205/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 алинеја 4 од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 158/2011 и 185/2011).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 3 алинеи 5 и 6 и член 29 став 1 алинеи 3 и 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените законски одредби правните последици од осудата настапувале по сила на законот, а не како конкретна казна (забрана) што ја изрекувал судот во рамките на видовите казни односно санкции, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 98 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 од Законот за процена стручен испит за проценувач може да полага лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, да има живеалиште во Република Македонија, да има високо образование (диплома со завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТЦ), со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната, да има најмалку пет години работно искуство во соодветната област и – да има сертификат за завршена почетна обука за проценувач од соодветна област.

Во член 21 став 3 од истиот закон е утврдено дека лиценца може да добие трговско друштво за процена, ако: има регистрирана дејност процена, има вработено најмалку две лица проценувачи, има осигурување согласно со овој закон, со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност додека трае забраната, со правосилна одлука не му е изречена споредна казна забрана за добивање лиценца за овластен проценувач додека трае забраната и споредна казна одземање на лиценца за овластен проценувач, со правосилна одлука да не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на дејност процена додека траат правните последици на осудата и управителот на друштвото за процена даде изјава за проценувачите и другите вработени лица дека во работењето ќе ги применуваат правилата содржани во Кодексот за етиката на проценувачи и професионалните стандарди.

Според член 29 став 1 од Законот лиценца се одзема: ако лиценцата е издадена врз основа на неточни податоди, по барање на овластен проценувач, ако со правосилна одлука е утврдено нестручно или несовесно или ненавремено вршење на процената, ако не го продолжи осигурувањето од одговорност за штета, ако уредно не ја плаќа членарината на Комората на проценувачи, со престанок на исполнување на условите од членот 21 на овој закон за издавање на лиценца, со престанок на трговското друштво, односно смрт на овластениот проценувач рговецот-поединец,кога над овластениот проценувач е отворена стечајна постапка или ликвидациона постапка, ако со правосилна одлука е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, за времето додека траат правните последици од мерката и ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци, за времето додека траат правните последици од осудата.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од фактот дека правните последици од осудата како посебен правен институт се забранети со Уставот, законодавецот општите правила и рамки за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик, така што, во посебна глава го уредил прашањето на настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Имено во член 101 став 1 е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а според став 2 на овој член правните последици можат да се предвидат само со закон.

Според член 102 од Кривичниот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарена казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.

Оттука, иако правните последици од осудата според своето дејство имаат исти ефекти како и казните што ги изрекува судот, особено оние што се состојат во забрана за остварување и вршење определени права, сепак нивната системска поставеност во однос на казните е сосема поинаква.

Анализирајќи го оспорениот член 10 став 1 алинеја 4 од Законот за процена во контекст на наведените уставни одредби, како и одредбите од Кривичниот законик, Судот оцени дека во конкретниов случај се работи за правни последици од осудата кои настапуват по сила на закон.

Имено, од анализата на оспорената алинеја 4 од став 1 на член 10 од Законот за процена, според Судот произлегува дека стручен испит за проценувач не може да полага лице кое со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната. Со оспорениот дел од одредбата на Законот, се ограничува правото на одредено лице да полага стручен испит за проценувач, во случај кога има споредна казна забрана за вршење за професија, дејност или должност, која професија е можно да нема никаква врска со дејноста за која се полага стручниот испит – проценувач.

Оттука, со оспорениот дел од одредбата од Законот, се ограничува по сила на закон правото на едно лице да полага стручен испит и во случаи кога определената забрана не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Уставот, како и содржината на оспорениот дел од одредбата од Законот, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правото на граѓаните како последица од забрана за вршење на професија, дејност или должност.

6. По однос на условот трговското друштво да добие лиценца за процена во случаите кога на трговското друштво со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната, како и споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на дејност процена додека траат правните последици на осудата, на што се однесува член 21 став 3 алинеи 5 и 6 од Законот, не претставува ограничување директно од оспорената одредба од Законот, туку тоа ограничување произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена казната односно забраната. Тоа значи дека трговското друштво не може да добие лиценца за процена, не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од конкретната казна што со правосилна одлука ја изрекол судот.

Оттука, имајќи предвид дека во случајов неможноста за стекнување лиценца не е трајна, туку е сведена на времето додека трае забраната утврдена со одлуката на судот, а од друга страна не се однесува за било кои, туку за кривични дела од областа на процената, Судот оцени дека оспорената одредба на член 21 став 3 алинеи 5 и 6 од Законот за процена не може да биде доведена под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Со истите наводи во иницијативата кои се однесуваат за оспорување на уставноста на претходно наведените одредби од законот дека станувало збор за правни последици по сила на закон е опфатен и член 29 став 1 алинеите 3 и 10 од Законот, за кои во иницијативата не се даваат посебни аргументи за оваа одредба, но сепак и по однос на овој член Судот се впушти во уставно-судска анализа. Имено, оспорениот член 29 од Законот ги предвидува условите под кои се врши одземање на веќе доспеаната лиценца.

Оспорената алинеја 3 на ставот 1 од член 29 од Законот, предвидува дека лиценцата се одзема ако со правосилна одлука е утврдено нестручно или несовесно или ненавремено вршење на процената. Според Судот, јасно произлегува дека во конкретниов случај не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во истата станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во членот 13 став 1 од Уставот, ниту пак за повреда на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена вво член 14 став 1 од Уставот. Оспорената алинеја 3 на ставот 1 од член 29 на Законот за процена се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата му се одзема заради негово осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда. Оттука, според Судот, ова претставува услов за одземање на лиценцата, бидејќи такво лице не може да гарантира дека успешно ќе ја врши функцијата проценител. Токму од овие причини не може да се прифати дека оспорената законска одредба не била во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот.

Од анализата на оспорената алинеја 10 од став 1 на член 29 од Законот за процена, со кој е предвидено дека лиценцата се одзема ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци, за времето додека траат правните последици од осудата, според Судот, во истата не станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдени во член 14 став 1 од Уставот. Ова од причина што оспорениот член 29 став 1 алинеја 10 од Законот, се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата проценувач и на кое лиценцата му се одзема заради негово осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда. Оттука, според Судот, ова претставува класичен услов за одземање на лиценца поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице не може да дава гаранција дека истото успешно ќе се придржува на основните начела при вршењето на процената (законитост, стручност, чесност, совесност, ефикасност, професионалност …. член 3) на пазарната вредност на предметот на процена. Оспорената одредба, според Судот, е во функција на гаранција на успешно обавување на функцијата овластен проценувач. Од овие причини не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената законска одредба на член 29 став 1 алинеја 10 од Законот не е во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2011
15 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски