211/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Велковски Стојко и Митовски Миле од Крива Палнка му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на одредбата на член 1 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и со членовите 8, 11 и 15 од Законот за облигационите односи, поради тоа што гледачите од Крива Паланка и од други места од Републиката биле во нерамноправна положба во однос на гледачите од Скопје и некои други места, затоа што не биле во можност да ја следат втората и третата програма на Македонската телевизија, а биле задолжени да плаќаат ист надоместок.

Поради неможност за следење на телевизиските програми граѓаните од Крива Паланка телевизиските приемници ги користеле за гледање видео ленти и играње видео игри, поради што тие не можеле да претставуваат основ за плаќање на телевизискиот надоместок чија висина би требало да се определува во зависност од можностите за следење на бројот на програмите.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорената одредба од Законот е предвидено надоместокот за користење на радиодифузните приемници, корисникот да го плаќа во висина од 4% од просечната плата во стопанството во Републиката, исплатена во последниот месец, објавен од Заводот за статистика.

4. Во член 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од наведената уставна одредба, произлегува обврска за секој граѓанин да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со оглед на тоа што јавните давачки претставуваат должност на граѓаните што во основа го имаат имотот на граѓаните, според мислењето на Судот, обврската за плаќање на еднаков надоместок за користење на радиодифузни приемници го има предвид поседувањето на вакви приемници, па во таа смисла и еднаквиот износ на надоместокот се однесува на сите граѓани на територијата на Републиката иматели на радиодифузни приемници, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба, односно за нејзината согласност со член 9 од Уставот. Дали сите иматели на радиодифузни приемници се во можност да ги следат сите програми и со ист квалитет, тоа е фактичко прашање кое Уставниот суд не е надлежен да го оценува.

5. Понатаму, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два закони, односно не е надлежен да ја оценува согланоста на оспорената законска одредба со одредбите на Законот за облигационите односи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.211/96)