211/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 став 7 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.74/2004).

2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, застапуван од претседателот Мирјана Најчевска на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот не биле согласни со член 12 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се правела генерална повреда на неприкосновеноста на личната слобода.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека лицето кое е повикано или присилно доведено во органот на Министерството за внатрешни работи, независно од тоа што ќе биде известено дека не е лишено од слобода, сепак лишувањето од слобода не значело само држење на лицето со сила во одредена просторија, туку и самиот факт дека лицето или не може да напушти одредено место или е обврзано да дојде на некое друго место, претставувало вид на лишување од слобода, односно ограничување на слободата.

За подносителот на иницијативата е ирелевантен фактот што во оспорените одредби од Законот за приведувањето на лицето кумулативно се исполнети двата услови: постоење на судска одлука и очигледно избегнување на лицето да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено за можноста од присилно доведување, затоа што смета дека присилното доведување е оправдано само за изведување на лицето пред надлежните судски органи – кога се работи за осомничено лице.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 49 став 7 од Законот повиканото лице може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно избегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда. Лицето кое се јавило на поканата или било присилно доведено, а одбило да даде известување не може повторно да се повикува од исти причини.

Во членот 49 став 8 од Законот е предвидено дека лицето кое е повикано или присилно доведено ќе се поучи за правата од членот 3 на овој закон, како и за околноста дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди.

4. Согласно член 12 став 2 од Уставот на Република Македонија никому не може да му биде ограничена слободата освен со одлука на Судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот предвидува можност за ограничување на слободата само кога кумулативно се исполнети два услова: 1. да постои одлука на судот и 2. случаите и постапката на тоа ограничување на слободата да бидат утврдени со закон.

Со други зборови, според Уставот законодавецот е овластен да ги определи случаите и постапката кога слободата на човекот може да биде ограничена.

Врз основа на оваа одредба е донесен Законот за кривичната постапка според кој пред да се донесе правосилна пресуда, слободите и правата на обвинетиот и другите лица можат да бидат ограничени само во мера која е нужна и под услови што ги предвидува Законот.

Според Законот ако постојат основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Министерството за внатрешни работи е должно да ги преземе потребните мерки да се пронајде сторителот на кривичното дело, соучесникот да не се скрие или не побегне, да се откријат или обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, како и да се соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешното водење на кривичната постапка.

Во оваа констелација во ставот 6 на овој член од Законот (кој не е оспорен и чија содржина подносителот на иницијативата не ја зема предвид) е предвидено дека заради собирање на потребни известувања, Министерството за внатрешни работи со писмена покана може да повикува граѓани, а во поканата мора да се наведат причините за повикувањето и правата од членот 3 на овој закон (лицето да биде известено на јазик што го разбира, да му се соопштат причините за повикување, да се поучи за правото да молчи, и сл.).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од ставот 7 и 8 на овој член од Законот кои предвидуваат поканетото лице да може да биде присилно приведено доколку постои судска одлука и кога очигледно избегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и кога своето недоаѓање нема да го оправда, како и обврската од страна на надлежниот орган да го поучи за неговите законски права и за околноста дека истото не е лишено од слобода, односно дека откако ќе даде или одбие да даде известување, може да си оди, се согласни со член 12 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Според мислењето на Судот оспорените одредби од ставот 7 и 8 од член 49 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка, кој присилното доведување на лицето во органот на Министерството за внатрешни работи го условуваат со кумулативно исполнување на двата услови: постоење на судска одлука и постоење на определени случаи и утврдена постапка, всушност го доразработуваат став 6 од истиот член според кој заради собирање на потребни известувања, Министерството за внатрешни работи може со писмена покана да повикува граѓани.

Во овој контекст, Судот имаше предвид и дека оспорената одредба од Законот е сместена во главата А – претходна постапка што укажува дека не станува збор за лишување од слобода, туку за приведување на лице на кое претходно му била уредно доставена покана и во која било предупредено за можноста од присилно доведување, а своето недоаѓање нема да го оправда.

Имајќи предвид дека Законот за кривичната постапка ги утврдува правилата со кои се осигурува никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција, тогаш е несомнено дека законодавецот мора да предвиди претходна постапка, во која спаѓаат и оспорените одредби од Законот кои всушност претставуваат баланс помеѓу заштитата на човековите права и слободи и овластувањето на Министерството за внатрешни работи, во откривањето на сторителите на кривичните дела.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.211/2004
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова