206/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12-б под В) Стручен кадар, алинеи 1 и 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2005), донесен од министерот за здравство.

2. Петраки Корнети од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, во оспорената одредба од Правилникот, недостасувало да бидат предвидени и хемичари, биолози и технолози кои специјализирале медицинска биохемија. Со оглед на тоа што овие кадри специјализирале медицинска биохемија под исти услови како и кадрите – лекари и фармацевти, не можело хемичарите, биолозите и технолозите како специјалисти по медицинска биохемија, да не бидат во рангот на лекарите и фармацевтите како специјалисти по медицинска биохемија, односно да не се ставени во „Стручниот кадар“ за вршење на здравствена дејност на дијагностичка биохемиска лабараторија, во Правилникот. На овој начин се вршела повреда на права на еден дел од специјалистите по медицинска биохемија бидејќи оваа категорија противуставно и противзаконито се оневозможувало да има иста правна положба со оние специјалисти по медицинска биохемија кои завршиле медицински или фармацевтски факултет и тие не можеле да основаат приватна биохемиска лабараторија само поради тоа што имале завршено друг факултет односно биле хемичари, биолози и технолози. Со оглед на тоа, оспорената одредба од Правилникот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9, членот 32 ставови 1, 2 и 5, членот 34, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 8, член 92 став 2 и член 95-б од Законот за здравствена заштита, како и членовите 22 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 92 став 2 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1996 и 10/2004), министерот за здравство го донел Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации, од 2005 година. Според членот 12-б, насловен како „Дијагностичка лабораторија“, од наведениот правилник, е предвидено:

„Дијагностичка лабораторија може да врши здравствена дејност ако има услови по однос на простор, опрема и стручен кадар за вршење на биохемиско лабараториска дејност, или за микробиолошка дејност, или за биохемиско лабараториска и микробиолошка дејност и тоа за биохемиска лабораторија под В) Стручен кадар во алинеите 1 и 2 е предвидено: – еден доктор на медицина, специјалист по медицинска биохемија и соодветна лиценца, или – еден дипломиран фармацевт, специјалист по медицинска биохемија и соодветна лиценца и …“.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од оспорената одредба од Правилникот, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот оцени дека со аргументите во иницијативата се изразува потребата во оспорениот правилник нормативно да се дополни веќе утврдениот стручен кадар без во суштина уставно и законски да се проблематизира веќе предвидениот стручен кадар, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2010
30 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски