапката вкупно не надминуваат за физичко лице 100 евра во денарска противвредност, за одговорно лице во правно лице, службено лице или за трговец поединец 500 евра во денарска противвредност и за правно лице 1000 евра во денарска противвредност.

Според ставот 3 од овој член од Законот, на предлог на тужителот поднесен заедно со тужбата судот кој е надлежен да одлучува за управен спор со посебно решение ќе го задржи извршувањето на одлуката од ставот 2 на овој член до нејзината правосилност, ако подносителот на тужбата докаже дека поради извршувањето ќе настане ненадоместлива штета.

Според ставот 4 од овој член од Законот, Судот надлежен да одлучува за управен спор постапката на судска заштита ја води според Законот за управните спорови.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 13 став 1 и Амандманот XX од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Според членот 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за прекршоците во членот 1 определил дека со овој закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршување на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (во натамошниот текст: прекршочни органи).

Со одредбите од Законот, меѓу другото е уредено дека: прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција (член 5); глобата се пропишува и изрекува како главна санкција (член 15 став 1); и во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката (член 16 став 1).

Во третиот дел од Законот со одредбите од членовите 53-156 е уредена „прекршочната постапка“.

Според Законот, прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд, а за одделни прекршоци определени со закон и орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања на надзор над спроведување на законите со кои се пропишани прекршоците (член 53 ставови 1 и 2); за прекршок и за изрекување на прекршочна санкција одлучуваат судот, односно прекршочниот орган со одлука, против која се дозволени правни средства утврдени со овој закон (член 57); а во делот на одредбите кои се однесуваат за прекршочната постапка пред прекршочен орган, со член 66 е определено дека прекршочниот орган при водење на прекршочната постапка соодветно ги применува одредботе на Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон и со законот со кој е пропишан прекршокот поинаку не е определено.

Со Законот за прекршоците не е предвидено право на жалба против одлуката на прекршочниот орган но е обезбедена судска заштита со правото на поведување на управен спор и со членот 67 став 1 е уредено дека против одлуката за прекршок што ја донел прекршочниот орган може да се поднесе тужба за поведување управен спор од лицето (физичко или правно) на кого му била изречена санкцијата, неговиот законски застапник, односно бранителот, оштетениот и неговиот застапник и сопственикот на одземените предмети во прекршочна постапка. Во ставот 2 од овој член од Законот, е уредено дека тужбата го одлага извршувањето на одлуката за плаќање на глобата, освен ако изречената глоба со одлуката и трошоците на постапката не надминуваат определени парични вредности, а се однесуваат на лицата кои се наведени во одредбата, и за овој дел, каде тужбата не го одлага извршувањето, одредбата е оспорена со иницијативата. Во оспорениот став 3 од овој член од Законот, е уредено дека на предлог на тужителот поднесен заедно со тужбата судот кој е надлежен да одлучува за управен спор со посебно решение ќе го задржи извршувањето на одлуката од ставот 2 на овој член до нејзината правосилност, ако подносителот на тужбата докаже дека поради извршувањето ќе настане ненадоместлива штата.

Од анализата на оспорените одредби од Законот, произлегува дека законодавецот пропишал извршувањето на плаќањето на глобата да биде по правосилното окончување на управната постапка, како правило во постапката. Меѓутоа во постапка со оспорените одредби, странките се лишени од наведената законска гаранција за одлагање на извршување на одлуката на првостепениот управен орган до правосилноста, не заради процесни правила кои системски го условуваат правното дејство на актите, туку заради елемент кој нема врска со тоа, односно се врши поделба на правото во зависност од висината на паричниот износ на глобата и тоа е од законодавецот прифатен критериум на кој наместо формален му се придава суштински карактер со цел различен правен третман на правата и обврските на странките во постапката, што Судот оцени дека нема уставен основ и не е во согласност со начелото на владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, според членот 9 од Уставот, уставната гаранција за судска заштита против конечна одлука за прекршок утврдена во членот 13 и Амандманот XX од Уставот и уставната гаранција на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа, утврдена во членот 50 став 2 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски