206/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на усвојувањето на Периодичниот Извештај за работата на Јавното претпријатие за комунални дејности Облешево, број 0701-1077/1 од 19 август 2009 година донесена од Советот на општина Чешиново-Облешево.

2. Јорданчо Лефков, градоначалник на општина Чешиново-Облешево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Јавното претпријатие за комунални дејности Облешево, било должно, согласно членот 23-а од Законот за јавни претпријатија, да му го достави на градоначалникот, изготвениот извештај за работата на Јавното претпријатие во кој требало да бидат содржани податоците за видот и обемот на работите извршени при обавувањето на дејностите на јавното претпријатие, како и податоците за финансиското работење. Меѓутоа, Јавното претпријатие, во случајов, не го доставило изготвениот извештај за својата работа, до градоначалникот, туку до Советот на општината, кој по добивањето на Извештајот ја донел оспорената Одлука за усвојување на Извештајот, а со тоа Одлуката била незаконита. Воедно, Извештајот не содржел податоци за финансиското работење на Јавното претпријатие.

Со оглед на тоа што Советот на Општината си презел надлежност да усвојува Извештај за работата на Јавното претпријатие и за тоа ја донел оспорената Одлука, спротивно на членот 23-а од Законот за јавни претпријатија, оспорената Одлука била незаконита, па се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Притоа, во иницијативата нема аргументи за оспорување на уставноста на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Чешиново-Облешево ја донел оспорената Одлука, со која во членот 1 се потврдува усвојувањето на Периодичниот Извештај за работата на Јавното претпријатие за комунални дејности Облешево, кој Советот на општината Чешиново-Облешево го усвоил на седницата одржана на ден 29 јули 2009 година.

Според членот 2, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето и ќе се објави во „Службен гласник на општина Чешиново-Облешево“.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Оспорената одлука е донесена врз основа на одредби од Статутот на општина Чешиново-Облешево и со неа Советот на општината Чешиново-Облешево го потврдил усвојувањето на Периодичниот Извештај за работата на Јавното претпријатие за комунални дејности – Облешево. Со оглед на тоа што со оспорениот акт не се уредуваат определени односи, на општ начин во правниот поредок кои се однесуваат на неопределен број на субјекти во правото оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија и Судот не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, поради што се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски