211/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јануари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за централно зеленило покрај реката Вардар – јужен дел (Градски парк) – Скопје, во делот на урбан модул бр. М5, донесена под бр.07-1250/1 на 6 јули 2004 година од Советот на општина Центар (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2004).

2. Јавното правобранителство на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука во дел од урбанистичкиот план за локацијата на објектот Кермес означена во планот како Модул 5 парцела 5.3. била спротивна на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001) и на член 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2003).

Притоа во иницијативата, а ниту во нејзиното појаснување, не се наведуваат конкретни причини поради кои оспорената одлука не е во согласност со наведените одредби од означениот закон и правилник, односно во што точно се состојат повредите на тие одредби направени со оспорената одлука. Наместо тоа, како доказ дека оваа одлука е во спротивност со наведените одредби од Законот и Правилникот, во прилог на иницијативата е доставено копие од “Синтензен приказ – планиран развој” од Деталниот урбанистички план чии измени и дополнувања се извршени со оспорената одлука.

Поради наведеното, а врз основа на приложениот доказ, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста (иако во иницијативата не се наведува во однос на кој член од Уставот се оспорува одлуката) и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи во делот кој се однесува на парцелата 5.3, урбан модул 5 (локација Кермес). Во иницијативата, исто така, се предлага Судот да донесе и решение за запирање од извршување на Одобрението за градење бр.34-16- 3287/6 од 13 мај 2005 година на Министерството за транспорт и врск и, Подрачна единица Центар, издадено врз основа на оспорената одлука, а со цел да се спречат последиците кои би настанале со извршување на одобрението.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 став 1 од оспорената одлука се пропишува дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Централно зеленило покрај реката Вардар – јужен дел (Градски Парк) – Скопје. Во ставот 2 на истиот член се утврдува дека Одлуката ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996), Пра- вилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).

Во членот 2 од Одлуката е утврдена површината и границите на просторот за кој се донесува овој детален урбанистички план. Во овој член, исто така, е содржан и билансот на показтели за површината на урбаниот опфат, парковското зелелнило, спорт и рекреација, површина под пешачки патеки, површини под сообраќајници, тротоари и паркинзи, површина во рамките на урбанистички парцели, површина за градба и др.

Според членот 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план содржи: текстуален дел и графички прилози, кои истовремено се и составен дел на самата одлука. Според овој член графички прилози на планот се: Извод од Генералниот урбанистички план од 2002 година, Извод од Деталниот урбанистички план од 1997 година, Постојна состојба на објекти, Постојна состојба – височина на објекти и Синтезен план – планиран развој.

Во наредните членови на Одлуката се уредуваат прашања во врска со заверувањето и потпишувањето на планот (член 4), рокот во кој треба да се обезбеди комплетна документација за остварување на планот (член 5), чувањето и грижата за реализација на Одлуката, со сите нејзини делови (член 6) и на крајот во членот 7 се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Разгледувајќи ја содржината на иницијативата, како и приложеното фотоко- пие од синтезниот приказ, Судот утврди дека подносителот на иницијативата, закони. тоста на Одлуката фактички ја оспорува поради неправилна примена на нормативите и стандардите во случај на спорната парцела бр.5.3, урбан модел 5, а не поради повреда на постапката во која е донесена оваа одлука.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека во иницијативата се бара оценување на законитоста на дел од Одлуката не поради повреда на постапката во која таа е донесена, туку затоа што при планирање на објектот на спорната парцела не биле почитувани, односно неправилно биле применети нормати- вите и стандардите утврдени во членот 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2003), Судот утврди дека во конкретниот случај не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата. Ова од причини што во членот 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој што е изменет со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), а на кој се повикува подносителот во иницијативата, само се упатува на задолжителната примена на норма- тивите и стандардите за уредување на просторот, додека тие се утврдени во соодвет- ниот правилник донесен согласно овој член од Законот.

Оттука, со оглед на тоа што стандардите и нормативите за планирање на просторот не се утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, туку во подзаконски акт (правилник), постапувањето на Судот по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на оспорениот дел од Одлуката од аспект на причините поради кои таа се оспорува, во суштина би значело Судот да одлучува за согласноста на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003), а за тоа Уставниот суд, пак, согласно член110 од Уставот не е надлежен, затоа што и Одлуката и овој правилник се подзаконски прописи, односно прописи со иста правна сила.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.211/2005
25 јануари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова