211/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 6 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Известувањето на Министерството за здравство бр.08-884/1 од 30 март 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трајко Пренчески и Јулијана Трајковиќ од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ускратува правото на слободен избор за користењето на породилно одсуство кога за тоа нема потреба, при што доколку не се искористи времето за задолжително породилно отсуство истото се губи, а се гури и правото на надоместок, со што се повредувало правото на заштита на мајчинството утврдено со Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека Фондот за здравствено осигурување со цел за единствена примена на член 58 став 2 од Законот за работи односи изготвило известување кое го доставило до сите подрачни единици на Фондот во кое известување е предвидено дека “Според член 58 став 2 од Законот за работни односи, врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, работничката може да го започне породилното отсуство 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓањето.
Од ова произлегува дека ако работничката не ги искористила овие 28 дена пред раѓањето, односно породилното отсуство одпочнала да го користи од денот на раѓањето на детето, при исплатата на надоместокот на личниот доход задолжитено треба да се одбијат тие 28 дена па работничката наместо девет месеци, како платено породилно отсуство ќе користи осум месеци и два дена. Во случај ако работничката почнала да користи породилно отсуство на пример 15 дена пред раѓањето, тогаш на работничката ќе и се одбијат само 13 дена, односно само деновите што во смисла на член 58 став 2 од цитираниот Закон задолжително требало да ги искористи пред раѓањето на детето”.
4. Според член 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Во член 58 став 2 од Законот за работни односи – “Работничката за време на бременост, раѓање и мајчинство има право на отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца (близнаци, тројка и слично) една година.
Врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, работничката може да го започне породилното отсуство 45 дена пред раѓање, а задолжително 28 дена пред раѓање”.
Од изнесеното произлегува дека работничката може да го користи породилното одсуство 45 дена пред породувањето, но задолжително 28 дена пред породувањето.
Всушност, со оваа одредба законот има за цел да ја заштити мајката која се наоѓа во посебна положба, односно да го заштити нејзиното здравје.
Според член 72 од наведениот закон на работникот му припаѓа надоместок на плата за време на отсуство од работа под услови и во висина утврдена со закон и колективен договор, а особено за време на годишен одмор односно поради бременост, раѓање и мајчинство и во други случаи.
Надоместокот на плата се исплатува на товар на средствата на работодавецот односно соодветниот орган.
Според член 34 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.38/91 и 46/93), правата од задолжителното здравствено осигурување, осигурениците и членовите на нивните семејства ги остваруваат во Фондот за здравствено осигурување под условите и начинот утврден со овој закон и со општите акти на Министерството за здравство.
Од изнесеното произлегува дека на работничката и припаѓа надомест за породилното отсуство што паѓа на товар на работодавецот односно соодветниот орган, а во случајов тоа е фондот за здравствено осигурување, кој надоместокот за породилно отсуство се исплатува и тоа за девет ако работничката ги искористила 28 дена пред породувањето. А доколку тие денови не се искористени прдед породувањето за тие денови не се добива надомест, затоа што за тие денови работничката добива плата.
Со оглед на тоа Судот смета дека со оспорениот акт прашањето на надоместокот за време на користење на породилно отсуство не се уредува на поинаков начин од оној утврден во законот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.211/95).