206/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 115-а од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993, 55/1995 и 10/2004) и

б) уставноста и законитоста на член 9 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната стоматолошка здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/2004).

2. Здружението на приватните доктори по стоматологија на Република Македонија, Благоја Николовски од Скопје и Приватната здравствена организација Ординација по општа стоматологија со заботехничка лабораторија “Блек” од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 115-а од Законот означен во точката 1-а од ова решение и уставноста и законитоста на член 9 од Правилникот означен во точката 1-б од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Здружението на приватните доктори по стоматологија оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 9, 32 и 55 од Уставот, затоа што со него се давало можност здравствени услуги како дополнителна дејност да укажуваат само одредени здравствени работници – специјалисти вработени во здравствени установи што вршат специјалистичко-консултативна и болничка заштита со над 7 години работно искуство.

Понатаму во иницијативата се наведува дека од одред-бите на членот 144 од Законот за здравствена заштита произлегувало дека сите здравствени работници што ги исполнувале предвидените услови можат да укажуваат здравствена заштита и тоа право на укажување на здравствена заштита не било условено со претходно работно искуство.
Воедно, подносителот на иницијативата ги наведува и членовите 153-а до 153-б од Законот за здравствена заштита во кои се предвидени условите за стекнување на основна лиценца и лиценца за вршење на определена здравствена дејност, при што се предви-дени еднакви услови за сите независно од искуството што го имаат здравствените работници.

Оттаму, подносителот заклучува дека ако законодавецот дал можност сите здравствени работници со добивање на лиценца за работа да можат да укажуваат здравствена заштита, се поставува прашањето од кои причини дополнителните здравствени услуги да можат да ги укажуваат само здравствени работници специјалисти со над 7 години работно искуство.

Оспорениот член од Законот за здравствена заштита бил во спротивност и со Законот за работните односи во кој не е предви-дена категоријата дополнителна работа.

Правото на дополнителна дејност под формата “Договор за дело” за сите работоспособни граѓани е регулирано со Законот за облигациони односи (619-646).

Оспорениот член 9 од Правилникот не бил во согласност со член 9 и член 55 од Уставот, затоа што со него се предвидени посебни поповолни услови за начинот на финансирање на приватните стоматолошки ординации основани врз основа на трансформацијата на јавните во приватни стоматолошки ординации.

Според наводите во иницијативата на Благоја Николовски одредбата од член 115-а од Законот за здравствена заштита не била во согласност со член 9 став 2, член 32 став 2 и член 54 став 1 и 3 од Уставот, затоа што со неа се фаворизирала само една група на здравствени работници – специјалисти со над 7 години работно искус-тво во специјалноста и тоа само оние кои се вработени во здравствени установи што вршат специјалистичко консултативна и болничка заш-тита. Оттука, од правото на дополнителна работа се лишени сите здравствени работници со вишо и средно образование, доктори по медицина и стоматологија, сите специјалисти по медицина на трудот, педијатрите, гинеколозите, училишна медицина како и сите доктори специјалисти кои имаат помалку од 7 години стаж во специјалноста.

Наводите во иницијативата на приватната здравствена ординација “Блек” речиси се идентични со наводите изнесени во прет-ходните иницијативи, а кои се однесуваат на член 115-а од Законот за здравствена заштита.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 115-а од Законот за здравствена заштита е предвидено:

“Здравстве-ните работници специјалисти вработени во здравствена установа што вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена зашти-та со над седум години работно искуство во специјалноста можат да укажуват здравствени услуги како дополнителна дејност согласно со лиценцата за работа во установата каде што е вработен или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, најмногу осум часа неделно.

Критериумите по однос на исполнување на обврските на работното место на здравствените работници од став 1 на овој член и начинот на вршење на дополнителната дејност ги пропишува министерот за здравство.

Односите меѓу лицето од став 1 на овој член и здравст-ве-ната установа во која се укажуваат здравствените услуги како дополни-телна дејност се уредуваат со договор”.

4. Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Граѓаните имаат право и должност да го чуваат и унапре-дуваат сопственото здравје и здравјето на другите.

Имајќи го предвид член 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, Судот смета дека право е на државата односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целис-ходност на едно или друго решение и да создаде нормативни претпоставки за остварување на уставно загарантираните права на здравствена заштита, па во таа смисла да го регулира и дополнител-ното вршење на здравствената дејност.

Ова особено ако се има предвид што се работи за дејност од јавен интерес која има своја специфичност и за чие остварување имаат интерес не само граѓаните, туку и заедницата во целина.

Оттука, според мислењето на Судот со определбата на законодавецот здравствената дејност да може да се врши и како дополнителна дејност не се ограничуваат уставните права од областа на вработувањето имајќи предвид дека дополнителната работа е само сегмент на работното и професионалното ангажирање на граѓа-ните кое не влијае на остварувањето на правото на работа.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здрав-ствената заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здрав-ствено осигурување како дел од социјалното осигурување во поширо-ка смисла и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003) покрај другото, е определен кругот на правата од здравствено осигурување, односно основните здравствени услуги кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на здравственото осигурување. Имено, според член 9 од наведениот закон основните здравствени услуги осигуреното лице може да ги остварува во:

а) Во примарната здравствена заштита која опфаќа здравст-вени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравст-вената состојба, преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување, сузбивање и рано откривање на болести и други нарушувања на здравјето, укажување на медицинска помош вклучувајќи и превоз со санитетско возило, лекување во ординација, односно домот на корисникот, здрав-ствена заштита во врска со бременост и породување, спроведу-вање на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки, превентција, лекување и санирање на болести на устата и заби и лекови според листа;

б) во специјалистичка консултативна заштита осигурено лице може да врши испитување и утврдување на заболување, повре-дите и здравствената состојба, спроведување на специјализи-рани дијагностички терапевтски и рехабилитациони постапки, протези, ортопедски и други помалгала, помошни и санитетски справи и др.

в) во болничката здравствена заштита осигурено лице може да врши испитувања и утврдување на здравствената состојба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови, добивање лекови според листата на лекови, смествуање и исхрана на придружба при неопходно придружување на дете до 3 годишна возраст најмногу до 30 дена, како и обдукција на умрени по барање.

Основните здравствени услуги осигуреното лице согласно Законот за здравствена заштита ги остварува во соодветни установи на здравствена заштита.

Според член 95 од Законот за здравствена заштита во зависност од природата на здравствената дејност што ја вршат и видот на здравствените услуги што ја даваат, здравствените устано-ви се основани односно организирани како: 1. ординација, 2. поликли-ника, 3 дијагностичка лабораторија, 4. заботехничка лабораторија, 5. центар за итна медицинска помош, 6. клиничка болница, 7. здравст-вена станица, 8. здравствен дом, 9. болница (општа и специјална), 10. завод, 11. институт, 12. клиника, 13. универзитетски клинички центар и 14 аптека.

Од анализата на одредбите од член 95, 95-б, в, г, д и ѓ, 96, 97, 98, 101, 106, 107, 108 и 109 од Законот, а кои се однесуваат на тоа кои здравствени услуги во кој организационен облик осигуреното лице може да ги оствари произлегува дека специјалистичко консултативна и болничка здравствена услуга се остварува во болница, клиника, универзитетски клинички центар, поликлиника и клиничка болница.

Во специјалистичко консултативните здравствени устано-ви осигуреното лице има право на специјалистички прегледи заради испитување и утврдување на заболувањето, повредите и здравстве-ната состојба и спроведување на специјалистички, дијагностички и терапевтски и рехабилитациони мерки кои се остваруваат врз основа на упат од избран лекар.

Во болница како организационен облик осигуреното лице добива услуги кои се однесуваат на испитување и утврдување на здравствената состојба, лекување, рехабилитација и нега во болнички услови, лекови и други помошни материјали потребни за лекување како и сместување и исхрана во болнички услови.

5. Имајќи ги предвид одредбите од Законот за здравст-вено осигурување и Законот за здравствена заштита произле-гува дека во специјалистичко консултативните установи и во болница на осигурените лица можат да им се пружаат здравствени услуги кои по вид, обем и квалитет се сосема различни од оние кои што осигуре-ното лице може да ги оствари во примарната здравствена заштита. Воедно, во специјалистичко консултативните установи и болници здравст-вените работници-специјалисти и по завршувањето на соод-вет-ната специјалност континуирано стручно се усовршуваат преку следење на светските достигнувања во медицината што гарантира давање на квалитетни здравствени услуги.

Тргнувајќи токму од видот и квалитетот на услугите што можат да се добијат во специјалистичко консултативните установи и во болница, законодавецот се определил вработените специјалисти во овие установи да можат да вршат дополнителна дејност и да даваат здравствени услуги на граѓаните без оглед на тоа дали тие се осигуреници или не. Вршењето на дополнителната дејност е условено со одредено искуство на здравствениот работник во специјалноста во која се докажал и тоа најмногу 8 часа неделно.

Оттука, Судот смета дека со предвидувањето на одредени услови за вршење на дополнителна дејност не се задира во уставно загарантираните права од работен однос утврдени во член 32 во Уставот.

Воедно, Судот смета дека определбата на законодавецот за вакво решение произлегува и од интересите на граѓаните кои доколку сакаат здравствените услуги може да ги добијат во врвните здравствени установи од врвни специјалисти надвор од работното време и за истите да учествуваат со сопствени средства каде се вработени специјалисти од одредени области.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот што допол-нителната работа претставува само еден сегмент од работното анга-жирање на специјалистите што се уредува со договор врз основа на посебни критериуми, Судот оцени дека право е на законодавецот да утврди каде, кој и под кои услови ќе се врши дополнителната дејност, поради што оспорената одредба не може да се подведе под сомнение со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иниција-тивата.

6. По однос на наводите од иницијативите според кои со утврдување на можноста од вршење на дополнителна дејност само на специјалисти од медицината и стоматологијата, а не и на другите здравствени работници со понизок степен на образование, се повредува уставното начело на еднаквост Судот смета дека се неосновани имајќи предвид дека принципот на еднакво-ста значи еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност.

Имено здравствените работници со понизок степен на образование не се наоѓаат во еднаква правна положба во однос на нивниот статус, права, должности и одговорности во однос на здрав-ствените работници специјалисти.

7. Судот, понатаму утврди дека во член 9 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната стоматолошка здравствена заштита кој е поместен во преодни и завршни одредби, е предвидено дека:

“Начинот на финансирање предвиден со одредбите на овој правилник, а кој се однесува за приватните стоматолошки орди-нации основани врз основа на трансформацијата на јавните во при-ватни стоматолошки ординации (согласно член 200-к од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/2004), ќе се приме-нува по истекот на десет месеци од денот на добивањето на дозво-лата за работа од Министерството за здравство.

До истекот на рокот од став 1 на овој член надоместокот се утврдува од износот од остварената капитација по осигурено лице и преодниот надоместок до висина на износот од кој се пресметува капитацијата според член 5 и 6 од овој правилник и тоа првиот месец надоместокот е 100%, вториот 90% за да во десетиот месец надоме-стокот во процент е 10%.

Вкупниот надоместок остварен врз основа на капитацијата и износот на надоместокот од став 2 на овој член не можат да го надминат износот од кој се пресметува капитацијата според член 5, 6 и 7 од овој правилник.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според став 1 на член 35 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните соглас-но со начелото на социјална праведност.

Од наведеното произлегува дека Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 53 од Законот за здравствено осигурување за спроведување на правата и обврските од задолжително здравст-ве-но осигурување се основа фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со наведениот закон.

Во членот 54 од наведениот закон е определен делокру-гот на работата на Фондот во кој, меѓу другото, е предвидено дека Фондот ги плаќа здравствените услуги за осигурените лица на здрав-ствените установи кои ги обезбедуваат здравствените услуги.

Во членот 69, пак, е предвидено дека Фондот со општ акт, утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи за начинот на плаќањето на здравствени услуги и тоа спо-ред бројот на осигурените лица во примарната здравствена заш-тита, утврдените цени на здравствени услуги, програмите за одделни видо-ви здравствена заштита односно услуги и други критериуми.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и содржината на член 9 од Правилникот, Судот смета дека посе-бниот начин на финансирање на приватните стоматолшки здравст-ве-ни ординации кои призлегле како резултат на процесот на транс-фор-мација на јавните во приватни стоматолшки ординации кои биле дол-жни по сила на законот да се трансформираат е одраз на определен степен на социјална сигурност на вработените во овие установи.

Имено, Судот смета дека оспорената одредба која има преоден карактер не претставува извор на трајна нееднаквост меѓу вработените во здравствени установи кои по сопствена волја основале и работат во приватни стоматолшки ординации и вработе-ните во здравствените приватни стоматолшки ординации основани врз основа на трансформацијата на јавните во приватни стоматолшки ординации, туку облик на заштита на одредени работници во опреде-лен период да можат да се прилагодат на новиот режим и услови за работа.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се подведе под сомнение оспорената одредба од Правилникот со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијати-вата.

8.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1-а и 1-б од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2004
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова