209/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 29 став 8 последна реченица, член 30 став 3, член 31 став 2, член 35 став 2 последна реченица, член 39 став 4 прва реченица, став 5 втора реченица, член 54 став 4, член 68 став 3 последна реченица, член 86 став 2, член 105 став 3 прва реченица, член 191 став 4, член 268 последна реченица, член 288 став 2, член 296 став 3 и член 377 став 3 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на наведените членови од Законот за кривичната постапка затоа што со пропишувањето дека против решенијата кои се носат во кривичната постапка, а против кои не е дозволена посебна жалба се повредува член 15 и 54 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 8 на член 29 е предвидено дека “За спојување на постапката одлучува судот што е надлежен за спроведување на единствена постапка. Против решението со кое е определено спојување на постапката или со кое е одбиен предлогот за спојување не е дозволена посебна жалба”.
Во оспорениот став 3 на членот 30 од Законот е предвидено дека “Против решението со кое е определено раздвојување на постапката или со кое е одбиен предлогот за раздвојување на постапката не е дозволена посебна жалба”.
Со членот 31 од Законот е регулирано прашањето за пренесување (делегација) на месна надлежност на некој од стварно надлежните судови а постапката се води по барање на јавниот обвинител.
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека “Против ова решение не е дозволена посебна жалба”.
Во членот 35 од Законот е предвидено дека судирот на надлежностите меѓу судовите го решава заеднички непосредно повисокиот суд.
Во оспорениот став 2 на член 35 е предвидено дека пред да донесе решение по повод судирот на надлежност, судот ќе побара мислење на јавниот обвинител кој е надлежен да постапува пред тој суд, кога кривичната постапка се води по барање на јавниот обвинител.
Против ова решение не е дозволена посебна жалба.
Во оспорениот став 4 на членот 39 е предвидено дека “против решението со кое се усвојува барањето за изземање не е дозволена посебна жалба”. Решението со кое се одбива барањето за изземање може да се побива со посебна жалба, и ако такво решение е донесено по подигнатото обвинение, тогаш само со жалба на пресудата.
Во оспорениот став 5 од наведениот член е предвидено дека “Ако барањето за изземање од член 36 точка 6 на овој закон е поднесено по почетокот на главниот претрес или ако е постапено спротивно на одредбите на член 38 ставови 4 и 5 на овој закон, барањето ќе се отфрли во целост односно делумно. Против решението со кое се отфрла барањето не е дозволена посебна жалба.
Во членот 54 став 2 од Законот е предвидена можност приватниот тужител да бара враќање во поранешна состојба, ако тој од оправдани причини не можел да дојде на главниот претрес или навремено го известил судот за промена на адресата или престојувалиштето ако во рок од осум дена по престанувањето на пречката поднесе молба за враќање во поранешна состојба.
Во оспорениот став 4 на овој член е предвидено дека “Против решението со кое се дозволува враќање во поранешна состојба не е дозволена посебна жалба”.
Во член 68 од Законот е предвидено дека наместо поставениот бранител (членовите 66 и 67) обвинетиот може самиот да земе друг бранител. Во тој случај ќе се разреши назначениот бранител.
Назначениот бранител може само од оправдани причини да бара да биде разрешен.
Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека за разрешување на бранителот од ставовите 1 и 2 на овој член одлучува, пред главниот претрес, истражниот судија односно претседателот на Советот, на главниот претрес советот, а во жалбената постапка преседателот на првостепениот совет, односно советот надлежен за одлучу вање во постапката по жалба. Против ова решение не е дозволена посебна жалба.
Во член 86 е предвидено дека за враќање во поранешната состојба одлучува претседателот на советот кој ја донел пресудата или решението кое се побива со жалбата.
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека “Против решението со кое се дозволува враќање во поранешната состојба не е дозволена посебна жалба”.
Во членот 105 од Законот е предвидено дека по предлог на овластените лица (член 97) можат во кривичната постапка според одредбите што важат за извршната постапка да се определат привремени мерки за обезбедување на имотно-правното барање што настанало поради извршување на кривичното дело.
Решението од став 1 на овој член го донесува во истрагата истражниот судија. По подигнатиот обвинителен акт решението го донесува надвор од главниот претрес претседателот на советот, а на главниот претрес советот.
Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека “Против решението на советот за привремени мерки за обезбедување не е дозволена посебна жалба.
Во другите случаи за жалбата решава советот (член 22 став 6).
Во членот 191 од Законот е предвидено дека по предавањето на обвинителниот акт до судот до завршувањето на главниот претрес притворот може до истекот на рокот од член 189 став 1 по сослушувањето на јавниот обвинител, кога постапката се води по негово барање да се определи или да се укине само со решение на советот.
Советот е должен по истекот на триесет дена од правосилноста на последното решение за притвор и без предлог на странките да испита дали се уште постојат причините за притвор и да донесе решение за продолжување или укинување на притворот.
Жалбата против решението од ставовите 1 и 2 на овој член не го задржува извршувањето на решението.
Во оспорениот став 4 од наведениот член е предвидено дека против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување или укинување на притворот не е дозволена посебна жалба.
Во член 268 е предвидено дека против одлуката на советот од член 261 став 3 на овој закон е дозволена жалба, а против одлуките од членовите 262 и 263 на овој закон жалба може да изјави тужителот.
Против другите одлуки на советот донесени по повод приговорот против обвинителниот акт не е дозволена посебна жалба.
Во членот 288 од Законот е предвидено дека против решението за казна е дозволена жалба, но советот може да го отповика ова решение.
Во став 2 на овој член е предвидено дека “Против други одлуки што се однесуваат на одржувањето на редот и управувањето со главниот претрес не е дозволена посебна жалба.
Во членот 296 е предвидено дека надвор од случаите предвидени со овој закон, главниот претрес ќе се одложи со решение на советот ако треба да се прибават нови докази, или ако во текот на главниот претрес се утврди дека кај обвинетиот по стореното кривично дело настапило привремено душевно заболување или привремено душевно растројство или ако постојат други пречки главниот претрес да се спроведе успешно.
Во решението со кое се одлага главниот претрес ќе се определи кога е тоа можно денот и часот кога ќе продолжи главниот претрес.
Со истото решение советот може да определи да се соберат докази што би можеле со време да се загубат.
Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека против решението од став 2 на овој член не е дозволена посебна жалба.
Според член 377 став 2 од Законот “Ако второстепениот суд најде дека постојат законски услови за изрекување на судска опомена, со решение ќе ја преиначи првостепената пресуда и ќе изрече судска опомена.
Според оспорениот став 3 на овој член “Ако поради преиначувањето на првостепената пресуда се стекнале услови да се определи односно да се укине притвор врз основа на член 345 ставови 1, 3 и 7 на овој закон, второстепениот суд за тоа ќе донесе посебно решение против кое не е дозволена жалба.
4. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции кои вршат јавни овластувања.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби од анализата на означените одредби несомнено произлегува дека со решение против кое не е дозволена посебна жалба судот одлучува за управување со постапката, а не и за главната работа.
Имено, треба да се има предвид дека постапката пред судот се уредува со закон и судот е должен да постапува согласно Законот кога е во прашање управувањето на постапката, а не и со барањето на странките во врска со управувањето и раководењето на постапката. Оттука Судот смета дека законските решенија во случаите кога се исклучува правото на посебна жалба, а се однесува само на раководењето односно управувањето на постапката не се во несогласност со Уставот.
Со цел да се испита законитоста на тие решенија кои можат да бидат од влијание на одлуката за главната работа, а при тоа да се спречат злоупотребите на учесниците во постапката, економично и ефикасно завршување на постапката, Законот пропишал дека против решенија кои се однесуваат на управување и раководење на постапката не е дозволена жалба, а жалба може да се изјави по конечната одлука.
Според тоа Судот смета дека со овој вид на решенија не се исклучува правото на жалба односно не се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Во врска со оспорувањето на член 377 став 3 Судот смета дека не може да се постави прашањето за ограничување односно повреда на член 15 со оглед на фактот што секогаш кога се определува притвор од страна на првостепениот суд е дозволена жалба, почитувајќи го уставното начело од член 15.
Наспроти тоа, ова право не се однесува на одлучувањето од страна на второстепениот суд, како што е во конкретниов случај, затоа што тоа би било востанување на право на жалба во трет степен.
5. Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 15 и 54 став 1 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го дон есе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.209/98
24 февруари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков