21/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 6 и 16 од Правилникот за регистарските таблички на моторни и приклучни возила, работни машини, земјоделски трактори, мотокултиватори, велоспиед со мотор, запрежно возило и за приклучно возило што го влече земјоделски трактор или мотокултиватор и за националната ознака (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/99).

2. Аце Трајков и Горан Илиев од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 на ова решение, односно на членовите 6 и 16 од овој правилник. Според наводите во иницијативата при замената на регистарските таблички од ТВ во ВЕ од регистарското подрачје Велес повторно се вршела наплата за регистарските таблички на моторните возила по цена од 1600,00 денари. Регистарските таблички еднаш веќе биле платени при регистрацијата на возилата, а замената на регистарските таблички со ознака ВЕ не се вршела по воља, односно по вина на граѓаните туку тоа било државна работа која настанала со промена на името од Титов Велес во Велес. Во иницијативата се укажува дека и со Решението за цените на обрасците што се употребуваат во Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/95) не биле определени цени за обрасци за регистарски таблички.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се пропишува формата, бојата, големината и начинот на поставувањето на регистарските таблички за моторни и приклучни возила, работни машини, земјоделски трактори, мотокултиватори, велоспиед со мотор, запрежно возило и за приклучно возило што го влече земјоделски трактор или мотокултиватор и националната ознака. Во понатамошните одредби е пропишана формата, бојата, големината и ознаките на регистарската табличка. Составен дел на Правилникот е списокот на ознаките на регистарските подрачја и обрасците на регистарските таблички од 1 до 18.

Според член 6 од Правилникот регистарската табличка ќе се замени со нова регистарска табличка ако: 1. возилото биде регистрирано во друго регистрационо подрачје; 2. сопственикот на возилото го промени живеалиштето, односно седиштето во исто регистрационо подрачје; 3. се загуби или биде уништена и 4. поради дотраеност стане неупотреблива.

Во членот 16 од Правилникот е предвидено дека замена на регистарската табличка со нова ознака на регистрационото подрачје – Велес ќе се врши при продолжување на регистрацијата на возилото.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а според алинејата 2 на овој член, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на Правилникот, посебно на оспорените одредби Судот утврди дека не се пропишува обврска за граѓаните при продолжување на регистрацијата, а заради замена на регистарската табличка со нова ознака на регистрационото подрачје Велес да плаќаат за табличката 1600 денари, односно не постои пропис за ваква обврска на граѓаните од регистрационото подрачје Велес.

Со оглед на тоа што не постои пропис, а Уставниот суд одлучува за уставноста и законитоста на законите и другите прописи кои се во правниот поредок на Републиката Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување на Судот по иницијативата. Тоа, пак, што органот за внатрешни работи надлежен за регистрација на возилата наплатува за замена на регистарската табличка од регистрационото подрачје Велес, поради промената на името на ова регистарско подрачје, е фактичко прашање, кое исто така, не е во надлежност да го утврдува и да го оценува Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.21/2000
15 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков