206/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

1) Деловникот на Советот на Општина Кавадарци,
2) Одлуката за основање, организација и работа на управните и административните органи на Општина Кавадарци,
3) Програмата за уредување на градежно земјиште за “Зона на сервиси и лесна индустрија”,
4) Програмата за евиденција и легализација на дивоизградените објекти во Општина Кавадарци,
5) Одлуката за определување на автобуски стојалишта и такси станици за патнички возила,

6) Одлуката за начинот на изградбата во населените места во Општина Кавадарци, кои немаат урбанистичка документација,
7) Одлуката за измени и дополнување на дел од ДУП на град Кавадарци и село Сопот и ОУП на град Кавадарци, (д.л. 3,9,10,11,12,16,17,19 , 23, 69/1 и 79/1),
8) Одлуката за определување на локација за изградба на “Стопански двор со автосервис-работилница” во м.в. “Друмот”,
9) Одлуката за спроведување на јавна анкета и организирање стручна расправа на делови од ДУП Кавадарци, село Глишиќ и село Ваташа,
10) Одлуката за определување на локација за изградба на “Мала хидроцентрала – Кавадарци” во м.в. “Асова постела”,

донесени од Советот на Општина Кавадарци, на седницата од 27 јуни 1997 година, објавени во “Службен гласник на Општина Кавадарци” број 5/97.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на:

1) Решението за именување на Директор во ЈП “Комуналец” – Кавадарци,
2) Решението за именување на заменик директор во ЈП “Комуналец” – Кавадарци,
3) Решението за именување на членови на Управниот одбор на ЈП “Комуналец” – Кавадарци,
4) Решението за именување на членови на Одборот за контрола на материјално финансиското работење на ЈП “Комуналец”- Кавадарци,
5) Решението за именување на членови на Управниот одбор на ЈП “Тиквешија” – Кавадарци,
6) Решението за именување на членови на Одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈП “Тиквешија”- Кавадарци,
7) Решението за именување на членови на Управниот одбор на ЈП “Мито Х.Василев-Јасмин” – Кавадарци,
8) Решението за именување на членови на Одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈП “Мито Х.Василев – Јасмин” – Кавадарци,
9) Решението за избор на Претседател и членови на комисијата за набавка на основно средство,
10) Решението за избор на Претседател и членови на Советот на Републичкиот фестивал на хорови,
11) Решението за доделување на средства од тековната буџетска резерва,
12) Решението за доделување на финансиски средства на Народна техника Кавадарци,
13) Решението за разрешување на Претседавачот на Советот на Општина Кавадарци,
14) Решението за избор на Претседавач на Советот на Општина Кавадарци,
15) Одлуката за набавка на основно средство-телефонска централа,
16) Одлуката за набавка на основно средство – патничко моторно возило и
17) Одлуката за финансирање на Републичкиот фестивал на младински и пионерски хорови на Македонија,

донесени од Советот на Општина Кавадарци, на седницата од 27 јуни 1997 година, објавени во “Службен гласник на Општина Кавадарци” бр.5/97.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Глигор Шемов од Кавадарци, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, во која наведува дека на 27 јуни 1997 година група од 12 членови на Советот на Општина Кавадарци по своја иницијатива одржале седница во просториите на Општина Кавадарци на која бил донесен Деловник за работа на Советот на Општина Кавадарци и повеќе одлуки, решенија и заклучоци. Со ваквата седница раководел најстариот член на Советот, што претставувало груба повреда на одредбите на Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Кавадарци, со оглед на тоа што согласно член 42 став 1 и член 32 став 23 од Законот за локалната самоуправа и член 44 од Статутот на Општина Кавадарци, претседавачот на Советот е тој што ги свикува и раководи седниците на Советот. Предлагачот смета дека никој освен претседавачот на Советот не може да свикува и да раководи со седниците на Советот и дека Законот не предвидува можност членовите на Советот на општината самоиницијативно да се собираат и да одржуваат седници на советот. Понатаму наведува дека членот 32 став 3 од Законот за локалната самоуправа предвидува дека седниците на Советот на општината ги свикува претседавачот на советот на своја иницијатива или по барање од најмалку 1/4 од членовите на советот, најдоцна во рок од 15 дена од денот на нејзиното поднесување. Подносителот, како Претседавач на Советот на Општина Кавадарци, свикал седница на Советот на 27 јуни 1997 година, со почеток во 11.00 часот, меѓутоа од објективни причини седницата ја одложил, за што членовите на Советот биле навремено писмено известени. И покрај ваквото писмено известување, група од 12 членови на Советот одржале седница со која раководел еден од нив, со што, според предлагачот, била направена повреда на Статутот на Општина Кавадарци и на Законот за локална самоуправа. Предлага Судот да поведе постапка за оценување законитоста на актите донесени од Советот на Општина Кавадарци на седницата од 27 јуни 1997 година.

4. Судот на седницата утврди дека седницата на Советот на Општина Кавадарци од 27 јуни 1997 година била свикана од страна на претседавачот, а по писмено барање на седуммина советници, во смисла на членот 32 став 3 од Законот за локалната самоуправа. На седницата од вкупно 19 советници присуствувале 12, така што имало кворум за полноважно одлучување, огласно ставот 4 од истиот член.

5. Согласно член 32 став 1, 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа, Советот на единицата на локалната самоуправа работи на седници, кои се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци. Седниците ги свикува претседавачот на советот на своја иницијатива или по барање од најмалку 1/4 од членовите на советот најдоцна во рок од 15 дена од денот на неговото поднесувње.

Согласно член 42 од истиот Закон, претседавачот на советот ги свикува и раководи со седниците на советот на единицата на локалната самоуправа, се грижи за организацијата и работата на советот и ги потпишува одлуките и актите на советот и ги доставува на градоначалникот заради прогласување и објавување.

Членот 44 од Статутот на Општина Кавадарци е со идентична содржина со членот 42 од Законот за локалната самоуправа.

Од цитираните законски одредби произлегува дека седниците на советот ги свикува претседавачот на своја иницијатива, меѓутоа, дадена е можност седница на советот да се свика и по барање од најмалку 1/4 од членовите на советот, во кој што случај претседавачот е должен да свика седница во рок од 15 дена од денот кога барањето е поднесено. На овој начин со Законот за локалната самоуправа е воспоставен автоматизам за свикување на седница на советот кој што не допушта претседавачот да ја оценува потребата за свикување на седница.

Претседавачот на советот, имајќи ги предвид начинот на неговиот избор (го избира советот од редот на своите членови) и надлежностите кои му се дадени со членот 42 од Законот за локалната самоуправа, има функција на прв помеѓу еднакви, без право самостојно да одлучува за кое и да било прашање од надлежноста на советот.

6. При ваква состојба, Судот најде дека причините наведени во иницијативата не претставуваат основ за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што се донесени на регуларно свикана седница и со закон предвидено мнозинство на гласови, поради што одлучи да не поведе постапка за оценување на нивната законитост.

По однос на актите означени во точката 2 од ова решение, Судот најде дека истите според својата содржина не претставуваат прописи, во смисла на член 110 од Уставот, за кои што Уставниот суд е надлежен да одлучува, поради што одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на нивната законитост.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.206/97)